Човечки ресурси – алката која треба да го поврзе бизнисот, образовниот систем, институциите и унапреди прогресот на една држава

од 24HR

Ако се запрашаме која е важноста и улогата на човечки ресурси и одговорот не го бараме само во рамките на нашата компанија, ќе допреме до една димензија кога секојдневно се испреплетува пред нас, но дали ја забележуваме?

Да почнеме од почеток, како и кога настана преминот од кадрово во оддел за човечки ресурси во нашата држава?

Доаѓањето на странските инвестиции пред отприлика 12 и повеќе години, постави една нова слика за значењето на овој оддел. Тоа што за странските инвеститори беше секојдневие и потреба, за нас беше почеток на нова ера.

Ера на развој на професионалци во полето на човечки ресурси. Професионалци одговорни за регрутирање, тренинг, развој на кариерен пат, подготовка на плата и бенифиции, правници, стратешка поддршка на менаџментот при носење битни одлуки за тековните и идни планови за развојот на една компанија.

Не сме повеќе извршители туку градители и рамноправен бизнис партнер во реализирање на успешен и долгорочен бизнис кој треба да е флексибилен и постојано да се прилагодува кон предизвиците кои се исправаат пред него, остварувајќи ја конкурентската предност на пазарот.

Како дел од секторот за човечки ресурси можам да кажам дека меѓусебно со своите HR колеги ги споделуваме своите предизвици, знаења и искуства (позитивни и негативни), но сепак на крај делуваме во рамките на својата компанија.

Но што ако државата е нашата компанија?

Ние ги познаваме потребите на бизнисот.

Ние го познаваме пазарот на трудот, знаењата и компетенциите кои се дефицитарни или кои треба да се подобрат, но дали сме инволвирани во дефинирање на насоките и развојот на кадри на државата, во прогресот на истата?

До кое ниво е развиено партнерството помеѓу човечки ресурси и образовниот систем?

На пример, не секогаш квалификациите на потенцијалните кандидати се совпаѓаат со барањата на нашите компании. Имплементираме обуки и доусовршување на работната сила, што е еден вид инвестиција, и очекуваме таа инвестиција да ни донесе економски прогрес и на нас и на државата.

Сведоци сме и на поддршката и соработката на компаниите со средни училишата и универзитетите во насока на градење на квалификувана работна сила, но таа е индивидуална и стихијна.

HR е алката која треба да го поврзе бизнисот, образовниот систем, унапреди прогресот на една држава и е битен двигател за вакви промени, во трасирање на патот на нашите идни генерации.

Образованието во секоја смисла е еден од основните фактори на развојот. Образованието ја зголемува продуктивноста и креативноста на луѓето и промовира претприемништво и технолошки напредок. Покрај тоа, тоа игра многу круцијална улога во обезбедувањето економски и социјален напредок.

Треба да се започне уште од последните години на основното образование.

Државата треба да обезбеди фондови за тренинг на наставниот кадар во основното и средно образование, како и наставни помагала за практична настава.

Стариот образовен модел треба да се замени со нов, поточно комбинација од традиционална содржина (специфицирана за секоја индустрија), софтверски апликации, и развој на таканаречени меки вештини – обуки од типот како се дефинираат приоритети при извршувње на работните задачи, како се делува при брзи промени, критичко размислување, претприемништво, како да се донесе одлука, како да се идентификуваат и искористуваат можностите на пазарот преку деловни идеи, специјализација на соодветни техники/занаети, презентациски вештини итн.

Компаниите треба да учествуваат во делот на практичната настава, овозможувајќи тренинзи, работа на проекти, запознавајќи ги младите со очекувањата на бизнисот и потенцијалите за идни вработувања.

Соработката треба да продолжи со факултетите и обострани инвестиции во развојни центри.

Истовремено, каква е соработката помеѓу компаниите и Агенциите за вработување?

Соработката се сведува на берза на трудот и обука за вештини за работа. Но, дали се разбираат потребите на компаниите поточно квалификациите кои се бараат?

Зошто да не се размислува за HR бизнис партнери во Агенциите за вработување кои ќе работат за соодветната индустрија и ќе имаат контакти со HR секторот од таа индустрија, win win ситуација и за двете страни.

Обуките треба да се прошират на специфични вештини за работа што ги бараат работодавците. Во различни градови/индустрии, има различни барања, потребни се различни обуки. И, со оглед на тоа што потребите се менуваат со текот на времето, видовите услуги што се обезбедуваат од страна на Агенциите треба да ги следат овие промени.

Комуникацијата и соработката со здруженијата, организациите, консултантите, приватниот сектор од областа за човечки ресурси е од круцијално значење.

Да не ја пропуштиме можноста да бидеме учесници во овие промени.

Заедно да ја градиме иднината на нашите генерации.

За авторот:

Афродита Гоцевска е Менаџер за човечки ресурси во Аптив Македонија. Позади себе има повеќе од 10 години работно искуство во странски компании од автомобилската индустрија (Johnson Controls, Draexlmaier, Aptiv) од самиот почеток до развој на ниво на континуиран прогрес, како и 10 години работно искуство во IT секторот.

0 коментар
6

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...