А што со вашиот личен бренд?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

“Личниот бренд е она што луѓето го зборуваат за вас кога не сте во собата” рекол Џеф Безос, основачот на Амазон. Без оглед на тоа колку сите ние сакаме да кажеме дека туѓото мислење не ни е важно и воопшто не не допира, сепак, штом некој го земе телефонот и посака да направи фотографија со нас, ќе си ја поднаместиме косата, ќе ја заземеме позата во која мислиме дека изгледаме најдобро, ќе ја исправиме облеката и ќе се насмевнеме, нели? Мислењата на другите луѓе се и тоа како важни и можат да значат многу во животниот пат и кариерата на еден човек.

“Добриот глас се слуша надалеку, лошиот – уште подалеку” е нешто што сите сме го чуле. Добриот глас не се однесува само на нашите технички познавања од струката за која сме се образувале или во која работиме, деловните успеси или проекти на кои сме работеле, напротив, значаен дел се и нашите “soft skills”, како што се односи со луѓе, асертивна комуникација, управување со конфликти, преговарачки вештини, лидерство.. Вложувањето во себе, во сопствениот раст е клучно за напредување во кариерата и не смее да биде занемарено.

Личниот бренд е подеднакво важен, како за оние што бараат работа, така и за оние кои се етаблирани во својата струка. Прво нешто, што голем број луѓе ќе го направат, пред да започнат соработка со вас или да ви понудат работно место, е да го впишат вашето име на интернет пребарувачот. Со неколку клика, имаат информации за вашата активност, образование, објавувани трудови, учество во некои поголеми настани… Имате ли Facebook, LinkedIn, Twitter, Instagram профили со вашето име? Толку полесно, сите податоци што сте ги објавиле јавно, се веќе достапни за секого. Што тие зборуваат за вас? Иако ова можеби звучи страшно, сепак, треба да го имате во предвид кога следниот пат ќе постирате јавно фотографии, ставови, лични информации…

Интернетот е, секако, простор за градење на вашиот личен бренд. Што сакате луѓето да знаат за вас? Доколку паметно го користите, градењето на личниот бренд може да донесе многу можности кои, без него, не би сте ги добиле.

Кои се другите алатки?

Создавање на мрежа на контакти, односно, популарниот термин networking. Голем број успешни луѓе се успешни затоа што успеале да создадат мрежа од важни контакти, кои во битни моменти на животот и кариерата им ја дале потребната поддршка или совет. Сигурно сте го чуле она “не е важно колку пари имаш, важно е кого имаш во телефонскиот именик”. Луѓето со кои контактирате се извор на идеи, искуства, перспективи, совети. Покрај нив, добивате информации важни за вас, добивате фидбек за одработеното, станувате видливи во средината во која делувате. Влијаат на вашата самодоверба, креативност, одлучност. И не само луѓето од вашата професија, напротив, ви требаат контакти од други индустрии, различни струки, како би можеле да го извлечете најдоброто од нетворкингот и да создадете долгогодишни релации, на ваше и нивно задоволство.

Размислете кои се вашите добри особини кои ве одвојуваат од конкуренцијата и истакнете ги. Не се воздржувајте да го покажете своето знаење, квалитети, својата автентичност пред другите. Доколку сметате дека вашата работа доволно зборува за вас, грешите. На тој начин можете да стекнете углед кај блиските соработници и луѓето со кои соработувате, но за пошироката заедница, вашиот труд ќе остане непознат. Не е фалење доколку на вашиот LinkedIn профил ги ставите проектите на кои сте работеле, достигнувањата за кои сте заслужни, идеите кои сте ги реализирале и со тоа сте придонеле за развој на одреден сегмент од компанијата, организацијата, општеството. Станете видливи!

Бидете јасни околу вашите искуства, интереси, работа. Тоа што моментално работите во Човечки ресурси е и тоа како поврзано со вашите претходни искуства во Продажба, во Правна служба и сл. Искуствата што сте ги стекнале ве формирале во она што сте денес и никој, освен вас, не ја поминал истата животна патека до тука. Вашата способност за аналитичко размислување можеби е резултат од работењето во Контролинг, вашата способност за активно слушање можеби значи дека сте работеле во службата за Грижа на корисници, вашата одлучност веројатно е плод на раководењето со тим во некој друг оддел и тн. Никој не го знае тоа, освен вас. Покажете го на светот!

Тоа што во моментот го барате вашето прво работно место, нека не ве обесхрабрува. Прашајте се “зошто го сакам ова”. Одговорот на прашањето ќе ја дефинира вашата цел, вашата публика, содржината што сакате да ја споделите, квалитетите кои сакате да ги истакнете. Од тоа ќе зависи се понатаму. Само еден несреќен избор на работно место кое не го сакате, може да ви го насочи кариерниот пат во сосем друг правец. Одлучете што сакате со себе, каква кариера посакувате и фокусирајте се на тоа. Волонтирајте! Пријавете се за пракса! Научете повеќе за компаниите во кои го посакувате вашето вработување! Работете на себе! Запишете курс, научете уште еден странски јазик, читајте книги од успешни луѓе и обидете се да ги примените нивните совети.  

Создадете од себе квалитетен и препознатлив производ, затоа што основната цел на секое брендирање е токму тоа – производот да стане видлив на пазарот и да ја зголеми сопствената вредност.

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...