Искористување на моќта на недовршените задачи – ефектот Зејгарник

од 24HR

Колумна на Ивана Кајеска – дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија

Можеби не сите сме слушнале за Зејгарник ефект, но дефинитивно сите сме го искусиле. Го знаете она чувство кога ќе оставите некоја работа на половина, недовршена, па потоа постојано сте со мислите кај истата и едвај чекате да ја довршите, за буквално да не ја мислите веќе? Тоа е Зејгарник ефект.

Именуван по Блума Зејгарник, руски психолог која прва го проучувала феноменот во 1920-тите, ја истражува нашата тенденција да се сеќаваме и да се задржиме на нецелосни или прекинати задачи повеќе, отколку на оние кои веќе сме ги завршиле. Нејзиното истражување открива дека незавршените задачи создаваат чувство на напнатост и ментална непријатност, принудувајќи нè да се фокусираме на нив додека не се решат.

Тоа е несвесен процес, но доколку започнеме свесно да го применуваме, дефинитивно ќе и пркосиме на прокрастинација.

Се смета дека оваа желба е поврзана со извршните функции на мозокот, кои се одговорни за контролирање и регулирање на когнитивните процеси, како што се планирање, организирање и одлучување.

Како да го “освестиме” овој ефект?

Практикувањето на ефектот Зејгарник е да го искористите неговиот основен принцип, а тоа е тенденцијата за паметење и фокусирање на незавршените задачи – во ваша корист. Еве неколку практични начини да го вклучите ефектот Зејгарник во вашиот секојдневен живот за да ја подобрите продуктивноста и да ја завршите задачата:

  1. Фокусирајте се на почетокот, а не на крајниот резултат: Наместо да се притискате себеси да ја завршите целата задача, фокусирајте се на самото започнување. Почнувањето е често најтешкиот дел и штом ќе ја започнете задачата, веќе полесно се гледа крајот.
  2. “Разделете” ја задачата: ако е со поголем обем и ве плаши дека ако ја започнете, ќе ви одземе многу време, разделете ја на помали задачи, на тој начин што по секое комплетирање на мини-задачата ќе се чувствувате поисполнето, а ефектот на недовршено уште ќе ве “прогонува”.
  3. Себе-визуелизација: додека сте во фаза на прокрастинација, замислете се себе си како ја работите задачата и без да си создавате притисок, ќе може предвреме да го добиете чувството на успех, кое ќе ја поттикне мотивацијата, а вашиот мозок ќе ви “допушти” да ја дозавршите задачата, затоа што веќе нема да ја смета за тешка.

Иако навидум овој ефект делува сродно со прокрастинацијата, сепак треба да се укаже на главните разлики.

Зејгарник ефектот е психолошки феномен кој се однесува на подобрена меморија за нецелосните задачи во споредба со завршените. Тоа покажува дека луѓето имаат природна желба да ги завршат задачите што ги започнале, а оваа желба може да доведе до подобра меморија и задржување на информациите.

Прокрастинацијата, од друга страна, е чин на одложување задачи или активности. Често е мотивиран од желбата да се избегне или намали непријатноста или анксиозноста поврзана со задачата, а може да има негативни последици како што се намалена продуктивност и зголемен стрес.

Додека ефектот Зејгарник може да се користи за мотивирање и подобрување на меморијата и задржувањето, прокрастинацијата може да има спротивен ефект кога задачите ќе останат нецелосни и ќе предизвика намалена продуктивност и зголемен стрес. Важно е да најдете рамнотежа помеѓу желбата за завршување на задачите и потребата ефикасно да управувате со вашето време и енергија.

Запомнете дека целта на практикувањето на Зејгарник ефектот е да се искористи неговата моќ за да останете фокусирани и мотивирани, наместо да бидете обземени од незавршени задачи. Со свесната примена, можете да го искористите ефектот за да ја зголемите вашата продуктивност, да ги подобрите начините на завршување на задачите и да ги постигнете вашите цели поефикасно.

За авторот:


Ивана Кајеска 
е дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија, со 5 годишно искуство како полициски службеник и аналитичар за статистичко истражување и документирање,во Министерството за внатрешни работи.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...