Зошто компаниите ги одбиваат преквалификуваните кандидати?

од 24HR

Колумна на Анета Дуданова – Специјалист за регрутација и Employer Branding во Нептун Македонија.

Чест одговор што го добиваат одлични кандидати, кои не се избрани за одредено работно место, е дека се одбиени поради тоа што се преквалификувани.  Тие добиваат информација дека оставиле најдобар впечаток, дека имале најдобро искуство и најдобар резултат на тестирањата, дека се вклопуваат во нивната култура, меѓутоа фактот што се преквалификувани за позицијата едноставно ги дисквалификува. Колку фрустрирачки тоа звучи!

Тука се поставува прашањето зошто компаниите се плашат да вработат преквалификувани кандидати?

Дали е тоа поради стравот на регрутерите дека тие кандидати нема да бидат доволно мотивирани, дека нема да се задржат доволно долго во компанијата, дека работата нема да им е доволно предизвикувачка и нема да ги исполнува? Дали е поради тоа што менаџерите сметаат дека овие кандидати се „прескапи” или гледаат закана за сопствената позиција со тоа што би вработиле преквалификуван кандидат,  или можеби не знаат на кој начин ефективно да ја надгледуваат нивната работа?

Скептицизмот е сосема оправдан, но дали тоа треба да претставува пречка компаниите да ангажираат способни, компетентни, искусни и веќе изградени профили на кандидати, кои не се идеален “fit” за позицијата? 

Компанијата треба да ги погледне работите од поинаква перспектива

Кога имаме вакви кандидати, клучна работа што треба да ја направиме е да ја испитаме и уште поважно да ја разбереме мотивацијата на кандидатот. Можеби истиот сака да ја смени индустријата во која работи, или да го промени местото на живеење, или да постигне поголем баланс помеѓу работата и приватниот живот, итн. Некоја од овие причини сигурно е добар мотиватор кандидатот да прифати позиција која можеби бара пониски квалификации од тие што тој ги поседува. Тоа не значи дека работата нема да му е интересна и нема да го исполнува, напротив промената на индустријата може да му донесе многу нови работи, нови предизвици и можност за учење и надоградување. Од друга страна, притисокот и стресот што го носат раководните позиции со себе, во еден момент може да бидат причина за „прегорување“ или едноставно „презаситеност од висока одговорност“ и овие луѓе често бараат „помалку одговорни“ позиции каде што ќе си овозможат поголема рамнотежа помеѓу работата и приватните обврски. Во овие случаи многу е веројатно дека доколку им се даде шанса, покрај тоа што ќе постигнат поголема продуктивност, ќе имате и задоволни, мотивирани и високо квалификувани таленти во компанијата.

Овие кандидати може да донесат многу позитивни промени, развој и раст на бизнисот и отворање на можности за кои компанијата и менаџерите можеби до сега не размислувале. Постојат и не толку очигледни бенефити како на пример, висококфалификуваните кандидати може да ги менторираат останатите, да ги предизвикуваат колегите да ги наминат моменталните очекувања, да донесат одредена експертиза која не е застапена во компанијата.

Вработете го најдобриот талент што можете да го најдете

Визионерските лидери кога носат одлуки за вработување, не се фокусираат само на моменталните потреби, туку гледаат кон иднината. Во маестралното дело “First, Break All The Rules: What the World’s Greatest Managers Do Differently”, авторите Маркус Бакингем и Курт Кофман препорачуваат при вработувањето работодавачите да го ангажираат најдобриот талент што можат да го најдат.

Во аналогијата што се користи низ целата книга, тие препорачуваат: „Кога ги имате вистинските луѓе во автобусот, тогаш треба да започнете да се грижите на кое седиште ќе ги сместите“. Талентот и експертизата се секогаш добредојдени, а компанијата секогаш може да има место за нив. Имено, ангажирањето преквалификуван кандидат дефинитивно носи повеќе придобивки отколку ризици.

За авторот:

Анета Дуданова е Дипломиран психолог, Специјалист за регрутација и Employer Branding во Нептун Македонија. Својата кариера ја гради во областа на регрутација и профилирање на кадри од најразлични индустрии и нивоа. Добар познавач на пазарот на трудот, со повеќе од 13 години искуство во областа. Предводена од желбата да им помага на луѓето во пронаоѓање на вистинската работата за нив и исполнување на нивните целосни потенцијали, ја води кон исполнување на својата мисија: „Вистинските луѓе на вистински позиции“.

0 коментар
5

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...