Усовршување на талентите – краток пат кон дигитална трансформација

од 24HR

Визуелизирајте ја вашата организација 5 години од сега. Дали успеавте да се изборите со промените и да се покажете како иноватори кои се прилагодиле на новите барања?

Спојувањето на технологии без јасни граници помеѓу дигиталниот и физичкиот свет, автоматизацијата, вештачката интелигенција и машинското учење многу брзо го менуваат деловниот свет и сега живееме во време што Светскиот економски форум го нарекува четврта индустриска револуција.

Еден клучен одговор за да останете во игра е навремено да се справите со новите барања и потреби на талентите во вашата организација, со што ќе се создаде плодна иднина за организацијата, односно менаџментот, вработените, клиентите и соработниците.

Најголем потфат за брза и успешна дигитализација и автоматизација е паметна инвестиција во знаењето (know-how) на вашите таленти.

Сетот на компетенции и знаења кои се потребни за успешна виртуелна трансформација можат да се развијат во организацијата, со унапредување на способностите и талентите на вашиот тим.

Сегашната нестабилна, динамична средина ја става постоечката рамка на компетенции на тест, односно некои компетенции кои до сега биле критични може да застарат или да се отфрлат, а други, како што се на пример меките вештини (soft skills) да застанат на пиедестал.

Дефинирајте ги вашите цели во виртуелниот свет

Поставете краткорочни и долгорочни цели во новото виртуелно, дигитално окружување и одредете ја вредноста на секоја од нив. Потоа, проценете ја вашата организациска подготвеност да ги постигнете овие цели со тоа што објективно ќе идентификувате каде има празнини во способностите и компетенциите на вашите таленти. Ваквото детално планирање треба да ви помогне да предвидите идни предизвици и добро да се подготвите за потребите на вашата организација. Потоа, проценете го целокупниот капацитетот на вашиот тим и поврзете го со идните потреби, кои претходно сте ги дефинирале.

Звучи застрашувачки?

Не плашете се! Не мора да имплементирате комплексни планови, студиозни истражувања или научна проценка за да го започнете проектот за подобрување на (дигитални) компетенции на вашиот тим. Дури и груба анализа би била корисна за да се идентификуваат празнините во знаења и способности.

Што може да направите?

Поставете си репер. На пример, може да се споредете со врвни, глобални конкуренти од вашата област. Потоа, одново дизајнирате ги вашите процеси на работа и создадете проекти за професионален развој што ќе го снабдат вашиот тим со клучни (дигитални) компетенции.

Лидерите играат клучна улога

Запомнете: безрезервна поддршката од лидерите (на сите нивоа) е клучна за имплементација и развој на нови компетенции! Лидерите ви се потребни за да ја истакнете важноста и да му дадете пошироко значење на овој развоен проект. Ќе добиете поддршка од тимот доколку согледаат дека навистина сте посветени на овој долгорочен план; не земајќи ги предвид секојдневните обврски и краткорочните препреки кои ги носи секојдневното работење. Притоа, внимавајте да не го посветите целото внимание на кратење на трошоци, ако тоа значи и пропуштање на можности кои во иднина би ги капитализирале преку новите технологии, односно на долг рок би биле профитабилни за вашата организација.

Вклучете го тимот во проектот на усовршување на компетенции и редизајнирање на работата

Покрај тоа што ќе имате посветен тим (по можност HR, L&D или група од избрани лидери) кој ќе добие потемелно познавање за начинот на кој секоја личност и тим ги извршуваат своите обврски; вклучете го секој член од тимот во преобликувањето на својата специфична улога. Слушајте го пулсот на вашата организација и секогаш земајте ги предвид нивните препораки. Тие што ја извршуваат работата можат да дадат иновативни препораки за тоа како поефикасно да се поделат активностите, кои нови компетенции и/или технологии се потребни или на кој начин работата може да се дигитализира и автоматизира.

