Интервју со Татјана Ивановска – Раководител на секторот за правни работи и човечки ресурси во Градежен Институт МАКЕДОНИЈА АД Скопје.
Позитивна, полна со самодоверба и со зборови полни со љубов кон својата професија – вака ја затекнавме Татјана Ивановска која е наш денешен соговорник во рубриката Љубов кон HR. Во градежната индустрија работи 26 години, од кои 11 години како дел од голема градежна компанија со над 3 000 вработени, а во последните 15 години работи во Градежен Институт МАКЕДОНИЈА АД Скопје или скратено ГИМ на позиција Ракводител на сектор за правни работи и човечки ресурси. Повеќе за нејзината љубов кон човечките ресурси, кариерната патека и најголемите достигнувања прочитајте во нејзиното интерјву за 24HR.
Која е Татјана Ивановска?
Комуникативна, емоционално стабилна, одлучна, доследна, со самодоверба, личен интегритет, со позитивна енергија, упорна, медијатор, со одлично познавање на правните рамки и аспекти на работните односи и вработување. Во градежната индустрија работам 26 години. Работев 11 години во голема градежна компанија со над 3000 вработени, а сега работам веќе 15 (единаесет) години во Градежен Институт МАКЕДОНИЈА АД Скопје или скратено ГИМ. Првично работев како правен советник за потребите на сите сектори во компанијата и управните органи односно менаџментот. Кога се вработив компанијата броеше 160 вработени и за мене беше голем предизвик од една голема компанија со над 3000 вработени да работам во средна компанија.
Подоцна се формираше Служба за правни работи и бев именувана за Раководител на Службата, а во 2014 година со промени во организационата структура на моја иницијатива и залагање се формираше Сектор за правни работи и човечки ресурси и бев именувана за Раководител на Секторот на кое работно место сум до денес. Од моето вработување во оваа компанија постојано растеше бројот на вработени така што денес веќе броиме 310 вработени и сме во рангот на големи акционерски друштва, компанија која има 45 години традиција во областа на градежништвото. Долгогодишното искуство во градежната индустрија ми овозможи целосно да го осознаам овој бизнис и проблемите и предизвиците со кои се соочува оваа индустрија, а со тоа и да се развијам во областа на управување со човечките ресурси.
Како се роди љубовта кон човечките ресурси?
Мојата љубов кон HR не беше љубов на прв поглед туку постепено се градеше. Завршувањето на HR Академијата организирана од Clear View BTC –CS Global имаше пресудно значење за мојата понатамошна кариера во областа на човечките ресурси бидејќи желбата да се развијам во оваа област уште повеќе се зголеми. Досегашниот развој на компанијата (постоење веќе 45 години), постојаниот раст на бројот на вработени и структурата на вработените од кои половина се високо образовен кадар-инженери, а добар дел се техничарски и оперативен кадар, како и специфичноста на самата градежна струка, кај мене го зголемуваше интересот и желбата за развој во оваа област. Инволвирањето во делот на управување со човечкиот капитал и потенцијал, како личност која што е навистина динамична во работата, за мене претставуваше следно скалило во мојата кариера и амбиција за понатамошно надградување, каде што ќе можам да ја потврдам мојата посветеност и креативност. Со големо разбирање од сопствениците на компанијата и високиот менаџмент ми беше дадена голема шанса да го развивам делот на управување со човечките ресурси, а јас само ја искористив таа шанса и се гордеам денес за успехот кој го постигнав во нашата компанија да се сфати важноста на вработениот и улогата на одделот за човечки ресурси.
Кажете ни за вашите почетоци… од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
После дипломирање на Правниот факултет во Скопје, почнав како волонтер во адвокатска канцеларија, а после една година се вработив во правниот сектор на една голема градежна компанија. Го положив и правосудниот испит и бев со амбиција да станам судија. Секогаш сум била на страната на правдата и почитување на законите. Со оглед на тоа што многу тешко се доаѓаше до позиција за избор на судија, продолжив да барам нови предизвици за работа. Бидејќи градежништвото е специфична гранка, а јас веќе имав долгогодишно искуство во оваа дејност, ми беше предложено да работам како правен консултант-советник во Градежен Институт МАКЕДОНИЈА АД Скопје. Така од еден голем систем на функционирање каде секој си ја знаеше својата улога и задача, јас го прифатив предизвикот да бидам правен советник во една средна компанија, да ја формирам Службата за правни работи, а по завршување на HR Академијата и Adizes Top Leaf обука за менаџери (4 модули) и Секторот за правни работи и човечки ресурси во чии рамки е одделот за човечки ресурси.
