Европската унија во април предложи да се регулира употребата на вештачка интелигенција, што би можело да го промени начинот на кој компаниите регрутираат и вработуваат работници низ цела Европа.
Подготвувајќи ја првата законска рамка за вештачка интелигенција, ЕУ утврди дека системите при вработување и регрутирање кои се базираат на вештачка интелигенција се со висок ризик, истакна Ејми Бирд, адвокат на „Клифорд Шанс“ во Лондон.
Новиот предлог на ЕУ може да влијае на системите за вработување и селекција, како што се огласување на слободни работни места, проверка или филтрирање на апликации и оценување на кандидати преку интервјуа и тестови, пишува SHRM.
„Постојат етички импликации дека вештачката интелигенција има сè поголемо влијание врз животот на поединците“, рече Бирд. „Предлогот на ЕУ признава дека човечката интелигенција не може целосно да и отстапи на вештачката интелигенција и дека постојат граници во кои таа не треба да залута“, додаде таа.
Официјални претставници на ЕУ изјавија дека технологијата базирана на вештачка интелигенција има потреба од проактивно регулирање, бидејќи подоцна тоа може да биде тешко заради брзиот напредок на технологијата, изјави Јан-Ове Бекер, адвокат на „Литлер“ во Хамбург, Германија.
„Регулативата мора да пронајде рамнотежа помеѓу разумните комерцијални и оперативни интереси на компаниите и правата на приватност и антидискриминација на вработените“, рече Бекер.
Провајдерите на системи базирани на вештачка интелигенција ќе треба да достават детална документација за тоа како функционираат нивните системи за да се осигурат дека се во согласност со предложените правила, објаснува Јулија Рајнхард, соработник од фондацијата „Мозила“ во Сан Франциско.
Европските компании што ги прекршуваат овие правила може да се соочат со казни до 30 милиони евра па дури и повеќе ако се големи глобални организации, според Сан Бланкестијан, адвокат на „Клифорд Шанс“ во Амстердам. „Ова ќе осигури дека нивното раководство сериозно ќе ја сфати усогласеноста со овие предложени правила.“
За овој предлог да стане закон може да бидат потребни и неколку години затоа што претходно треба да биде одобрен од сите 27 земји на ЕУ, како и од Европскиот парламент.
Предлогот на ЕУ може да ги намали иновациите на европскиот пазар на работна сила поради тоа што ќе создаде непотребни бариери на патот кон развој, тестирање и користење на вештачката интелигенција, смета Ходан Омар, аналитичар на политики во Центарот за иновации на податоци, тинк-тенк центар во Вашингтон Д.Ц.
Доколку предлогот на ЕУ помине, тоа ќе создаде постандардизиран, поетички и потранспарентен пристап за користење на вештачката интелигенција во процесот на регрутирање и вработување, вели Ерик Сидел, извршен потпретседател за иновации во софтверската компанија „Модерн Хајр“.
„Од компаниите и провајдерите на технолошки иновации ќе се бара да следат стандарден пакет на правила што ќе го подобри кандидатското искуство“, додаде Сидел.
Но додека технологијата базирана на вештачка интелигенција покренува низа етички прашања, ЕУ исто така мора да признае дека строгите правила можат да наметнат значителни административни, правни и финансиски товари врз работодавците во ЕУ, објасни Мајкл Чичестер Јуниор, адвокат на „Литлер“ во Детроит. Работодавците можеби ќе сакаат да побараат помош од правен советник за развој на политика за вештачка интелигенција, заедно со најразлични програми за обука.
„Пристојната политика за вештачка интелигенција треба да го оцртува ставот на компанијата во однос на етичките норми при користење на вештачката интелигенција, со цел намалување на предрасудите, обезбедување правда и балансирање на надзорот и точноста“, додаде Чичестер.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.