Значењето на човечки ресурси во ера на вештачка интелигенција

од 24HR

Колумна на Маја Керамитчиева е Специјалист за регрутација и селекција на таленти во Интертек.

Можете ли да се потсетите на времето пред мобилните телефони? Колку телефонски броеви знаевте напамет? Јас се сеќавам дека знаев најмалку 10 – оние на моите блиски пријатели, блиски роднини и семејството. Сега, 25 години по мобилните телефони се сеќавам на само еден – на татко ми, и само затоа што не го сменил 25 години.

Денес – ако го прашаме Гугл како традиционален пребарувач или ЧатЏПТ како јазичен модел на вештачка интелигенција (ВИ): „Кои се врвните трендови во човечките ресурси?“, ќе добиеме одговори како аналитики на вештачка интелигенција и машинското учење, човечки ресурси управувани од податоци, Блокчејн за човечки ресурси, термини кои за некои од вас се застрашувачки, додека за други можеби возбудливи. Но, нема да добиеме ништо за работната култура при враќање назад во канцеларија после пандемија,како да се задржи моралот на вработените во време на огромен број откази или недостиг на кадар и вештини, на пример.

Доколку одиме подлабоко во она што традиционалната технологија може да го направи за човечки ресурси, во споредба со ВИ, тоа би изгледало како велосипед во споредба со електричен автомобил. Традиционалната технологија за човечки ресурси е способна само за софтвери за складирање и управување со податоци, софтвери за мерење време и присуство, водење евиденција и основно известување, додека вештачката интелигенција служи за различни цели и има посебни способности во областа на човечките ресурси. На пример, вештачката интелигенција може да анализира CV-a, да прави интервјуа, може да го предвиди одливот на вработените, да прави анализа на чувства и ставови преку анкети и повратни информации на вработените, да разговара писмено и усно, да овозможува виртуелна помош, па дури и да прави виртуелно приспособување на вработените првите неколку месеци, а ова се само некои од можностите на ВИ.

Многу организации користат комбинација од традиционални и системи со ВИ за да ги задоволат нивните потреби за човечки ресурси. За многумина, овој хибриден пристап ги истакнува силните страни на секоја посебна технологија за да создаде сеопфатен екосистем за човечки ресурси.

Колку што сум запознаена, повеќето компании во Македонија сè уште се поврзани со традиционалните технолошки софтверски функции, но полека почнавме да се приближуваме до чудата на вештачката интелигенција. Тие чуда може да изгледаат како да овозможуваат бројни предности во ЧР, како што се заштеда на време, зголемена ефикасност и продуктивност за еден специјалист за човечки ресурси. Но, секогаш има простор да се скршне и верувам дека ова е вистинско време да се обрне внимание на човечкиот фактор во нашата професија.

Ерата на вештачката интелигенција носи и шанси и предизвици во областа на човечките ресурси. Треба да ја најдеме средината помеѓу користењето на вештачката интелигенција за да ја подобриме нашата работа и да се осигураме дека продолжувамеда ги градиме нашите човечки вештини.

Како професионалци за човечки ресурси, ние сме вклучени во области каде емоциите, етиката, креативноста и личниот пристап секогаш ќе бидат важни. Од клучно значење е да се постигне правилен баланс помеѓу вештачката интелигенција и човечкиот придонес. Можеме да уживаме во предностите на технологијата, додека се држиме до квалитетите кои нè прават посебни на нашите позиции.

Нашето поле ќе се развива со текот на времето, како што тоа се случува веќе еден век. Употребата на технологија без разлика дали е традиционална или вештачка интелигенција ќе влијае на нашиот менталитет како професионалци за човечки ресурси.Не би требало да се ставаме во ситуација да не сме ништо без технологија. Само титули без никакви хумани вештини. Има еден цитат од нашиот познат писател Венко Андоновски: Кога човек не се грижи за никого, тој се расчовечува.

Нашите вработени никогаш нема да бидат само податок, евиденција или увид,добиен од нашиот фантастичен софтвер. Во позиција каде суштинскиот дел од ЧР е да се биде во контакт со луѓето – емпатијата, интеракцијата, комуникацијата лице в лице и градењето доверба треба да останат незаменливи.

Технологијата е тука да остане, за наша среќа. Верувам дека ќе придонесе во многу аспекти и ќе го збогати нашиот работен век, но да не се потпираме на технологијата повеќе од некое критично ниво, затоа што е толку лесно да ги заборавиме нашите вештини како што беше лесно да ги заборавиме сите телефонски броеви што ги знаевме на памет пред мобилните телефони.

Не затоа што нашата меморија страда, туку затоа што повеќе не вложуваме доволно труд.

*Темата и содржината на оваа статија беше презентирана на првиот DisruptHR Skopje настан

За авторот:

Маја Керамитчиева е Специјалист за регрутација и селекција на таленти во Интертек. По формално образование е Психолог, по неформално образование е Сертифициран НЛП Коуч за личен развој. Има доминантно искуство во ИТ индустријата, а исто така организира работилници и индивидуални сесии за личен развој.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...