Откривањето на потенцијалот кај луѓето е нешто што максимално ме исполнува и инспирира

од 24HR

24HR ви ја пренесува HR приказната на Бјанка Катру, Менаџер за човечки ресурси и администрација во Финансиското друштво М Кеш Македонија.

Бјанка Катру е космополитски, интернационален и трендовски тип во сите компоненти на животот, почнувајќи од поведението на работното, професионално и социјално поле, па се до личниот аутфит. Критериумите и системот на вредности и се секогаш над сè, некогаш дури и нагласени и со повисок праг но тоа, како што признава таа, ја потикнува нејзината амбиција. Секогаш се води од чувството на праведноста и фер релациите.

Мајчинството на осумгодишниот син ја поттикнува нејзината одговорност, но и емпатијата кон луѓето и околината, а со истата сензитивност ја доживува и својата компанија.

За своето професионално „јас“ вели дека е годра што е дел од компанија која во секој правец го прифаќа нејзиниот удел со еднакво ниво на почитување, а тоа ја мотивира приватно и професионално да се посвети на сите нивоа во компанијата.

Како се роди љубовта помеѓу Бјанка и човечките ресурси?

Ги сакам луѓето, сакам да работам со луѓе во динамична средина и токму затоа се вљубив во оваа професија. Секој ден е различен, со различни предизвици, на секоја позиција и ново вработување се радувам, бидејќи веќе имам визија и проекција за тоа како вработениот ќе се развива во иднина. Се вложувам 100% во секое вработување, обука, вклопување во тимот, кариерно развивање… пронаоѓањето на потенцијалот во луѓето е она што ме инспирира и исполнува максимално.

Денес сте Менаџер за човечки ресурси и администрација во Финансиското друштво М Кеш Македонија меѓутоа како и секој друг професионалец и вие имате свои почетоци. Како изгледа кариерната патека на Бјанка Катру?

Додипломските студии ги завршив на факултетот за политички науки на Универзитет Американ Колеџ – Скопје и се здобив со титулата Дипломиран политиколог и специјалист по човекови права во 2007 година. Постдипломските студии, исто така, ги завршив на Американ колеџ во 2009 година на смерот – Менаџмент на човечки ресурси.

Уште како студент моите потенцијали беа препознаени при што бев вклучена во организирање на разни настани на факултетот и натпревари за изразување и пишување. Способностите да раководам, да се грижам за колегите и да им помагам ме донесоа на функција тутор на факултетот, каде имав за задача да работам со студентите од мојата област кои имаа потешкотии по одреден предмет.

Моето прво работно искуство беше на Европски Универзитет, каде бев дел од тимот во Универзитетскиот стоматолошки клинички центар во одделот администрација и логистика.

Во 2012 година се посветив на мајчинството се до февруари 2016 кога станав дел од тимот на Финансиското друштво М Кеш.

М Кеш е првото онлајн финансиско друштво (дел од MFG – бугарска групација), лидер на пазарот кое од 2015 година се занимава со кратки, брзи и удобни позајмици во вистински момент кога населението има потреба од пари.

Во М Кеш сум речиси од основањето и прво започнав на позицијата Офис Администратор, а потоа како што растеше компанијата така и јас кариерно растев и деловно се надоградував, и од страна на групацијата бев назначена за Менаџер за човечки ресурси и администрација.

Навистина интересно и возбудливо кариерно патување. А кое е вашето најголемо HR достигнување?

Моето најголемо достигнување е всушност и најголемото компаниско и тимско достигнување до моментов – тоа е проектот „Продавници за пари”. Стремејќи се да ги задоволиме потребите на нашите клиенти, промовирајќи се како пријатели на населението кон крајот 2018 година започнавме со дисперзирање на нашата дејност преку отварање на Продавници за пари каде клиентите покрај онлајн услугата имаат можност директно да аплицираат за кредит и да ги добијат средствата на рака. До тој момент бевме четиринаесет вработени од кои девет лица беа Контакт центар, два Кредитни инспектори, јас, оперативен директор и ИТ специјалист. За помалку од две години отворивме 30 Продавници за пари на територијата низ цела Македонија. Моментално сме близу деведесет вработени каде имаме трговска структура од педесет вработени и четириесет вработени во централ офис (Контакт центар, Кредитен оддел и логистички позиции).

На почетокот на овој проект, како што напоменав, имавме недостаток на кадар и позиции па секој беше “one man show” за своите процеси. Немавме раширена трговска структура, кога ќе направевме план во кои градови ќе отвараме Продавници, некогаш сама некогаш и со колегите барав локации, се грижев за внатрешното унифицирано уредување на продавниците, паралелно додека баравме локации во одреден град правев интервјуа и селекција на кандидати, потоа организирав обуки за вработените и бев одговорна за административното и финансиското работење на сите Продавници. Веќе на 15-тата Продавница имавме доста разгранета структура каде менаџмент од пет лица веќе беше макотрпно да го води целиот бизнис па затоа издигнавме Ареа менаџери кои се одговорни за трговската структура, започнавме со профилирање и структуирање на позициите во Маркетинг, Бизнис Аналитичар, Правник, Корпоративна сигурност, Проект менаџер, и нормално за сето тоа време перманентно се зголемуваше бројката на вработени и во контакт центарот и во кредитниот оддел.

Во овој проект имав голем удел и успех и тоа беше соодветно вреднувано од групацијата, но од оваа перспектива гледајќи наназад на изминатите две години морам да напоменам дека тимскиот пристап кон извршување на работните задачи е клучот за успехот! Знаете како велат: доколку сакате да стасате брзо – чекорете сами, доколку сакате да стасате далеку – чекорете заедно.

Во моментов мојата позиција е порелаксирана 😊… сега сум насочена кон градење и јакнење на структурата и тимот, следење на перформансите на вработените и менаџирање на стратешките цели на компанијата.

Која би била вашата порака за сите оние кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Пред сè, да бидат едуцирани во тек со времето, непоколебливи, амбициозни и мотивирачки кон себе и работната околина, способни во вистинско време да го препознаат вистинскиот момент и потреба за трансформација и унапредување на компанијата. Оваа професија бара перманентна активност и будност, развивање на стратегиски менаџмент со цел работите да не се остават на случajност туку да бидат обмислени и планирани. Оваа професија бара личен афинитет и волја за работа, секогаш поттикнати од правиланта искористеност на кадарот и респект кон заслугите на поединците и тимот.

Бјанка Катру за 24HR:

„24HR го доживувам како професионална платформа за средба на умови во иста професија со струење на оригинални, разновидни, корисни идеи и градење на виртуелна колегијална размена на искуства и знаења. Со оглед на динамиката на професијата, 24HR е мое секојдневие, следејќи го и читајќи ги содржините ми дава елан и можност за здобивање со  различни мислења од други колеги.“

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...

Оваа веб страна користи cookies.