Менторството е најважната/најблагородната менаџерска функција

од 24HR

Колумна на Славко Саздовски-Експерт за човечки ресурси и обуки – консалтинг Саздовски

Една народна поговорка вели: Учителите се еден чекор поблиску до рајот!

Јасна е аналогијата, пораката е дека оној кој споделува знаење и помага во надградување на знаењето всушност ја прави можеби најблагодарната работа на светот која подразбира развој на луѓето.  Без разлика дали сме едуцирани или не, во приватниот или професионалниот живот едноставно ставени сме во ситуација да споделуваме знаење. Кон нашите деца како родители во приватниот живот или кон некој помлад колега во професионалниот живот. Сеедно, важно сме во улога на ментори. Различни автори различно ги посочуваат менаџмент функциите но безмалку сите посочуваат дека една од функциите на менаџментот е и менторството. Менаџерот покрај планирање, водење, организирање, координирање, мониторинг и друго треба да се грижи и за развојот на својот подреден преку менторство. Едноставно, ако во својот наслов имаш менаџер, раководител, директор и слично, менаџмент функциите налагаат без разлика дали ти стои во опис на работно место или не, да се грижиш и за развојот на своите подредени  преку трансфер на знаења, вештини и ставови или едноставно кажано преку менторство. Е, дали сакаме да го правиме тоа е друго прашање поготово кога се однесува во професионалниот контекст на работењето. Во моето досегашно работно искуство за жал сум сретнал менаџери кои на менторството гледаат како на трошење време, и од различни причини не сакаат да споделат знење и вештини чувајќи ги себично за себе. Слабоста тука е лична како менаџер, но и компаниска ако не го промовира менторството и ако тоа не е дел од нивната корпоративна култура.

Кој има корист од менторство?

Од процесот на менторирање имаат корист сите засегнати страни, и тоа компанијата, менторираниот и менторот. Долга е листата на придобивки за сите три страни, еве некои од нив но тие можат и да се надополнуваат.

Придобивките за компанијата одат во насока на тоа што вработените се среќни со работата и лесно комуницираат меѓусебно, полесно се интегрираат во организацијата, се дава можност да се развиваат позитивни меѓучовечки односи во организацијата, подобрена реализација на работните задачи, компетентни вработени, намалено ниво на грешки во работењето, помалку стрес од работните задолженија.

Придобивките за менторираниот се тоа што се овозможува вработениот да се стекне со нови ставови, знаења, вештини и искуства, менторираниот ги подобрува својата самопочит и самодоверба, се креира пат за менторираниот кон потребата за постојан личен развој, се препознаваат и поттикнуваат интелектуалните и други капацитети на менторираниот, се овозможуваи на менторираниот да ги согледа неговите постојни капацитети и да му отвори нови перспективи.

Придобивките за менторот се тоа што тој стекнува нови и ги подобрува постоечките сопствени знаења, вештини и искуства, создава релации и се зближува со вработените, полесно комуницира со вработените кои ги менторирал, ја потврдува својата компетентност во очите на вработените, влијае во создавање на корпоративна култура, се саморазвива и надоградува.

Да сумираме, сите во компанијата имаат придобивки од менторството на тој начин растат и менаџерите и вработените а преку нив и компанијата. Ако сте во улога на ментор може да имате прашања за тоа како го правите менторството но не и прашања дали треба да бидете во улога на ментор. Менторството се учи, најдобар начин е да влезете самите во таков еден процес од кој и самите ќе извлечете бенефит.

Конечно Winston Churchill кажал: Живееме од она што го добиваме, но растеме од она што го даваме!

За авторот:

М-р. Славко Саздовски во професионалната биографија има забележано 20+ години искуство поврзани со развој на човековите ресурси во различни сегменти на јавниот и приватниот сектор како и граѓанскиот сектор и тоа како Координатор за едукација за лидерство и развој при Forum Syd – Sweden во соработака со SEE University; Менаџер за обука и развој (Training & Development Manager) во Охридска банка – Société General Group; Директор за Човечки ресурси и Академија при Кроација Осигурување Живот А.Д. Скопје; Друштво за консалтинг услуги “САЗДОВСКИ” – Скопје.

Неговото досегашно искуство преку работа на различни задачи во локални и меѓународни компании подразбираат активности во раководење со човечките ресурси, развој на човечки потенцијал, селекција и регрутација, развој на таленти, оценување на перформанси, лидерство, менторирање, менаџирање на таленти, вклучувајќи и развој и спроведување на преку 1500+ денови обуки и работилници на овие теми.

Славко Саздовски е член на Управниот одбор на Македонската Асоцијација за Човечки Ресурси и негов личен став е дека развојот на човековите ресурси се поле на кое континуирано треба да се работи на подобрување на знаењата и вештините меѓу одговорните кои се на различни нивоа на управување со компаниите.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...