Постоиш ли кога си невидлив?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Интересни времиња. Како да не ни беше доволно постоењето, она, наследеното, за кое не сме биле ни прашани дали го сакаме, туку Бум! еве си, си се родил, сега живеј како знаеш и умееш, па на тоа додадовме и виртуелно. Да, да, виртуелно. Постоиме сега и тука, во ова тело и овој простор, но постоиме и виртуелно, на Фејсбук, Инстаграм, Твитер, ЛинкедИн, Тик-ток, како профил во софтверот за работа, како корисник на софтверот во автомобилот, на Нетфликс и каде уште не. Е, за сите тие постоења сме одговорни самите ние. Нив сме ги создале. И, како кон сѐ што си создал, имаме одговорност да ги одржуваме во живот. Можеме ли без нив? Без сите тие верзии на Јас кои постојат на социјалните мрежи? Без сите тие аспекти на она што го имаме во себе? Можеме ли без она Јас што сака да остане во контакт со поранешните соученици, другари од детството, колеги, кои сега се, можеби, на другиот крај на светот? Ни значи ли нивниот лајк на фотографиите на Фејсбук (добро, Мета, знам!)? Можеме ли без естетичарот во нас, оној што на Инстаграм се воодушевува од убави фотографии, оној што сака да го фотографира зајдисонцето, морето, цвеќињата на тераса, децата во песокот? Можеме ли без експресните информации (и еден куп неповрзани дрдорења, секако) на Твитер? Она чувство на колективна свесност, ко да си дел од Борг коцката? Можеме ли без сите тие Јас?

Веројатно можеме. Сѐ што си создал можеш и да уништиш. Виртуелно самоубиство го нарекуваат. И, држи вода. Неколку клика и те нема. Останува свесноста за тебе на таму некој облак со информации, додека не помине периодот што ти го оставаат за предомислување и, те нема. Засекогаш. Невидлив си за сите оние кои те читале, кои разговарале со тебе, кои си ги читал. Исчезнале сите твои објави, коментари, сите твои фотографии, спомени.. Не постоиш.

Можеме ли да си дозволиме невидливост? Постоиме ли ако не сме видливи? Се сеќавате ли на Џани Родари и неговиот Тонино? Детенцето посака да биде невидливо на еден ден. Знаете како заврши тоа, нели?

Или, да кажеме вака. Вашата компанија го произведува најдобриот производ на пазарот. Ма, каков пазар, на светот! Квалитетот далеку пред конкуренцијата, дизајнот елегантен, убав, производството се одвива во најсовремени производни хали, по највисоки стандарди, никого не дискриминира, не штети на околината, цената топ. Ама, одлучувате да не дадете ни денар за маркетинг. Што ќе ви се промоции, квалитетот се продава сам, нели. Ве нема на ТВ, не сте присутни на дигиталните канали, не правите промоции и дегустации, не правите апсолутно ништо. Производот е поставен на полица и, секако, квалитетот ќе си го најде патот до потрошувачите. Знаеме каков ќе биде резултатот, така?

Или, еве, не се работи за производ или услуга. Ти си производот. Имаш добра база на знаења во глава (солидно формално образование, квалитетно неформално, ажурирано благодарение на следењето на сите новости што времето ги носи), совесен си, вреден, исполнителен, умееш квалитетно и навремено да ги завршиш обврските, имаш одлични идеји и иницијативи, умееш, сакаш, можеш… арно ама, не си човек кој се продава себеси, не сакаш себепромоции, сите оние networking настани ти го реметат мирот и ти трошат енергија, а реално, не гледаш ни каква полза можеш да имаш од нив. И, каде си? Знае ли некој за тебе?

Аааааа, јасно, ти си на своето работно место и чекаш некој да те забележи! Јасно. И, веројатно ќе те забележат. По некоја година, на пример. Или, кога ќе се испразни работно место за кое не можат да најдат друг, па одеднаш, ќе се сетат дека ти, всушност, знаеш да го работиш и тоа, и тоа добро. Задоволен?

