Како „паметно“ да ги вратиме вработените во канцеларија?

од 24HR

Најбезболниот начин за враќање во канцеларија е преку заедничка стратегија која ќе дојде од вработените и ќе биде за нив.

Компаниите треба внимателно да размислат за одлуката да ги вратат вработените во канцеларија со полно работно време. Флексибилноста на далечинската работа го поттикнува задоволството на вработените и води кон поздрава рамнотежа помеѓу работата и животот. Одземете го тоа од вработените и истото може да има далекусежни влијанија врз сè, од регрутирање и задржување на талентите до продуктивноста и иновативноста на вашите луѓе.

За да го избегнеме тоа, одговорните за човечки ресурси и деловните лидери треба да изградат модел на работа што ќе им овозможи на вработените да ја задржат флексибилноста, а исто така да имаат корист од сè што може да понуди канцеларијата. На овој начин, компаниите можат да создадат стратегија за враќање во канцеларија која во крајна линија ќе им служи на вработените.

Зошто флексибилноста е клучот за зајакнување на вашите вработени

Компанијата Hibob спроведе глобално истражување за да разбере како се чувствуваат вработените во врска со работата од дома и кои се нивните очекувања по Ковид-19. Нивната анализа откри дека придобивките од далечинското работење се многу поголеми од недостатоците: 77 проценти од анкетираните изјавиле дека работата од дома овозможува повисока продуктивност, а 62 проценти сметаат дека таа доведува до подобар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Постојат два главни фактори за зголемувањето на продуктивноста и задоволството од работата. Прво, вработените губат помалку време на патување до работа. И второ, флексибилноста им овозможува самостојно да го одредат распоредот за работа.

Евентуалната криза на задржување што ќе ја имаат секторите за човечки ресурси доколку нивните вработени бидат принудени да се вратат во канцеларија се доволна причина да се „запалат“ алармите. Горенаведеното истражување покажа дека само 13 проценти од вработените претпочитаат да се вратат во канцеларија пет дена во неделата, а повеќе од една третина од работната сила се очекува да го промени своето работно место ако биде принудена на ова.

Многу повознемирувачко е тоа што вработените родители имаат двојно поголеми шанси да се откажат и да побараат нова можност ако бидат принудени да се вратат во канцеларија со полно работно време. Откако минатата година им докажаа на работодавците дека можат да бидат продуктивни од каде било, на вработените ќе им треба навистина добра причина за да му се вратат на традиционлалниот начин на работа од 9 до 5.

Креирање стратегија за враќање во канцеларија што им служи на вашите вработени и вашата компанија

Изминатата година покажа дека луѓето можат да работат од каде било. Со толку високи нивоа на продуктивност, прашањето се префрла од „Како да ги вратите вработените во канцеларија“ во „Зошто да ги вратите вработените воопшто?“. Некои компании им рекоа на вработените дека можат да работат од далечина на неодредено време, а извршниот директор на Shopify, Тоби Лутке, оди дотаму што смело изјави дека „канцелариската центричност е завршена“.

Иако канцеларијата можеби веќе не е местото каде што вработените го поминуваат најголемиот дел од своето време, сепак постојат одредени придобивки како тимска работа, задржување на културата на компанијата и социјалните релации помеѓу вработените. Наместо целосно да ја напуштат канцеларијата или да ги принудат вработените да се вратат со полно работно време, компаниите треба да најдат некое решение кое се наоѓа на средина.

Истражувањето на Hibob покажа дека хибридниот модел на работа, каде што вработените работат од дома и од канцеларија, е најдобро решение. Седумдесет и три проценти од менаџерите се за два или три дена работа во канцеларија, а ова е доволно сознание дека тие размислуваат за хибриден модел на работа.

Канцеларијата има вредност како заеднички простор каде што вработените можат да работат заедно, да учат едни од други и да бараат совет. Некои вработени напредуваат надвор од канцеларијата, додека други, како што се најмладите кои што влегуваат во работната сила, ќе имаат корист од физичка обука, вмрежување и социјални интеракции кои се возможни само во канцеларија. Постојат тимови кои работат самостојно, додека други работат поблиску, хранејќи се од енергијата на групата. За да ја одредите вистинската стратегија за враќање на вашите вработени во канцеларија, најдобро е да ги прашате вработените како сакаат да работат.

Започнете со испраќање на анкета во која ќе побарате мислење од вработените колку дена би сакале да работат во канцеларија. Бидете јасни и немојте да ветувате нешто што не можете да го исполните. Ако веќе сте потпишале закуп на дополнителен канцелариски простор и знаете дека ќе ги враќате вработените, не прашувајте дали би сакале да работат целосно од далечина. Ова само ќе доведе до недоверба и незадоволна работна сила. Наместо тоа, прашајте ги вашите вработени каков вид на работа претпочитаат да вршат во канцеларија наспроти дома. Поставувањето вакви прашања до вашите вработени покажува дека го цените нивниот придонес и ги гледате како партнери во изготвувањето стратегија што има смисла за секого.

На крајот на краиштата, вашата стратегија за враќање на вработените во канцеларијата треба да се усогласи со тоа како вашите вработени сакаат да работат. Откако ќе инвестирате време и ресурси во дизајнирање канцеларии кои подобро ги мотивираат вработените и ќе ја изнесат нивната страст, може да се изненадите кога ќе дознаете дека она што им е потребно на вработените не се маси за пинг-понг, мрзеливи вреќи или комплетно опремена кафетерија. Она што им е потребно на вашите вработени е флексибилност. Сега кога го разбравме ова, последното нешто што компаниите треба да направат е да ја одземат неа.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...