Дејан Ваневски, THRIVITY: Личниот развој е еден од најважните елементи за напредување во кариерата

од 24HR

„Добро работно место“ е сонот на секој млад човек, но само мал дел од луѓето се занимаваат со она што навистина го сакаат. Зошто е тоа така? Што ги спречува луѓето да најдат подобра работа? Која е улогата на личниот развој во сето тоа? За да ги дознаеме одговорите на овие прашања, разговаравме со Дејан Ваневски, еден од тројцата автори на револуционерниот прирачник за личен и професионален развој „THRIVITY АКТИВАТОР“.

Како би ја опишале моменталната состојбата на пазарот на труд во Македонија?

Ако треба да барам еден збор, тоа би било „комплексна“ и тоа од повеќе аспекти. Прво, почнувајќи од диспропорцијата на понудата и побарувачката на кадар гледано од аспект од индустријата, образованитето и потребните квалификации и компетенции. Второ, заради тредновите на миграција кои беа сериозно изразени во последните 15 години и одливот на високо квалификуван кадар и специфични професии. И накрај, неизбежните ефекти на Ковид-19 кризата во изминатите година дена.

Дали пандемијата на Ковид-19 предизвика некакви поместувања на пазарот и дали сметате дека истата ќе остави долгорочни последици?

Апсолутно, пандемијата направи пореметување на пазарот, каде во одредени индустрии се создаде вишок на работна сила и пад на бизнисите, додека во други индустрии уште повеќе ја засили побарувачката и се создаде дополнителен јаз во понудата. Во моментот не можам да ценам дали ќе има долгорочни (негативни) последици. Тоа што можам да го предвидам е дека ќе има промени и пазарот ќе продолжи да функционира со засилена динамика. Одредени профили на кадар, што заради побарувачката на индустриите, а што заради зголемувањето на нивото на свесност, ќе бидат многу попребирливи и ќе бараат повеќе и поразлично.

Корона кризата најмногу ги погоди вработените во угостителскиот и туристичкиот сектор. Дали решението за нив го гледате во преквалификација и вработување на друго работно место?

Јас лично сакам да верувам дека овој сектор ќе се врати во нормала со смалувањето на ризиците. Верувам дека овој (и останатите сектори на услуги) ќе ја пребродат кризата и ќе излезат уште посилни. Што се однесува до можното решение за преквалификација, секако дека стои, тоа стоеше и пред кризата и во текот на кризата. Тоа што е важно е каде и кој квалитет на знаење и вештини ќе ги стекнат луѓето за да може да бидат успешни (а со тоа и задоволни) на друго работно место. Прекваливикација е сериозна работа и бара промена во mindset, а потоа учење, надоградување и прилагодување. Статистиките во светот кажуваат дека помалку од 30% од луѓето работат според своето формално образование, така да сите останати морале да се преквалификуваат после тоа…

Што би направиле вие доколку во моментов сте го завршиле вашето образование и не можете да пронајдете соодветно вработување?

Многу интересно прашање 😊, кога треба да се претставам себе си, јас кажувам:

Јас дипломирав маркетинг, работев цел живот на оперативни менаџерски позици во продажба и сега (1 година) го работам своето хоби (HR – човечки ресурси и развој на луѓе).

Секако прв чекор би ми бил да направам соодветно CV и да си направам план за вработување, бидејќи барањето работа е работа само по себе.

Јас сум бил реално во таа ситуација кога првпат барав работа откако дипломирав, пред скоро 20 години… Ако не можам да пронајдам „соодветно“ вработување, ќе барам вработување каде ќе можам да учам, да се развивам, да добијам ментор и менторство и да се надоградувам. Јас верувам во максимата „човек учи додека е жив“ и секојдневно ја практикувам.

Дали клучот за подобро работно место е во личниот развој?

Личниот развој е еден од најважните елементи за напредување во кариерата и како таков е клучен за да може да стигнеме до подобро работно место.

Тука имам една своја опсервација, дека кај нас се искривени стандардите за „добро работно место“ водени од предолгиот период на т.н. транзиција, каде канцелариска работа во кошула / костим е сметано за добра работа (особено ако е тоа „државна работа“), без да се земат во предвид другите мотиватори (финансиски и нефинансиски). Сметам дека има простор тука компаниите кај нас да се отворат, да имплементираат современи системи за развој и наградување на луѓето, буквално да „им ги продадат“ работните места на кадрите кои се квалитетни и отворени за учење и развој, а со тоа да ја променат перцепцијата за т.н. „добра работа“ кај луѓето.

Што се бихејвиорални компетенции и како можат да ни помогнат да бидеме подобри на лично и професионално поле?

Бихевиоралните компетенции претставуваат збир на знаења, способности, карактеристики и начин на однесување на една личност. Нивото на развој на компетенциите влијае врз ефективноста, ефикасноста и продуктивноста на извршување на задачите и активностите на поединецот на работното место. Доколку сакаме да бидеме успешни треба да бидеме свесни дека животот се состои од континуирано учење, усовршување и надоградба. Познавањето и свесноста за бихевиоралните компетенции ќе ни помогнат и насочат на тој пат.

Секое работно место треба во описот да содржи клучни компетенции за успешност на истото со потребно ниво на развој за успешно извршување на обврските и носење со одговорностите на истото. Ставени во систем за развој, тие стануваат составен дел од моделите на performance appraisal (евалуација), како и основа за правење на лични развојни планови на вработените.

Доколку немаме можност да бидеме дел од таков систам, може да користиме литература која ги обработува бихевиоралните компетенции, самостојно или со ментор ги дефинираме нашите силни страни и компетенциите кои дополнително ќе ги развиваме и да направиме план за личен развој.

Поликарп Арсеновски, Дејан Ваневски и Фросина Денков – авторското трио на „THRIVITY АКТИВАТОР“

THRIVITY неодамна го објави прирачникот за личен и професионален развој „THRIVITY АКТИВАТОР“. За кого е наменет овој прирачник и што сѐ може да му понуди на читателот?

THRIVITY АКТИВАТОРОТ е наменет за луѓето кои веруваат дека можат подобро. Тој е авторско дело на тим од 3ца автори, искусни менаџери и лидери во своите области (Фросина Денкова Зафировска, Дејан Ваневски и Поликарп Арсеновски), професионалци со високо ниво на посветеност и желба да го пренесат своето знаење и искуство од HR (човечки ресурси). THRIVITY АКТИВАТОРОТ треба да им даде „употребна вредност“ на бихевиоралните компетенции. Прирачникот нуди 70 THRIVITY бихевиорални компетенции поделени на технички, лични и менаџерски компетенции. Секоја компетенција се состои од дефиниција, опис зошто е потребна истата, препораки како да ја развиеш компетенцијата, табела за самооценување и личен развоен план за секоја поединечна компетенција.

Прирачникот треба да им помогне на луѓето кои бараат работа за личен развој, при подготовка за интервју, како алатка за правење на план за личен и професионален развој. Исто така, може да има примена во компаниите во процесот на креирање на описи на работните места, во процесот на регрутација или во системите за евалуација и кариерен развој. Секако како книга, може да најде употреба во едукативни цели.

Каде може да се пронајде „THRIVITY АКТИВАТОР?

THRIVITY АКТИВАТОР е во издание на Паблишер и може да се најде во Книжарниците ТРИ, online на https://shop.kniga.mk/, како и на други продажни места во големите супермаркети.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...