Човечките ресурси се двигател на современите организации

од 24HR

24HR денес ве запознава со академската и истражувачка страна на човечките ресурси и тоа преку интервју со проф. д-р Даниела Карадаков од БАС Високата школа во Скопје.

Проф. д-р Даниела Карадаков е динамична личност која со посебно внимание, посветеност и љубов ја извршува својата професија. Таа е професор на БАС Високата школа во Скопје каде работи веќе 12 години, а исто така е обучувач и консултант на ДЕТРА Центар во Скопје. Позади себе има богато наставно и обучувачко искуство, а исто така има и повеќе од 10 години менаџерско искуство, две години како академски администратор и осум и пол години како директор на БАС. За нејзината посветеност и успешност во работата говорат и двете посебни признанија: Признание за оживотворување на мисијата на БАС, добиено во 2015 година од страна на основачите на БАС, и Признание за жена менаџер во 2018 година, добиено од страна на Агенцијата Марили, добиено во 2019 година.

Оние што ја познаваат за неа ќе речат дека е професионална, принципиелна и доследна на тоа што го прави и работи. Таа е посветена и на истражувачката работа. Има објавено бројни стручни и научни трудови, како и научни трудови со импакт фактор и има учествувано на поголем број домашни и меѓународни стручни и научни собири, а има учествувано и на научно-истражувачки проекти. Исто така, има реализирано и голем број на обуки во областа на менаџментот на човечки ресурси, организациското комуницирање, личниот менаџмент, менаџирање на времето и сл. За неа учењето нема граница, постојано наоѓа нов извор за личен развој. Во приватниот живот, Даниела е посветена сопруга и мајка на Ива и Ања и умешно воспоставува баланс и синергија меѓу приватниот и деловниот живот.

Што е тоа што ве натера да се вљубите во човечките ресурси како професија?

Човечките ресурси со сите свои специфики, различности, предности и маани, со сите свои перформанси, предрасуди, со своите визии, амбиции и желби, претставуваат главен двигател на организациите. Единствената движечка сила која создава бројни промени, но и умее да се адаптира на нив, се луѓето. Тие претставуваат клучна основа за организациски напредок. Па токму за тоа, вложувањето во нив, во нивното обезбедување, грижа, развој, па се до нивното заминување од организациите, за мене претставуваше предизвик да започнам да се занимавам подетално, научно, стручно и практично со оваа област.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Уште додека студирав имав амбиции да работам. Мојата визија од секогаш била да бидам професор и кога таа била само креативна имагинација и сега кога таа е реалност. Отвореноста на пазарот на труд за наставен кадар во тоа време беше ограничена, па првично самоиницијативно волонтирав како наставник во едно основно училиште во Велес. Во меѓувреме работев и во нотарската канцеларија на Магдалена Ордева во Велес. Потоа, паралелно започнав хонорарно да работам како таен купувач и тоа како занимање ми предизвикуваше интерес затоа што на таков начин имав допир до организациите и до однесувањето на луѓето, вработените.

Во 2007 година се основаше Бизнис академија Смилевски – БАС, Скопје и имаа отворен повик за наставен кадар. Согласно моите компетенции и квалификации се пријавив на нивниот повик за работното место асистент во наставната област Деловно однесување и комуницирање, каде со највисоки оценки бев оценета и избрана во тоа завање. Во БАС активно започнав да работам од април 2009 година како асистент, а паралелно и како деловен секретар. Потоа мојот напредок се одвиваше во нагорна линија. Во април 2010 година бев избрана за предавач на БАС во наставната област Деловно секретарство. Истата година добив две одговорни функции: академски администратор, односно продекан на настава и менаџер на квалитет на БАС. Од овој период започнувам да работам и како обучувач на ДЕТРА Центар во Скопје.

Во 2012 година бев назначена за вршител на должноста директор на БАС, а во 2013 година, од страна на Наставничкиот совет на БАС, едногласно бев избрана и за Директор на БАС. Оваа функција ја извршував во два мандидати, колку што дозволува и законската можност, односно се до јануари 2021 година. Во 2014 година бев избрана во наставно звање виш предавач за наставната област Деловно секретарство, а една година подоцна и за наставната област Менаџмент на човечки ресурси.

Највисокото ниво на напредок во наставното звање го доживеав во 2018 година кога бев избрана за Професор на висока стручна школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси. Ова претставува доживотно наставно звање.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Мојата работа како директор на БАС вклучуваше и извршување на функцијата менаџер за човечки ресурси. Тоа значи дека јас бев одговорна за обезбедување, одржување, развој и активирање на човечките ресурси во БАС. Имав можност да водам постојан тим од над 15 вработени и променлив тим од преку 50 соработници. За моите менаџерски остварувања говорат резултатите од работата, одржливост на постојаниот тим, задржување на квалитетниот кадар, како и многу други сегменти меѓу кои и веќе споменатите признанија.

Која е вашата порака за сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Човечките ресурси се од променлива категорија и поради тоа тие секогаш ќе претставуваат предизвик за анализа и истражување. Токму затоа, секој оној кој сака да дејствува во оваа област треба да ги сака, познава, распознава, да умее да ги води, да умее да комуницира со нив, да воспостави однос, да изгради емпатија, да вложува, да споделува, да расте и да се развива со нив, да му бидат предизвик со цел заедно да постигнат успех. Кариерната можност за работа со човечки ресурси бара одговорност, посветеност, професионалност и човечност. Доколку се пронаоѓате, тогаш обидете се!

Што мислите за порталот 24HR?

Нашата соработка така и започна, кога го споделив моето мислење со вас за овој портал. 24HR е портал кој нуди и за оние искусните и за оние помалку искусните, и за оние кои учат и за оние кои сакаат да научат, современи, јасни и практични информации од областа на менаџментот на човечки ресурси. Споделувањето секогаш создава додадена вредност, па вреди да се искористи она што го споделува 24HR.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...