Дали (нерамномерниот) развој на вештачката интелигенција ќе предизвика уште поголема бездна помеѓу земјите?

од 24HR

Дали ни е судено да станеме истренирани мајмуни во најдобар случај, ако нашите земји не реагираат навреме на претстојната плима на вештачката интелигенција?

Првичното глобално истражување за концептот на Национален капитал за вештачка интелигенција докажа дека мнозинството експерти за вештачка интелигенција сметаат дека тоа е многу важно да се мери и следи, како што е видливо во првиот дел од глобалното истражување на NAIC IS. Јасно е дека земјите кои веќе се разликуваат врз основа на својот човечки капитал и усвојувањето на технологијата може да имаат драстично поголеми разлики во иднина. Но, колку далеку е таа иднина? И, кој може да влијае на тоа на позитивен начин?

Во овој втор дел од NAIC IGS, ќе се обидеме да дадеме неколку одговори и да продискутираме за нивните последици.

Едно од прашањата во истражувањето, кое доби одговори од 56 земји, беше: Дали земјите ќе се разликуваат по својот капитал на вештачка интелигенција (и што е уште поважно, кога?). Само 5% од испитаниците сметаат дека нема да има разлики меѓу земјите, наспроти 87% од нив кои сметаат дека ќе бидат присутни значителни разлики. И, уште повеќе, важна е временската рамка во која тоа ќе се случи. Точно половина (50%) од експертите за вештачка интелигенција очекуваат дека тие разлики ќе се случат во среднорочен период – да го процениме тоа за 5-10 години. Уште поинтересен податок е дека повеќе од една третина – 37% од нив очекуваат дека тоа ќе се случи за краток временски период – обично се проценува на помалку од 5 години. Тоа е многу вреден увид за сите оние креатори на политики што се прилагодуваат на промените, вообичаено со многу бавно темпо.

Некои земји се веќе предупредени дека треба да реагираат навреме за да останат конкурентни – како што компанијата „Мајкрософт“ ја предупреди Велика Британија. Што се случува со другите земји кои немаат никакви очекувања?

Брзината на промената може да оди побрзо отколку она што досега го доживеавме, со што истата е потешко да се предвиди. Второто поврзано прашање е „кој создава“ или уште подобро „кој ќе биде одговорен за создавање на капитал на вештачка интелигенција (производи, процеси, патенти, знаење и сл.) во иднина“. И, добивме многу интересни предвидувања / одговори на тоа прашање.

Најголемиот број на испитаници – 77% предвидуваат дека најголем придонес ќе имаат оние кои денес се предводници на напредокот во областа на вештачката интелигенција – приватните компании и корпорации. Можеби малку изненадувачки, но генералната идеја низ целиот свет е дека значителен придонес ќе произлезе од растечкиот број на стартапи за вештачка интелигенција – 73%. Друг значителен колаборатор може да бидат унивезитетите и академските институции – за кои се одлучија 59% од испитаниците. И, како најмалку веројатен колаборатор – испитаниците ги избраа владините институции со само 31%.

Во време кога се чини дека вештачката интелигенција е обликувана од страна на девет компании (во две земји), потребно е да подзастанеме на момент и да ги разгледаме сите последици од тоа. Како дел од одговорот, се појавуваат нови стартапи за вештачка интелигенција, кои поттикнати од нивната брзина, агилност и фокус, можат да ја нарушат областа. Освен ако, се разбира, не се купени од страна на тие гиганти, кога ќе дојде време. Универзитетите се постојан сигурен играч во полето на какво било унапредување и иновација, но се чини дека тие исто така заостануваат и ја менуваат својата водечка улога во поддршка на функцијата во многу случаи. И, за мене, најголемиот проблем, и од многу причини, неискористен потенцијал – се владините институции кои се способни да застанат позади големи проекти. Сегашното искуство е дека тие се четврти играч и не се толку сигурни кога станува збор за создавање и имплементација на вештачка интелигенција. Знаејќи историски дека повеќето од најголемите достигнувања се постигнати како дел од стратешки проекти финансирани од државата, ова дефинитивно предизвикува голема загриженост. Вештачката интелигенција, исто така, ќе стане област каде што моќта се префрла од јавен во приватен сектор, со сите добри и лоши последици.

Заклучокот е дека прашањата споменати тука отвораат многу подтеми. Какви ќе бидат односите помеѓу универзитетите, корпорациите и владата? Како тоа ќе ги промени и ќе влијае на различните аспекти на етиката? Дали довербата и надежта во моќта на стартапите е (не)реална, имајќи предвид дека во моментов огромен дел од веќе ризичните стартап компании во областа на вештачката интелигенција не успеваат да ги остварат своите ветувања? Што треба да биде приоритет на нашиот фокус, имајќи предвид дека веројатно имаме помалку време отколку што проценува поголемиот дел од светот?

Во третиот дел од NAIC IGS ќе разговараме за податоците собрани за областите на вештачката интелигенција во кои моментално се инвестира и каде треба да се насочат инвестициите во иднина.

За авторот:

Ацо Момчиловиќ е HR Консултант, основач на FutureHR и визитинг професор на Swiss School of Business and Management. Во својата богата кариера има работено во Rimac Automobili, FedEx, Tolar HashNET и други. Претседател на MBA Croatia.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...

Оваа веб страна користи cookies.