Како секојдневното однесување на менаџерите има влијание врз ефективноста и ефикасноста на вработените?

од 24HR

Колумна на Катерина Николовска-HR Specialist во East Gate Mall

Менаџер е лицето кое е поставено од страна на сопственикот на компанијата за да ги води останатите вработени и со тоа водење да се остварат целите на една организација. Односно менаџерот треба да се погрижи да не се уништи, се она што го изградил и создал сопственикот на компанијата, на начин што ќе обезбеди сите оддели во компанијата да работат исправно и со целосна посветеност.

Дефиницијата што јас би ја дала за еден менаџер, шеф, директор, раководител во зависност од организационата структура на фирмата е следната: личност поставена од основачот на фирмата во својство на “Чиновник” кој поради долгогодишното искуство и “напорно работење“ е избран за да се грижи  и да ги штити интересите на компанијата, но и на своите вработени , што тоа воопшто не е лесно.

За мене идеален менаџер е личноста која без оглед на позицијата на која се наоѓа и титулата што ја има, успеал да ги  зачува неговите вредности и успеал да остане човек кој ги поседува следните карактеристики:

Став – со својата појава да остави добар впечаток на пријатна и доверлива личност.

Храброст – има храброст да им се спротистави на останатите.

Чесност – да се стават вредностите на фирмата над личните интереси, над кариерата и личниот комфорт.

Интегритет – дури и кога никој не гледа работи исправно.

Грижа – ако можеме да бидеме добри кон самите себе и да се грижеме за себе , можеме да бидеме добри и да се грижеме и за своите вработени.

Заштита – секогаш треба да ги штити своите вработени дури и кога тие не се во право.

Обезбедува хармонична средина, односно секој ден наоѓа начин да им направи пријатна работна атмосфера на своите вработени.

Да се биде добар менаџер е вештина (особина) што не секој може да ја поседува. Таа вештина во себе вклучува автентичност, искреност, начин на однесување кон своите вработени, да се биде пример за останатите вработени, лидерство, делегирање, флексибилност, комуникација, мотивација на своите вработени, емпатија.

1.Автентичност

Оваа особина е една од ретките што во денешно време е многу тешко да се најде во еден работник кој е дел од една компанија, особено важна при менаџирање на клучниот ресурс во една компанија – вработените. Да се биде автентична, оригинална личност е една од карактеристиките што сметам дека еден менаџер треба да ја поседува. Да има свој оригинален начин на работа и да биде препознатлив по неговите принципи,  бидејќи на тој начин се гледа големината и вредноста на таа личност.

2.Искреност

Оваа карактеристика е една од најретките што во денешно време некој ја поседува. Искреноста е еден од најдобрите квалитети што еден менаџер  треба да ја поседува, бидејќи таа претставува основа за градење на доверба помеѓу менаџерот и вработениот. Добриот менаџер со својата искреност, преку отворена комуникација ќе им укаже на своите вработени каде грешат и  како  да станат подобри во она што го работат.

3.Начин на однесување кон своите вработени

Со своето однесување, односно како се однесувате со останатите вработени и како тие се чувствуваат околу вас, кажува повеќе за вас како менаџер од колку за нивниот карактер. Добриот менаџер  треба да се однесува со своите вработени на истиот начин како што  би сакал да се однесуваат другите кон него.

Не се однесува спрема своите вработени со висок тон и непочитување, бидејќи на тој начин предизвикува намалена мотивација за работа и поттик за вработениот да размислува да си најде друга работа.

Нема право да ги понижува и потценува своите вработени, бидејќи е на менаџерска позиција. Всушност никој, ама буквално никој во компанијата го нема тоа право!

Да се биде културен и љубезен е дел од основната култура и нема цена, а има големо значење за вработените и не одликува сите нас како индивидуи.

Што би рекол Марк Твeн: “ Љубезноста е јазик што глувиот може да ја слушне, а слепиот може да ја види“.

4.Да се биде пример за останатите вработени

Симон Синек кажува: ,,Ако ги вработиш луѓето само затоа што можат да ја завршат работа тие ќе работат за  пари. Но ако вработиш луѓе кои веруваат во тоа што ти веруваш, тие ќе работат со тебе низ крв,пот и солзи “.

Покажете им на своите вработени дека го сакате и сте посветени на она што го  работите, работете со задоволство, бидете тимски играч. Сe она што го барате од своите вработени покажете дека го имате и вие самите.