Денес нашиот сектор компанијата го третира како стратешки партнер на сите сектори и на генералниот менаџер, особено кога се носат одлуки кои се однесуваат на вработените. Тоа значи познавање на севкупниот бизнис и движење на компанијата, сервис на клучните сектори, континуирана подршка, подобрување на процесите и континуирана обука, следење и грижа за развоj на вработените.
Дали постои некое професионално достигнување на кое сте особено горди?
Едно од најголемите мои професионални достигнувања дефинитивно е формирањето на Секторот за правни работи и човечки ресурси, а особено развојот на одделот за човечки ресурси. Тие што работат како HR професионалци знаат кaков предизвик е да добиеш „зелено светло“ од доминантните сопственици и високиот менаџмент, посебно во компанија каде што претходно немале претстава што е HR и кои се придобивките од HR.
Јас со мојот тим ги воспоставивме сите HR процеси – од регрутација и селекција, воведна обука и менторството што е дефинирана работна обврска на непосредно претпоставените, главните инженери и средниот менаџмент, со цел да се овозможи побрзо оспособување и вклучување на нововработените во извршување на секојдневните работни задачи.
Со плановите за кариерен развој ги поттикнуваме вработените за нивно дообразување, магистратури, докторати и со тоа градиме култура на учење кај вработените. Имаме развиено програми за обуки и развој на вработените, организираме интерни стручни обуки и работилници согласно специфичните барања на вработените, а како предавачи –обучувачи се наши искусни вработени експерти од соодветна област на градежништвото. Имаме и посебен правилник за стручно усовршување и дообразување на вработените.
Имплементиравме и практикантска програма за студенти од Градежниот факултет и другите технички факултети во РМ, за да се обезбеди развој на професионалните вештини на младите стручни кадри во периодот на нивното образование и да се стекнат со одредено работно искуство за нивното вработување. Моменталната состојба во компаниите во Македонија, посебно во нашата компанија покажува дека нововработените почетници без работно искуство тешко се снаоѓаат во работните процеси и тешко го применуваат стекнатото теоретско знаење во пракса. Голем предизвик за мене е преку оваа програма, практикантите кои се извор на високо мотивирани, а сеуште неизградени професионалци да се развијат според потребите на компанијата и да бидат потенцијални вработени во ГИМ.
Подготвуваме и спроведуваме специјализирани програми за управување со таленти, во соработка со нашиот Центар за истражување и развој и нашиот Научен Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика каде што им се дава можност на вработените, покрај редовните работни задачи, учество во иновативни и развојни проекти каде креативноста на вработените е охрабрена и таа треба да произведе нови, иновативни решенија.
Дигитализиравме 70% од процесите во HR преку набавка на софтверско решение.
Имаме уште многу да работиме и можноста за подобрување и надградба е неограничена.
Дополнително достигнување за мене беше мојот професионален развој. Јас HR-от го учев преку работата со мојот тим и заедничките проекти кои ги реализиравме, а ќе почнеме и нови.
Имате ли порака за идните генерации кои размислуваат за кариера во HR?
Им ја препорачувам оваа професија на сите оние кои сакаат работа со луѓе и нешто повеќе од она „секојдневното“ бидејќи HR професијата нуди многу можности за креативните и имплементирање на нивните идеи, а за реализација на мисијата „за доброто на сите во компанијата“.
Според мене најголем предизвик не е да бидеш HR професионалец во интернационални компании со веќе дефинирани HR процеси и процедури, туку да се изградиш како HR професионалец во македонска компанија и самостојно да ги воспоставиш сите HR процеси и процедури, а HR менаџерот да биде сфатен како стратешки бизнис партнер на сите сектори и на генералниот менаџер, особено кога се носат одлуки врзани за вработените.
Што мислите за порталот 24HR?
24HR e oдличен портал. Многу ми се допаѓаат содржините кои се споделуваат на дневно ниво и навистина ме радува што имаме портал на којшто можеме да споделуваме искуства, да придонесуваме за понатамошен развој на HR професијата во земјата и секако да научиме нешто ново кое што можеме да го примениме во нашата работа, а особено сега кога се соочуваме со низа предизвици поради пандемијата со Ковид-19.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.
1 коментар
Пример за другите!