Да скратам. Треба да бидеш видлив. Точка. Затоа што, невидливоста те остава на место кое ти е, можеби, мирно, тивко, без стрес, но, под сенка. Нема сонце. Нема нова енергија. Нема шанси и убави прилики. Само мир. Доволен ли е? И, може ли да се нарече мир?

Да ја погледнеме другата страна. Сте чуле ли за ghosting? Релативно нов термин кој го донесе on-line комуникацијата. Според дефиниција, ghosting е кога некој што претходно ви бил близок (пријател, љубовник) одеднаш, без никаква очигледна причина, без објаснување, ја прекинува комуникацијата со вас. Не одговара на вашите пораки, не се јавува, не комуницира. Едноставно, го снемува. Оттаму доаѓа терминот, затоа што, нели, станува невидлив, се претвора во дух.

Јас не би била јас, ако се сложам со дефиницијата (не сакам дефиниции, претесни се). Ghosting е процес во кој се чувствувате како дух. ВИЕ сте духот, не тој/таа што ја прекинал комуникацијата. Вие сте невидливиот. Вие имате чувство дека што и да сторите е недоволно. Дека сте небитни. Дека никој не ве забележува. Дека не вредите ништо. Дека сте направиле нешто ужасно погрешно (не знаете што) и упорно размислувате како тоа да го поправите. А не можете. Не добивате шанса. Звучи познато?

Сте биле ли Невидливиот кога сте се обидувале да вложите рекламација на одреден производ? Или, на оглас за вработување? Била ли гласно игнорирана некоја ваша идеја? Сте се почувствувале ли безгласно, како да немате што да кажете, а и тоа што се обидувате да го кажете е толку небитно, невредно, што не заслужува ни одговор од типот “Ова е потполна глупост, не се согласувам!” Сте били ли дух на работното место? И уште мал милион слични ситуации…

Знаете за што зборувам, нели?

Едно од најмоќните чувства што е потребно за нормално функционирање на човекот како индивидуа, е чувството на припадност. Сакаме да припаѓаме некаде, во групи што ни се важни. Припадноста креира средина каде што луѓето се чувствуваат безбедно да преземаат ризици, да ги споделат своите идеи, да бидат Јас, (она вистинско, автентично јас), да се вложат себеси, своето знаење, своите умешности.. Ни го спушта гардот и ни дозволува да излеземе од оние fight-or-flight ситуации додека сме таму, каде вистински припаѓаме. Знаете како се креира чувството на припадност?

Постојат неколку фази. Прва и најважна – да се биде виден. Чувството дека си виден, слушнат. Дека некој го забележал и го почитува твоето постоење. Еј, постоиш! Не си невидливиот Тонино!

Втора, да се биде вклучен. Вклученоста значи можност да се учествува, да се придонесува, да се биде дел од тим, од група..

Трета, да се биде препознат. Некој ги препознал твоите вредности, ставови, идентитет, ја увидел твојата автентичност, твојата различност

Четврта, да се биде сфатен. Во оваа фаза, се оди подлабоко од препознавањето. Во оваа фаза, некој ги разбира твоите емоции, мисли, мотивации, знае што те оживува, што те прави желен, што ти го обојува светот.

И, како врв на сите претходни фази, последната – чувството да се биде почитуван. Значи, не само што си прифатен, туку некој искрено ги цени сите твои уникатни квалитети. Се слави твојата автентичност и имаш јасно чувство дека навистина припаѓаш. Твоето место е тука, во тимот (групата, семејството, партнерската врска, компанијата).

Што правите за луѓето околу вас да чувствуваат припадност? Дека припаѓаат во компанијата во која минуваат една третина од денот? Умеете ли да направите да се чувствуваат видени? Слушнати? Разбрани? Почитувани?

Сакам да кажам, разбирате ли колку ни е битна видливоста? Не си го дозволувајте луксузот да бидете невидливи!

И, дајте им го на луѓето кои ви се битни, чувството дека се видени. Слушнати. Дека постојат. Дека се почитувани. Убав лик е Каспер, не дека не, но не може да ги накисне стапалата во морето, да го почувствува мирисот на јоргованот, да ја вкуси питата со вишни или да гушне некого. Не дозволувајте оние што ви значат (вашите деца, родители, пријатели, партнери, колеги), да бидат Каспер.

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...