HR во време на криза – предизвици и дилеми

од 24HR

Колумна на Томида Караиванова Алаѓозовска, Менаџер за човечки ресурси во ТАВ Македонија

Годинава сите почуствувавме дека Секторите за човечки ресурси играат посебно битна улога во времиња на кризи, како што е моменталната пандемија. Кога се намалуваат приходите на компанијата се менуваат и стратешките приоритети на компанијата, а тоа го чувствуваат и самите вработени. Очите и на менаџерите и на вработените во голема мера се упатени кон професионалците за Менаџмент на човечки ресурси. Умешноста на HR е како оптимално да се организираат меѓу себе за да излезат во пресрет на сите барања и кои сè компетенции им се потребни за да можат да одговорат на очекувањата. Покрај многуте ексел табели и оддржани zoom состаноци годинава, кои се улогите коишто ги играме, активностите на коишто посветуваме време и предизвиците со коишто се соочуваме?

Консултант на раководителите и линиските менаџери

Нормално е во вакви времиња раководителите да се соочуваат со многубројни прашања од страна на вработените. Голем број од прашањата се упатуваат во сферата на HR па менаџерите ги упатуваат кај нас. Она што е најбитно од наша страна е да им укажеме и укажуваме постојано на линиските менаџери дека вработените се чувствуваат несигурно во ваков период и она што најчесто им треба е некој да ги слушне, да се обиде да ги разбере. Мораме сите ние, не само вработените во HR, да сме околу нашите вработени, да слушнеме со што се соочуваат, да ги чуеме нивните дилеми и прашања и да се обидеме да одговориме. Исто така нормално е да ги немаме сите одговори но овде главна улога игра двостраната, отворена и честа комуникација – дали тоа е во облик на кратки дневни состаноци или брифинзи, почест фидбек, менторство, или едноставно неформален разговор важно е да сме помеѓу своите вработени за да сме во тек со нивните случувања. Мораме да сфатиме дека приватниот живот е сега дел од професионалниот живот повеќе од кога било.

Коучер или психолог на вработените

Ако последните години стававме акцент на балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот, оваа година дефинитивно благосостојбата на вработените станува приоритет. Коучингот е вештина што станува се повеќе ценета и е потребна во кризни времиња па оваа вештина станува неопходна компетенција помеѓу HR експертите. Но, дополнително на ова се јавува и потребата HR како и секој линиски менаџер да делува како психолог, да им помогне полесно да го пребродат овој период. Ова е вештина во којашто сите заедно вложивме напори и се учевме во годината што изминува. Во многу од компаниите, вработените во HR секторот пробуваа преку сите можни расположливи алатки, сајтови и вебинари да навлезат во овие терминогии и методи, да се обучат, да научат нови техники за да можат да помогнат за менталното здравје на вработените.

Различни и многубројни анализи за тоа што ги мотивира вработените?

Овој дел исто така има многу предизвици и секој HR професионалец се соочува со многубројни дилеми: Што е она што би можело да ги мотивира вработените а во исто време компанијата да може да издвои буџет за спроведување на истото? Каков ефект би имало тоа врз вработените, што е тоа што тие го бараат во услови на криза? Колкав буџет да се издвои за развој на вработените предвидувајќи ги новите компетенции кои ќе играат клучна улога во блиска иднина? Дали развојот на вработените е приоритет да се инвестира во период на финансиско преживување на компаниите? Што ако не инвестираме во овој дел, колку тоа ќе не чини следната година кога сите се надеваме дека полека ќе се нормализира ситуацијата?

Кои ни се клучните вработени во „новата нормала”, како тие да се задржат?

Менаџирањето со таленти е процес којшто е оставен настрана оваа година заради менувањето на фокусот на компанијата, но што е со клучните вработени, талентите, најголемите перформери и потенцијали? Улогата на HR е да ја оддржува оваа алатка ажурирана за да осигура дека бизнис процесите ќе течат непречено со најдобрите вработени во него. Секоја компанија сака најдобрите вработените да се тука, да се задоволни и да носат добри резултатите. Ова е исто предизвик за оддржување на свесноста на останатиот дел од компанијата за важноста на овој процес. Треба да сме будни за мотивираноста и посветеноста на нашите клучни вработени, да предвидиме и увидиме доколку ризикот за задржување на некој од тие вработени е висок да може да се делува навремено. Зачувувањето на добрите вработени е уште побитно во услови на криза со намален капацитет на човечки ресурси.

Верувам ви звучат познато и многу блиски овие предизвици и дилеми. Затоа што сите ние кои работиме во оваа област претпоставувам се соочуваме со предизвикот како да направиме долгорочна стратегија за човечки ресурси во ова време на неизвесност, а да сме сигурни дека краткорочните активности одат во правилна насока на поставените цели? Како да им одговориме правилно на прашањата на вработените во исто време држејќи ги мотивирани а искрено и транспарентно да им ја објасниме ситуацијата во која се наоѓаме?

Едно е сигурно, имаме многу предизвици од почетокот на пандемијата коишто сеуште траат и не знаеме што ќе донесат. Но позитивната страна е што, тоа неминовно ја крева свесноста во компаниите во нашата земја за тоа колку битна улога игра оваа професија во секоја компанија и нужноста од постоење од квалитетен HR оддел позициониран на стратешко ниво. Исто така, оваа криза ни дава можности да се надоградиме, да научиме многу работи и искуства, да се стекнеме со многу нови и битни компетенции кои во иднина ќе дадат додадена вредност на компаниите, бизнис партнерите, вработените.

За авторот:

Томида Караиванова Алаѓозовска е HR Manager во ТАВ Македонија. Има повеќе од 13 години работно искуство во рамките на HR, главно во телеком и FMCG индустријата а од 2019 година е во авиоиндустријата одговорна за двата аеродроми во Скопје и Охрид. Работата со луѓето, трката со новите трендови и брзиот развој е она што ја исполнува во својата професија.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...

Оваа веб страна користи cookies.