Кого лажеш денес?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Лажењето е, велат, природно човечко однесување. Децата започнуваат да лажат многу рано, околу втората година во животот. Од четвртата, веќе знаат да создадат цело сценарио – да го прилагодат тонот на гласот со кој раскажуваат, да смислат приказна, да го објаснат своето однесување, да го сменат изразот на лицето и тн. И, велат научниците, тоа не треба да не загрижува, бидејќи, лажењето на таа возраст е знак за висока интелигенција, знак дека во малото мозоче во исто време се одвиваат повеќе сложени процеси кои успеваат да направат разлика меѓу лага и вистина, но и успешно да се натераат (поради одредени причини) да ја прескокнат вистината. Да им веруваме на научниците, м?

Ајде да го погледнеме лажењето од друг аспект. Зошто лажеме? Причини еден куп. На пример, одбрана. Да, од најмала возраст лажеме во самоодбрана. Ако знаеш дека ќе бидеш казнет дека си ја скршил вазната, многу попаметно е да кажеш дека тоа го сторила мачката, нели? Избегнување на разочараност. Подобро кажи дека наставничката ти го пофалила цртежот во градинка, отколку да го гледаш разочараното лице на татко ти кога ќе му кажеш дека 10 цртежи биле избрани за на изложба, но твојот не бил меѓу нив. Од вкупно 12, на пример. Привлекување на внимание. Колку и да мислиме дека им посветуваме доволно време, дека се центарот на нашиот свет, некогаш, помеѓу купот секојдневни обврски, нервози, борба за преживување на денот, нашите малечки се чувствуваат запоставени. И, лажат, како би го добиле нашето внимание. Ради заштита на некој друг. Ако знаеме дека братчето/сестричката/другарчето во градинка ќе добие казна за тоа што го сторило, ќе премолчиме. Или, ќе излажеме, затоа што го сакаме, нели.

Што мислите, природно ли е ова? Се раѓаме ли со желбата да лажеме? Или, сепак, општеството (родителите, воспитувачите и тн.) на некој начин не научиле да лажеме? Како: “Кога ќе те праша баба ти дали џемперот што ти го купила за роденден ти се допаѓа, кажи: “Да, бабо, прекрасен е!”, добро? Греота е, ќе се разочара”.

И, постои ли период во животот кога престануваме да лажеме? Кога стануваме свесни за непотребата од тоа и, едноставно, почнуваме да ја кажуваме вистината? Не, секако. Само, возрасните сме поумешни, па сме ги поделиле лагите на бели и црни. Као, белите се добри, нели. Луѓето што ги користат ги сметаме за пристојни, учтиви, добро воспитани. “Да, драга, прекрасно ти стои фустанот”.. “Ооо, не знаеш каква гужва имаше низ град, едвај стигнав, добро што не задоцнив повеќе”.. “Ми се испразни батеријата на телефонот”.. “Не можам да дојдам, имам премногу обврски оваа недела, но те барам за брзо, сигурно”.. “Секако дека не ми пречи да работам за викенд”.. “Не ја работам оваа работа за пари, задоволство ми е”.. “Превкусен беше ручекот”.. “Ме боли главата, не е до тебе” и она, страшното “Добар сум” на прашањето “Како си?”

А, не треба. Секојдневно читаме за лошите страни на вистината, во стил:  вистината може да убие, бла бла бла.. Не е така. Потребна ни е култура на вистина. Одгледување на цели нови генерации кои нема да се плашат да ја кажат вистината. Возрасни кои нема да бидат навредени ако некој им каже дека новата кошула и не е баш најдобра, дека салатата била пресолена, дека едноставно, не ни се излегува во град или ни треба вечер со книга и чај, мирна и тивка, наместо бучна забава со пријателите, а притоа, тоа да не значи дека пријателите помалку ни значат.

Исто и на работа. Разбирам дека голем дел од компаниите функционираат врз основа на истакнување на добрите страни на производот/компанијата, премолчувајќи ги лошите. Лесно е да направите добра реклама за производ, колку е тој добар, квалитетен, вкусен, едноставно неодолив, но, до кога? Добрата реклама само побрзо ќе го убие лошиот производ, бидејќи, благодарение на неа, голем број луѓе ќе го пробаат и, ќе сфатат дека не сте биле баш искрени.