5.Лидерство

Секоја организација без оглед на големината треба да настојува да развиваат менаџери кои се едновремено и лидери, бидејќи извондредните работи можат да се постигнат кога има извондредно лидерство низ целата организација.

Луѓето (менаџерите) кои работат според традиционалниот концепт на позиција и титула веруваат дека им се доделува голема количина на моќ, врз основа на нивната титула. Како резултат на тоа,тие често не можат да гледаат подалеку од улогите и одговорностите на нивната “титула “ за да видат како нивните перформанси, став и општо однесување влијаат на другите.

Некои менаџери мислат дека правото и способноста да бидат лидери произлегува само од титулата, а не од нивното однесување и способноста да ги мотивираат своите вработени. Вработените  често  се соочуваат со менаџери на лидерски позиции кои во себе имаат одредено ниво на незаслужена ароганција и се обидуваат да ги срушат, наместо да бидат нивна инспирација.

Убавината на лидерството лежи во фактот дека на човек не му треба формална титула за да докаже дека е лидер. Не се работи за ранг, моќ или местото кое лицето го има во организацијата, единствено е важно колку ги инспирирате луѓето да веруваат во себе и во своите можности и потенцијал.

За да бидеш одличен лидер прво треба да станеш одлична личност. Никој не може да стане одличен лидер доколку искрено не се грижи за успехот на своите вработени.

6.Делегирање 

Делегирањето е клучна вештина во управувањето со своите вработени. Со делегирањето на некој начин им давате порака на вработените  дека имате доверба во нив и во нивните способности за професионално и успешно завршување на задачата што ќе им ја распределите. Делегирањето не смее да биде насочено само кон една личност од вашиот тим, односно поголемиот дел од важните работни задачи  не е во ред да им се распределат  само на една личност, а останатите споредни задачи да се дадат на другите вработени. На тој начин се предизвикува револт кај останатите вработени и демотивација за квалитетно завршување на зададената задача.

За делегирањето да биде ефикасно потребно е да се направи проценка на способностите и вештините кои ги имаат вработените кои се дел од вашиот тим. Тоа значи  дека подеднакво ги распределувате работните задачи на своите вработени и секоја работна задача треба да биде дадена на вработениот што е најсоодветен за извршување на таа задача. По распределувањето на работните задачи им давате простор на секој вработен да си направи свој план на работа.

Бидете јасни и конкретни за она што го очекувате од нив. Отворено кажете им ги сите детали околу зададената работна задача за да им ја олесните можноста за целосно и навремено завршување на задачата.

Направете атмносфера да вашите вработени преземат одговорност и овластувања врз работната задача која им е делегирана, таа да изгледа како предизвик. Дозволете им задачата да ја завршат на начин кој сами ќе го изберат и не им се мешајте се додека резултатите се такви како што се очекуваат.При “onboarding” процесот важно е новиот вработен да добива задачи кои градационо се зголемуваат во тежина и комплесност и не смее да не му се дозволи на вработниот да не згреши, бидејќи низ таков процес најбрзо ќе се адаптира на вашиот тим и работна средина. Доколку е потребно понудете им помош од ваша страна. На тој начин ќе знаат дека имаат ваша поддршка.

По успешно завршената задача заблагодарете им се на вашиот тим, искажете го вашето задоволство дека сте горди што се дел од вашиот тим  и наградете ги за успешната реализација.

7.Флексибилност

Оваа вештина многу ретко се применува, а всушност е неопходна.Секој менаџер ,мора да се прилагоди кон своите вработени и да ги прифати  нивните лични карактеристики такви како што се и да не ги потценува или да ги става во непријатни ситуации,како и да се прилагодува на секој предизвик. Секој вработен како индивидуа сам по себе е различен , па со оглед на тоа треба  да го најдете соодветниот начин за пристап до своите вработените.

8.Комуникација

Комуникацијата е една од најважните вештини што треба да ја поседува секој добар менаџер . Комуникацијата е од големо значење за успешно функционирање на тимот. Начинот на кој менаџерот ќе ја оствари комуникацијата со своите соработници има влијание на тоа колку добро и ефикасно ќе се одвива процесот на работа, а со тоа и временскиот период на завршување на дадените задачи.