Транзицијата во новата ера е полесна, доколку е поддржана од посилен тим

Oвластување (empowerment) и зајакнување на тимот не само што ќе ви помогне да се борите против незадоволството, кое произлегува од вакви големи промени; туку ќе ви помогне и да ги идентификувате новите предизвици во работата. Бидете свесни дека не се сите подеднакво подготвени за промени. Затоа, подобро започнете со оние лица (или тимови) кои имаат најмногу бенефит од проектот за дигитализацијата и автоматизацијата.

Еден од првите чекори треба да биде собирање на информации за најкритичните проекти, односно разбирање кои компентенции и знаења се потребни за нивно реализирање. Оваа задача треба да ја извршува тимот на  ЧР или тимот кој го води проектот. Потоа, изберете листа на најадекватни активности за професионален развој, за да понудите предизвикувачки кариерен пат, професионален развој и да им дозволите на вработените директно да влијаат врз својот кариерен пат. Откако ќе се соберат сите квалификации и потребни нивоа на компетенции, побарајте од вработените дополнително да го збогатат својот план за професионален развој. Потоа, може да започнете да ги прераспоредувате тимовите според новите потребите на вашата дигитална организацијата.

Земајќи ги предвид преференциите на вработените, развојот на компетенции треба да се темели на креативни принципи за учење за возрасни и да аплицира нови, софистицирани технологии (како на пример: виртуелен коучинг, онлајн обуки, гемификација, платформи за онлајн учење итн.).

Имплементирајте нов начин на работа преку проектни задачи

Покрај тоа што ќе ги промените веќе постоечките работни позиции во организацијата, вашата виртуелна трансформација ќе бара создавање на нови, но сепак клучни позиции. Затоа, сега е совршено време да започнете да размислувате за агилни тимови и да доделувате привремена работа, која ќе се базира на проекти. Идентификувајте кој дел од работата може да се базира на проекти, поставете ги неопходните компетенции и знаења потребни за нејзино извршување и идентификувајте го внатрешниот талент, кој најдобро одговара за овие задачи. На пример, користетете вработени кои се повеќе склони кон употреба на технологија за да го олесните стекнувањето на нови вештини, или пак директно распоредете ги на проектна задача, која вообичаено не би ја извршувале.

Професионалниот развој ќе се вреднува повеќе од претходно

Наша должност е да ве информираме за новата деловна средина и да ги споделуваме предвидувања за иднината во бизнис средината кој предвидува дека нашата способност да учиме, да стекнуваме нови вештини и да ги унапредуваме своите вештини ќе биде многу поважна, споредено со претходната година; особено ако се земе предвид дека 85% од работните места кои ќе бидат потребни во 2030 година сè уште не постојат. Тоа значи дека вие сте соочени со предизвик не само да измислувате нови работни позиции, туку и да ја капитализирате секоја можност за развој на веќе постоечките работни позиции. Секоја организација има способност да го преживее ова време на огромна неизвесност и промени, доколку го стави развојот на своите таленти како главен приоритет.

 

За авторот:


Нена Димовска го води секторот за ЧР во ЛЕОРОН, интернационален институт за професионален развој, кој работи во земјите на Блискиот Исток и Европа. Лиценциран Strategic HR Business Partner, HR Master, CSSBG, таа е консултант за сите услуги од областа на HR, особено: развој на таленти, професионален развој, стандардизација на работа, воспоставување процеси на работа, мапирање на компетенции, стратегиско регрутирање на таленти, бихејвиорални интервјуа, и други – со цел да им се помогне на организации од разни дејности да ги остварат своите визии преку правилно управување со ниниот човечки потенцијал. Одговорна за повеќе од 180 вработени, на повеќе од 5 локации во регионите каде работи организацијата, има воспоставено модерен, софистициран стратегиски систем за менаџирање на таленти (кој вклучува систем за мерење перформанси, интервјуирање, обучување, ангажирање на таленти…)

 

 

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...