За да можеш да водиш, треба да знаеш да следиш

од 24HR

Колумна на Вања Јованоска Ристоска – Раководител за човечки ресурси во Рамсторе Македонија

Во бизнис светот, има многу повеќе следбеници отколку лидери. Не секој може да биде лидер веднаш, а и самите лидери не можат да постигнат многу, без да имаат посветени следбеници. И самите лидери, во некој дел од својата кариера биле следбеници, или се уште се.

Како што да се биде лидер, само по себе не мора да е вродена вештина, и да се биде следбеник не ни доаѓа природно. Ако не си роден лидер, не мора да значи дека си роден следбеник – сето ова се учи.  Колку е важно да се има добри следбеници, а и самите ние да бидеме добри следбеници, можеме да воочиме од примери од спортот – за тимот да биде успешен, не е пресудно да се има добар тренер, туку мора сите играчи мора да се индивидуално добри и да имаат можност да одлучат што да направат во дадени моменти во играта.

Има неколку карактеристики на добар следбеник кои лидерите треба да ги негуваат кај нивните следбеници, кои всушност се карактеристики и на добрите лидери.

Најпрво мора да е јасно дека не постои „јас“ во ниту едно достигнување. Многу пати се случува да мислиме дека нешто сме постигнале сами – но доколку размислиме подобро, тоа не е точно. Некој ви помогнал да го постигнете тоа директно или индиректно. Повторно ќе се навратам на тимски спортови – можеби еден играч дал гол, но друг пред тоа асистирал, трет пред него ја префрлил топката на теренот на противниците итн.

Како што добрите лидери признаваат кога грешат и ги споделуваат успесите, истото го прават и добрите следбеници. Тие се надоградуваат и вложуваат во своето знаење како би биле добар дел на тимот. Со тоа ја добиваат довербата на лидерот и добиваат повеќе овластувања да можат да ја вршат посамостојно нивната работа, а со самото тоа доаѓа и довербата на нивните колеги во нив. Тие се подготвени да помогнат на нивните колеги, да вложат дополнителен напор без да се фокусираат само на обврските кои им се во описите на работните места и на тој начин се истакнуваат во тимот. Нивниот позитивен, корисен став им го крева расположението на сите. Истовремено, тие знаат што можат, а што не, па затоа ја знаат важноста на членовите во тимот кои имаат вештини кои тие ги немаат за остварување на заедничката цел. Исто така, секој добар следбеник знае дека секогаш мора да стои позади одлуките кои се донесени од страна на тимот, дури и кога не се согласува со истите во целост – во тоа се содржи силата на еден тим.

Добриот тим работи за остварување на некоја цел – затоа добрите следбеници гледаат на секој начин со својата работа да придонесат во остварувањето на таа цел. Тие не размислуваат за тоа што ќе добијат тие како индивидуи од сето тоа, туку се стремат за успех на тимот. За да бидат добри следбениците, лидерите мора да ги вклучуваат во сегментите на планирањето на задачите на тимот со цел остварувањето на целите. На овој начин, секој може да го внесе својот придонес во процесот и да почувствува дека е дел од одлуката за стратегијата за остварување на некоја цел, наместо да се чувствува како да им било кажано што да прават и дека немаат збор во нивната секојдневна работа.

Сепак, да се биде одличен следбеник не значи да бидете без свој став и да бидете личност која ентузијастички се согласува со секоја стратегија или правец на дејствување. Добриот следбеник се се труди да направи нешто подобро за себе, своите лидери, своите колеги и за доброто на компанијата.

На многу начини, големите следбеници се исто толку неопходни како и големите лидери. Потребни ви се и двете за да успеете во било која деловна активност. Додека учењето да се биде следбеник може да биде тешко во деловниот свет во кој доминира егото, вештините што ги развивате како следбеник ќе ви се исплатат кога ќе дојде време да влијаете на оние околу вас да го постигнат она што сте го наумиле во улога на лидер. Затоа треба да научиме да бидеме добри следбеници како би биле добри лидери бидејќи за да можеме да водиме, треба да знаеме и да следиме.

За авторот:

Вања Јованоска Ристоска е Раководител за човечки ресурси во Рамсторе Македонија. Дипломиран индустриски инженер и магистер за стратегиско планирање на човечки ресурси. Аспирацијата за оптимизација на процесите како и стремежот за стекнување на ново знаење се двигателите кои ја инспирираат во работата.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...

Оваа веб страна користи cookies.