Заштита на посебните категории на вработени

од 24HR

Колумна на Кочовски Бобан – HR Specialist / Правник со специјализација на трудовото и социјалното право

Трудово-правниот систем во РМ како посебни категории вработени кои уживаат дополнителна заштита при работниот однос (покрај основната која што ја уживаат сите вработени) ги смета:

– Жените (согласно физичките карактеристики и репродуктивната можност)

– Малолетните лица

– Лицата со инвалидитет

– Постарите работници

Кај заштитата на жените согласно нивните физички карактеристики, важно е да се спомене дека тие уживаат дополнителна заштита во доменот на работата ноќе во индустријата и вршењето на подземни работи. Вреди да се спомене дека ЗРО од 1993та година предвидуваше и уште поголема заштита,односно предвидени беа работата под вода, како и вршењето на тешки физички работи. Од друга страна, заштитата на жените согласно репродуктивната можност е далеку по опширна и истата предвидува:

1)Можност за усогласување на семејните и професионалните обврски;

2)Забрана на работодавачот да бара информации во врска со бременоста на работничката;

3)Изземање на работничката од вршење штетни и опасни работни задачи;

4)Забрана за прекувремена и ноќна работа;

5)Породилно платено отсуство;

6)Платена пауза за доење;

7)Право на неплатено родителско отсуство;

8)Зголемен годишен одмор под посебни услови;

9)Ништовност на отказ добиен поради бременост, раѓање или родителство; и др.

Посебната заштита на малолетните лица при работен однос се однесува на лица од 15 до 18 годишна возраст, каде што посебен акцент се става на заштита на нивното здравје и развиток, пократко работно време, полесен пристап до користење на целосната дневна пауза,подолг дневен и годишен одмор, како и забрана за ноќна и прекувремена работа, но и прераспределба на работните часови.

Кај лицата со инвалидитет, посебната заштита при работениот однос се однесува најмногу на квалитативно зголемени права уште при склучување на работниот однос, зголемен годишен одмор, можност за рехабилитација, но и забрана за прекувремена работа и прераспределба на работните часови.Специфично кај овие лица е тоа што занив постои можност за скрарено работно време кое ќе предизвика правна фикција како да е работа со полно работно време.

Сосема за крај, посебната заштита при работниот однос кај постарите работници се однесува на лица со навршени 57 години старост (за жени),односно 59 години старост (за мажи).

Посебната заштита на овие лица се однесува на забранување на прекувремена и ноќна работа – без нивна согласност, како и зголемен број на денови за годишен одмор во однос на останатите работници.

Само кога компаниите и нивните HR/правни сектори ќе ги имплементираат (а со тоа и ќе ги почитуваат) законските права и обврски кои што се однесуваат на посебните категории на вработени, ќе може да се каже дека во нив владее правичен и законит систем на работење, во кој фокусот е ставен на секој еден поединец.

За авторот:

Кочовски Бобан– дипломиран правник на Правен факултет,,Јустинијан Први”-магистрант од областа на трудовото и социјалното право при Правен факултет,,Јустинијан Први” (останата е одбрана на тезата),претседател на Движење за социјална правда ,,Обединети работници”,HR Specialist во формален работен однос во Транском и АД Европа,советник за трудово правни прашања во КСС, СУТ, ССК и др.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...