Денес, меѓународното работење е полесно од кога било. Благодарение на огромниот технолошки напредок и глобализацијата, сé почесто сме ставени во ситуации каде што се среќаваме со луѓе кои што не се од нашата култура и поднебје. Разбирањето на овие културолошки разлики и адаптирањето на нашиот однос со луѓето врз основа на тоа на која култура припаѓаат е исклучително важно и би можело да биде огромна предност при работење на меѓународен план, но и огромна загуба доколку не го направиме тоа. Замислете колку би било непријатно доколку некој меѓународен проект или соработка се успори, или во најлош случај откаже, заради некаква ненамерна навреда или културолошка грешка од наша страна! Во оваа колумна ќе дискутираме зошто е важно да сме свесни за културолошките разлики помеѓу нас и луѓето со кои што соработуваме, и како да го постигнеме тоа.
Како меѓународни консултанти, сме работеле во повеќе од 30 земји низ светот и сме се соочиле со овие културолошки разлики. Заклучокот од ова искуство е дека свесноста за овие разлики помеѓу луѓето е исклучително корисна, особено во професионалните односи. Дури и за земји како што се Франција, Италија и Германија, земји кои што се релативно блиски до нас, важно е да се размислува за нивните обичаи и навики во бизнисот и работењето.
Како прво, ајде да разгледаме зошто е неопходно да размислуваме за културата на луѓето што се поинакви од нас. Доколку дојде до недостаток на културолошка чувствителност во професионалниот однос помеѓу луѓе со различни демографски карактеристики, може да се јават проблеми во комуникацијата, чувства на антагонизам или опаѓање на вклученоста на луѓето во работата. На пример, замислете дека работите со човек од Јапонија. Во јапонската бизнис култура, многу е важно поклонувањето како поздрав и знак на почит при среќавање со луѓето, каде што несоодветно поклонување или недостаток на истото би можело да биде сфатено како навреда. Доколку вие сте во работен однос со човек од Јапонија, и не сте свесни за овој јапонски обичај, тој би можел да се навреди и вашиот однос многу да страда, што потоа ќе му наштети и на бизнисот и соработката помеѓу вас. Имајќи го ова предвид, се гледа зошто знаењето на културолошките разлики помеѓу нас и луѓето со кои што работиме е навистина важно.
Но, сигурно некои од вас си мислат дека ова не звучи сосема фер. Ако се навратиме на примерот со Јапонецот, зошто ние како европјани да ги учиме неговите обичаи за поклонување, а тој да не ги учи нашите обичаи како што се ракувањето и гледањето во очи? Иако ова прашање има свои импликации, треба да се потсетиме дека целта на нашата средба со човек од друга култура е да дојдеме до договор и разбирање со цел да можеме да соработуваме. Доколку ги практикуваме обичаите и културните правила на луѓето од други култури, не само што ќе избегнеме ненамерни конфликти и непријатности, туку и можеме да имаме придобивка. Таа придобивка се состои во тоа луѓето да почувствуваат дека ние се грижиме и сме свесни за културолошките разлики помеѓу нас, што води до поголема заинтересираност, инволвираност и општа почит од нивна страна.
Видовме зошто е важно и корисно да се биде свесен за културата на нашите соработници различни од нас, но сега се поставува следново прашање: Како да научиме сé што треба за нивната култура и како да го примениме тоа? Одговорот на ова прашање е пребарување на интернет, и зборување со нашите колеги кои што веќе биле во комуникација со луѓе од други култури. Едно едноставно Гугл пребарување ни дава навидум неисцрпно многу знаење за другите култури и обичаи, особено на професионален план. Покрај тоа, многу често се случува нашите колеги во компанијата веќе да биле во контакт со луѓе од културата со која што ние се среќаваме, и можеме да ги прашаме за совет околу тоа како да постапиме. Овие се само неколку начини на кои што можеме да дојдеме до информации за обичаите и културата на луѓето со кои што работиме. Секој извор на знаење поврзан со ова би можел да ни помогне и да го продлабочи нашето разбирање за луѓето поинакви од нас, па дури и да не сме свесни за секој минорен детаљ од начинот на живот во некоја друга држава на пример, сепак се чувствува нашата заинтересираност.
Впрочем, тоа е и најважно. Целта на сето ова е да се остави позитивен впечаток кај луѓето од други култури и да се дојде до една добра комуникација која што ги отвора вратите кон соработка и успешен бизнис. Се надеваме дека со оваа колумна ве наведовме да размислувате на овој начин, и да се заинтересирате околу културите на вашите колеги и соработници различни од вас. Бидејќи сепак, на крај на денот тоа ќе ви користи вам и на вашата работа, и ќе бидете во можност да остварите навистина плодоносни професионални односи во овој сé повеќе и повеќе глобализиран свет.
За авторите:
Владимир Китановски е консултант за развој, а Михаил Китановски е интернационален бизнис и менаџмент консултант во Д2ЕМ Консалтинг. Веќе 20 години, Китановски и Д2ЕМ Консалтинг испорачуваат in-house консалтинг услуги, коучинг, и обуки за повеќе од 750 клиенти во 30 земји во светот. Главната цел на овие услуги е да се задоволат барањата на клиентите и да се испорача мерлив излез, а научниот пристап и континуираното учење се основа на работата на фирмата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.