Жени на лидерски позиции – додадената вредност на светот

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Во својата книга “Храбри наместо совршени”, Решма Саџани пишува:

Нашата култура создаде генерации на совршени девојки како Ерика што стануваат жени кои се исплашени да ризикуваат. Ис­плашени да си ги кажат мислењата, да направат храбри избори, да си ги признаат и слават своите достигнувања и да го живеат животот што тие сакаат да го живеат, без постојано да бараат потврда од други. Со други зборови: страв им е да бидат храбри.

Од мали бебиња, до девојките секојдневно стигнуваат стотици микропораки што им велат дека треба да бидат добри, учтиви и елегантни. Заштитнички настроените родители, полни си љубов, ги облекуваат беспрекорно во комбинации со усогласени бои со соодветни панделки и им кажуваат колку убаво изгледаат. Им упатуваат многу пофалби за тоа што се најдобри ученички и што им помагаат на другите, што се учтиви и попустливи, а ги крити­куваат (но со љубов) кога се несредени, самоуверени или гласни.

Добронамерните родители и наставници ги насочуваат девој­чињата кон активности и занимања во кои се добри за да можат да брилираат, а ги одвлекуваат од оние од кои би можеле да се исфрустрираат или, полошо, да доживеат неуспех. Тоа е разбир­ливо бидејќи ги сметаме девојчињата за чувствителни и нежни, па инстинктивно сакаме да ги заштитиме од повреда или осуда.

На момчињата пак, од друга страна, им се дава слобода да талкаат, истражуваат, да се извалкаат, да паднат и, да, да згре­шат сето ова со намера да научат да бидат мажи што е мож­но порано. Дури и во денешно време, покрај целиот општествен прогрес, на луѓето им паѓа некако непријатно ако некое момче е многу колебливо, внимателно или, пак, чувствително да не збо­руваме ако заплаче“.

Општеството во кое живееме создава жени кои целиот свој живот го бркаат совршенството – тие мора да изгледаат совршено, да бидат совршено љубезни, да имаат одлични оцени на училиште, да се облекуваат убаво, да имаат совршен брак, совршена кариера, совршено чист и среден дом, совршено воспитани деца и тн. Ненамерно, со внесената програма во нашите глави, истото го правиме и со нашите деца. Ќеркичката ќе ја пофалите колку убаво изгледа во новото фустанче, колку нежно ја заспала куклата, колку добро го направила имагинарното кафе во пластичното црвено филџанче со бели точки, колку убаво пеела во хорот… а синот? Е тој ќе добие Браво! за храброста, дека го заштитил помалото братче, дека сам си го поправил точакот, дека не се исплашил од кучето, дека од расфрланите лего коцки направил патека за автомобилчињата. Ја гледате ли разликата?

Според некои статистики, на интервју за работа на кое се бараат одредени компетенции, жените ќе аплицираат само ако ги исполнуваат сите услови, мажите – ако исполнуваат барем 60% од нив. Зошто? Затоа што жените ги учеле дека мора да бидат совршено подготвени, а мажите треба да бидат храбри. (Веројатно затоа ниеднаш не се појавив на испит, ако не бев 100% сигурна дека го знам материјалот, но тоа е дел од некоја друга приказна)..

Каква штета! Првата пречка за поголемо учество на жените во јавниот живот е во нивните глави. Во чипот што општеството, средината, родителите им го вградиле.

Кои се другите пречки?

  1. Предрасудите. “Жените се поемотивни, не знаат да водат, премногу конфликтни, не умеат да донесат одлука, не ќе можат да се носат со непопуларни решенија, не размислуваат рационално, не се прагматични..” и тн.
  2. Жените добиваат помалку шанси за напредување во кариерата
  3. Помала флексибилност за работа надвор од местото на живеење, работа што вклучува чести патувања и отсуства од дома
  4. Поголема шанса за burnout – со оглед на тоа што  во најголемиот дел од домаќинствата жените се уште имаат поголеми обврски околу грижата за домот, децата и тн., во комбинација со работните часови поминати на работното место, нивните “залихи на енергија” се трошет побрзо
  5. Недостиг на поддршка – жените во просек имаат многу помала поддршка од семејството, партнерот, родителите, во однос на нивните машки колеги, кога ќе се одлучат да се посветат повеќе на кариерата
  6. Нееднаква плата – во голем дел земји од светот, жените добиваат 15-20% пониска плата за истата извршена работа од нивните машки колеги и тн.

И, како резултат на сево ова имаме:

  • само 10% од 500 најуспешни компании во САД се водени од жени
  • иако 60% од дипломираните студенти во Европа се жени, само 37% од нив се на менаџерски позиции
  • помалку од 1/3 од земјите во ОН, кога било во историјата, имале жена претседател

Штета, нели?

Децении наназад Психологијата се занимава со истражувања за тоа какви промени би се случиле, доколку жените го добијат заслуженото место на јавната сцена. Промените би биле значајни.

Тимовите во кои се вклучени жени, соработуваат многу подобро.

Жените, точно поради нивната научена улога, се подобри ментори и имаат поголем успех во менторирање и обучување на помлади колеги.

Жените, (како што вели предрасудата) се поемотивни, но тоа не е пречка, туку предност – во деловните процеси гледаат луѓе и многу им е поважна човечката димензија на бизнисот, па поради тоа, пристапуваат кон вработените со поголемо внимание (веројатно оттаму и поголемиот број на жени во одделите за човечки ресурси)

Имаат поголема емпатија и емоционална интелигенција, што придонесува подобро да ги разберат причините, да ги согледаат и сфатат дури и ставовите кои не им се блиски и да побараат решение надвор од “кутијата” што ја нуди разумот

Жените се добри преговарачи. Статистиката вели дека доколку во преговарачкиот тим се вклучени жени, шансите за поповолен договор се поголеми.

Некако ми е криво што чувствувам потреба во 2023 година да го пишувам овој текст. Зарем после толку години, децении, векови, се уште треба да докажуваме дека светот може само да добие, ако им даде поголема шанса на жените?

Ако со мирно срце на вашата девојка, жена, мајка, сестра, баба, другарка, тетка ги доверувате на чување вашите деца, вашиот дом, ако од нивни раце сакате да го испиете првото утринско кафе или да ја изедете највкусната домашна чорба, ако во нивна прегратка барате топлина, заштита, поддршка, утеха, од првиот миг кога ќе го погледнете светот, до последниот, кога ќе се збогувате со него, зошто немате доверба да се грижат за помалку важни нешта, како пари, компании, општини, политички партии или држави? Нема логика, нели? До жените кои се избориле за своето место под сонцето: Вие сте тие кои можете да обезбедите еднакви услови за работа, еднаква плата, еднакви можности, еднакви бенефиции за сите! Не заборавајте, светот го менуваат мали чекори во исправна насока, како трепет на крилја од пеперутка..

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...