Формално или неформално образование?

од 24HR

Образованието е најмоќното оружје што го менува светот, рекол Мандела. Образованието е тоа што од децата прави луѓе, а од луѓето индивидуи. Обезбедува стабилност, финансиска сигурност, независност, самодоверба, ѝ помага на личноста да биде дел од општеството, да придонесе за развој на заедницата, го менува светот во побезбедно и посигурно место за живеење. Кога сите луѓе на светот би имале можност за квалитетно образование, многу разлики и неправди би исчезнале.

Кога зборуваме за образование, најчесто мислиме на формалното образование кое се одвива во образовните институции, по определени наставни планови и програми, во одреден временски период во кој се следат достигнувањата на ученикот и за што, на крајот на процесот, се издава сертификат (свидетелство, диплома).

Сепак, времето во кое живееме, со целата своја динамичност, постојани промени во научните сознанија, предизвикани пред сé од растот на информатичките технологии и можностите кои тие ги нудат, има потреба и за други типови на образование, преку кои личноста ќе може да се надоградува и да усвојува нови, современи знаења, толку потребни во секојдневниот живот и во кариерата. Оваа потреба, глад за нови сознанија, вештини, техники, се почесто бара задоволување преку различните форми на неформално образование.

Секако, не смееме да заборавиме дека голем дел од знаењата и компетенциите се стекнуваат искуствено, (без некаква намера), преку вклученост во различни проекти во училиштето, заедницата, семејството, владини и невладини организации, на работното место и тн. Тоа е делот на информално образование.

Дилемата во насловот на текстот, всушност, не би требала ни да постои. Формалното образование е задолжително (до одреден степен) и за многу струки дипломата добиена во формалниот образовен процес е законски минимум кој е потребен за вработување на соодветно работно место. Секако, формалното образование ги поставува темелите на секој друг вид на образование со кој понатаму, во текот на животот, личноста ќе се сретне.

Неформалното образование пак, има за цел да ги задоволи растечките потреби за знаење на индивидуата, кои никогаш не престануваат. Тоа е целно, насочено, строго тематски дефинирано, како според потребите на лицето, така и во согласност со потребите на работното место на кое работи или кон кое цели истиот.

На денешниот пазар на труд, неформалното образование сé повеќе го зазема (заслужено) своето место при одбирот на кандидатите за одредена работна позиција.

Каде се стекнува неформално образование?

Додека формалното образование е врзано за одредена образовна институција, почнувајќи од основно училиште, па се до факултет, неформалното учење може да се одвива во институции, независни организации, неформални групи. Секојдневно се организираат најразлични курсеви, семинари, кратки обуки, предавања и сл. кои иако немаат некаква строга форма, сепак, доведуваат до резултат – стекнување на знаења и вештини потребни на поединецот на работното место.

Проблем кој сé повеќе станува актуелен е кореспондирањето на формалното образование со потребите на пазарот. Овој проблем може да се гледа од два аспекта.

Од една страна, формалното образование создава работни профили кои се потребни на компаниите, но пружајќи им само теоретска основа, а не и пракса, таквиот кадар не е веднаш подготвен да се носи со обврските на работното место за кое учел, па најчесто се потребни одредени обуки и тренинзи, како на работното место, така и надвор од него, како вработениот би можел да се вклучи и квалитетно да  учествува  во работните процеси на компанијата.

Од друга страна, за голем број работни позиции потребни пред се на индустријата и стопанството, образовниот систем не создава кадар, од едноставна причина што за таквите образовни програми не постои интерес кај учениците. Свесни сме за континуираниот пад на бројот на запишани ученици и студенти во средните училишта и факултетите од природните науки, земјоделските струки, техничките струки и тн., а зголемување на интересот во општествените и информатичките науки, економија, менаџмент и сл.

Проблемот е најочигледен кај компаниите на кои овој кадар им е потребен, а немаат можност да го обезбедат преку вообичаените канали на вработување.

Решение постои и на него се сетиле голем дел од западните земји, а тоа е – дообразување на кадрите , т.е. организирање на предавања, обуки, тренинзи во самите компании. Учењето се одвива целно, на определена позната група на вработени или кандидати за работно место, со пренесување на знаења од внатрешни предавачи (интерни тренери), но и надворешни предавачи, познати и признати стручњаци за одредената област. Во овој начин на учење, огромна важност има вклучувањето на предавачи од формалното образование, кои со своето теоретско знаење и научно искуство придонесуваат за подлабоко и посестрано разбирање на проблематиката која е тема на обуката.

Полезноста на ова неформално учење кое се спроведува во самите компании е многустрана. Компанијата добива вработени кои се во тек со новите сознанија, технологии и процеси важни за нејзиното работење, учесниците добиваат вештини и знаења кои се конкретно применливи на работното место и им овозможуваат лична надоградба и професионален раст, а општествената заедница, без вложувања во институции и институционализиран начин на образование, добива стручни лица и компании спремни да се носат со современите движења и промени на пазарот, како домашниот, така и надворешниот.

За успешно функционирање на овој модел во иднина, клучна ќе биде соработката помеѓу компаниите од реалниот сектор и образовните институции, бидејќи учењето не е процес кој завршува со стекнувањето на диплома, напротив, учењето е процес кој трае цел живот.

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...

Оваа веб страна користи cookies.