Меѓународниот ден на среќата кој се одбележува денес е одличен момент да ја погледнеме реалната состојба за тоа колку луѓето се исполнети на своите работни места.
Среќните луѓе се за 13 проценти попродуктивни вработени отколку несреќните, покажа една студија во 2019 која беше спроведена од Универзитетот во Оксфорд и британската телефонска компанија БТ.
Две години претходно, истото го посочи и Д-р Камила Престон која во магазинот Форбс цитираше студија според која среќните вработени се дури за 20 проценти попродуктивни од нивните несреќни колеги.
Иако може да изгледа необично да зборуваме за среќа кога во светот владее голема неизвесност поради пандемијата на Ковид-19, се чини дека постојат оправдани деловни причини кои ќе ги натераат работодавците малку поактивно да размислуваат за среќата на вработените.
Некои компании како „Гугл“ уште одамна сфатија дека среќата е нешто што работодавачот треба да го потикнува па назначија професионалци кои ќе се грижат за овој сегмент. Тоа подоцна го направија и „САП“, „Амазон“ и „Ербнб“.
Ова не мотивира да се запрашаме зошто среќата игра толку важна улога кога се работи за продуктивноста на вработените?
Среќата мултиплицира успех
Среќата на работа може да се шири како оган. Вработените кои чувствуваат задоволство да ја извршуваат својата работа претставуваат одличен пример за другите кои се помалку мотивирани.
На пример, кога лидерот на тимот е задоволен со својата позиција и работа, тој може да влијае на неговиот тим со поголема позитивност и да одржува одлична функционалност на групата. Среќата на работното место е во директна корелација со зголемената продуктивност и подобрите групни перформанси во работењето.
Среќата создава позитивност
Проблематичниот ум може да биде складиште на негативни мисли. Кога работиме од присила и не се чувствуваме страствени за придонесот што го даваме за успехот на организацијата, нашиот ум почнува да се уморува.
Чувствуваме стрес, губиме фокус и им се препуштаме на самоомаложувачки мисли како „Морам да се откажам“, „Не можам повеќе да издржам“, „Не вредам“ итн. Напротив, професионалец кој има силни позитивни чувства за неговата работа несомнено ќе биде повеќе ентузијаст и ќе се фокусира на градење на самиот себе. Наместо да се фокусира на проблемите, тој ќе бара начини на решавање на истите.
Иако ова се чини како висок дострел, особено сега со оглед на сè што се случува во светот, овој период може да биде добро време да се разгледа ова прашање бидејќи многу компании бараат начин да ги задржат вработените ангажирани додека сите ние преминуваме кон новите начини на работа. Имајќи ја предвид среќата, ние како професионалци за човечки ресурси може да помогнеме да се изградат подобри работни места.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.