При процесот на комуникација со својот тим еден добар менаџер не смее да употребува зборови како:  “ Јас сум ваш менаџер , а вие сте мои извршители и ќе ги извршувате задачите кои јас ќе ви ги дадам ”. Ваквото однесување за една интелектуална личност е недозволиво, бидејќи на тој начин го губи кредибилитетот во очите на своите вработени, како и желбата и волјата за работа и со тоа предизвикува чувство на одбивност кај своите вработени.

Менаџерот најголемиот дел од времето поминува во комуникација со своите вработени, затоа е битно да се биде јасен и прецизен. Односно од тоа произлегува поставувањето на  вистинските прашања со кои се добива јасност и потврдување на она што сме го слушнале, а низ разговор ќе бараме повратен одговор од соговорникот , со цел да видеме дали сме јасно разбрани од спротивната страна и да се спречат недоразбирања.

Никогаш не правете вработените да се чувствуваат несоодветни за поставување прашања, не постои такво нешто како глупаво прашање.

Како менаџер прашајте дали имаат потреба од Ваша помош и на кој начин би можеле да им ја олесните работата. Слушнете ги нивните предлози и сериозно третирајте ги идеите што ги предлагаат вашите вработени.,,Слушајте за да разберете ,а не да одговарате.” На овој начин во очите на своите вработени добивате друга слика што  ќе ви донесе зголемување на вашата вредност ,а со тоа и  почит од своите вработени. Вашата менаџерска позиција добива тежина во вистинска смисла на зборот.

Добрата комуникација е обезбедување на вистинскиот вид на информации и доставување на вистинската  порака до вашите вработени на јасен и соодветен начин.

Лошата комуникација е причина за мноштво проблеми на работното место, вклучително и меѓучовечки конфликти, залудно потрошени пари, напор и  слаба продуктивност.

Без разлика дали вашата организација има 50, 500 или 5.000 вработени, начинот на кој таа ќе комуницира, директно ќе влијае на фокусот, моралот и посветеноста на работниците.

Што би рекла поговорката : “Јас научив дека луѓето можеби ќе заборават што сме рекле, луѓето ќе заборават што сме направиле, но луѓето нема никогаш да заборават како сме направиле да се чувствуваат“ – Маја Анѓелу

9.Мотивација на своите вработени

За да ги мотивираме своите вработени, пред се е потребно да им покажеме дека се грижиме за нив на начин што ќе им обезбедиме добри услови за работа. Финансиските придобивки,платата и бонусите се исто така важни, бидејќи  тие најмногу го мотивираат вработениот да даде се  од себе  за да ги заврши своите работни обврски.

Но најголема мотивација за вработените во една компанија е позитивна работната средина, менаџер кој ги охрабрува, одлична комуникација со колегите како и вреднувањето на нивната работа.

Вработените не ја напуштаат својата работа, тие ја напуштаат токсичната работна средина.

10.Емпатија

Емпатијата е основна човечка емоција, сочувството со друг човек не се променува само затоа што на некој му сте претпоставен, имате титула и моќ. Сите вработени исто како нас имаат тешки моменти надвор од своето работно време, кои имаат влијание врз нивната ефикасност и продуктивност, но ние не смееме да се однесуваме нечовечно спрема нив. Како добар менаџер треба да застанете покрај своите вработени и во нивните најтешки моменти во нивниот живот, бидејќи со тоа покажувате не само професионална туку и лична грижа спрема нив, не само како вработени туку и како човечки суштества.

За крај: Чувајте ги и ценете ги своите вработени, бидејќи без нив профитот во компанијата би бил еднаков на нула. Тие се моментално најскапоцениот ресурс во нашата држава –  ендемски вид во изумирање.

За авторот:

Катерина Николовска-Магистер по Граѓанско право од Правен Факултет ,,Јустинијан Први” при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј “ – Скопје, со 5 години работно искуство во Сектор Човечки ресурси.Својата кариера ја започнува во Битола како Референт за човечки ресурси, а продолжува во Скопје во East Gate Mall како Специјалист за човечки ресурси.

Водена од желбата и страста за  добра работна култура и пренесување на истата во секоја работна средина, заедно со човечки работни вредности.

Цитати по кои се води и кои ги применува во своето работење се:

 “Whatever you are, be a good one” – Abraham Lincoln

  “I never give up until I make things happen” – Unknown

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...