Или, во оглас за работа. Знаете ли колку кандидати имам на интервју кои се жалат баш на тоа – огласот за вработување во претходната фирма бил привлечен, на интревју за вработувње им било ветено се и сешто и, за неколку месеци, после “ама причекај, тоа ќе се среди, за некое време ќе ти дадеме тоа што ти ветивме” кандидатите да сфатат дека биле, едноставно, излажани и да си побараат нова работа.

Зошто? Вреди ли да трошиме пари на скапа реклама, ако не сме 100% сигурни во производот? Вреди ли да ги лажеме кандидатите за работа, ветувајќи им плата и бенефиции, само да, за неколку месеци повторно сме принудени да бараме нови? Наместо да си го подобриме производот, да го подобриме пакетот што го нудиме на кандидатите и, да се надеваме на најдоброто.

Искреноста, (да, искреноста) е клучна во комуникацијата. Не е толку важно колку добар говорник сте, ако тоа што го кажувате е искрено, од срце. Нема доверба без добра, искрена комуникација. На секое ниво, во секој дел од животот.

Ќе речете, лесно е да бидеш искрен кога работите одат добро, но, што кога не е така? Е, драги мои, тогаш уште повеќе ни треба искрена комуникација.

Не постои компанија која не се соочила со тешки периоди. Лоши пазарни услови, нелојална конкуренција, високи цени на суровини, ниски продажни цени, високи давачки, проблеми во машинскиот парк, големи трошоци, што ли уште не.. Верувајте, не постои начин тоа да го скриете од своите вработени. Атмосферата е поинаква, се чувствува. Бидете искрени. Кажете им со какви проблеми се соочувате. Кажете што преземате. Кои се плановите. Колку време ќе биде потребно да се излезе од кризата. Што очекувате од нив. Ќе ве разберат. Ќе земат дел од теретот на себе. Ќе се почувствуват важни, ќе се обидат да помогнат, да понудат решение. Сепак, тоа е компанијата која ги храни, зошто би и посакале лошо?

Постои уште еден случај кога искрената комуникација е од врвно значење – криза. И најдобрите компании се соочуваат со кризни ситуации. Секако, голем дел од нив имаат формирано група за кризен менаџмент, изведуваат редовни вежби, имаат процедура што, кој, како и тн. Но, кризата е безобразна, доаѓа ненајавено, најчесто во дел кој не било ни можно да се предвиди и тука е. Од однесувањето на клучните лица зависи дали и како компанијата ќе ја преживее кризата.

Ако ги погледнеме случаите со големи компании на кои им се случија кризи, како кај нас, така и во регионот, ќе видиме дека голем дел од нив реагирале несоодветно – или молчеле, оставејќи им на порталите да претпоставуваат и до бескрај да ја влечат приказната накитена со сите можни (нималку добри) нешта, или дале многу мали, оскудни информации, оставајќи простор за развој на шпекулации, кои, секако, ќе ги искористи конкуренцијата и останатите кои од тоа имаат ќар.

Единствен начин е, што би рекле Американците, “drop all basket at once”, односно, после првиот шок и средувањето на импресиите во самата компанија, јасно, гласно, од местото на настанот, пред јавноста, искрено и без запирки, изнесете ја точната приказна. Што се случило, зошто се случило, што преземате да ги отстраните последиците, како тоа ќе го превенирате во иднина. Без да оставите ни најмал простор за искривување на вистината, без простор за додавање, без сиви зони кои ќе родат сомнежи во вашата добронамерност. И, надевајте се на најдобро.

Впрочем, зошто овој дел од кризниот менаџмент не го применуваме во нашиот приватен живот? Зошто, едноставно, не престанеме да ја разубавуваме реалноста со лаги, и, наместо тоа, се потрудиме да ја направиме поубава? Зошто да не им кажеме на луѓето што не повредува, а што не прави среќни?

Се сеќавате ли на приказната за проѕирното дете? Она, од чие чело, секој можел да му ги прочита мислите? Па како возрасен го ставиле во затвор, бидејќи мислите му биле премногу револуционерни? Сте се запрашале ли, колку од вашите врски (приватни, деловни, секакви) би опстанале доколку вашите партнери имаат можност да ви ги читаат мислите? Страшно, нели. Зошто си го правиме тоа? А да престанеме, сега, денес, веднаш, м?

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...