Современи извори за е-регрутирање на човечки ресурси – втор дел

од 24HR

Колумна на Проф. д-р Даниела Карадаков – професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси.

Во првиот дел од статијата „Современи извори за е-регрутирање на човечките ресурси“ имавте можност да прочитате повеќе популарните интернет извори за регрутирање на човечки ресурси, како што се: корпоративната интернет страница, специјализираните интернет страници за вработување и социјалните медиуми. Во овој дел би сакала претставам и други практични и ефективни извори преку кои може да се привлечат соодветни човечки ресурси за вработување.

Електронска пошта

Според www.statista.com, во 2020 година се регистрирани преку 4 милијарди корисници на електронска пошта, а се очекува оваа бројка во 2025 година да изнесува 4.5 милијарди корисници. Следејќи го овој прогрес, може да се каже дека и електронската пошта може да се искористи како брз, лесен и директен пристап на организациите во процесот на регрутација на потенцијални кандидати за вработување. Со помош на овој извор организациите може да вршат рекламирање и информирање за одредено работно место или пак директно да стапат во контакт со потенцијални кандидати за вработување.

Мобилни телефони и апликации за мобилен телефон

Во претходната статија видовме колку мобилни конекции постојат на глобално ниво, но и на ниво на нашата држава. Бројките покажуваат дека 66.6% од вкупната популација се корисници на мобилен телефон и имаат најмалку една мобилна конекција. Со оглед на тоа што мобилните телефони се секојдневие и „обврска“ во деловниот свет, овој извор за е-регрутирање може многу да придонесе во пронаоѓањето на соодветни кандидати за вработување. Таканареченото мобилно регрутирање се однесува на процесот на наоѓање на активни и пасивни кандидати за работа преку примена на мобилни телефони, апликации за вработување на мобилен телефон, реклами за работа преку мобилните телефони и сл. Лесната достапност до информации на мобилен телефон создава можности овој извор да биде меѓу популарните методи за е-регрутирање на човечки ресурси во иднина.

Виртуелен саем за вработување

Овој извор за е-регтутирање овозможува полесен и поекономичен пристап до потенцијални баратели и понудувачи на работни места. Организациите имаат можност да се изложуваат на виртуелните штандови во рамките на виртуелните саеми кои вообичаено дејствуваат на региолано ниво и да го промовираат својот идентитет, култура, како и својата потреба од конкретни профили на кадри за вработување. Ваквиот начин на претставување, овозможува организациите да стапат во директен контакт со потенцијални кандидати за вработување и на поширока целна група да и ги презентираат своите можности.

Во следната моја статија ќе прочитате повеќе за предностите и недостатоците на современите извори за регрутирање на човечките ресурси.

За авторот:

Проф. д-р Даниела Карадаков е професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси. Таа бележи богато наставно, обучувачко, и менаџерско искуство. Активна е како професор, обучувач, консултант и истражувач во полето на менаџментот на човечки ресурси, личниот менаџмент, организациското однесување и комуницирање, интерперсоналните односи, организирањето на настани и сл. Од 2012 до 2021 година ја вршеше функцијата директор на БАС Високата школа, каде за нејзината успешна работа сведочат две посебни признанија: Признание за оживотворување на мисијата на БАС, добиено во 2015 година од страна на основачите на БАС и Признание за жена менаџер во 2018 година, добиено од страна на Агенцијата Марили. Прв автор е на две изданија: Личен менаџмент и Практикум по личен менаџмент во издание на БАС. Во текот на својата кариера има објавено бројни стручни и научни трудови, научни трудови со импакт фактор, а исто така активно учествува и на домашни и меѓународни стручни и научни собири.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...