Емпатијата не е мека вештина

од 24HR

Како изгледа емпатијата од организациска перспектива? Кои се специфичните начини на кои вработените ја доживуваат емпатијата на нивните работни места?

2020-та започна како и секоја друга година. За многумина од нас, особено за оние кои имаат среќа да работат во човечки ресурси, работите изгледаа доста розови. Економијата беше силна, бизнисот беше добар. Иднината изгледаше светла… па дури и предвидлива.

Сепак, ако погледнеме под површината, реалноста беше – и продолжува да биде – поинаква. Голем број вработени се соочуваат со проблем да врзат крај со крај. Системската нееднаквост поттикнува средина каде што не секој ги има истите можности и искуства. Некои од нас редовно се соочуваат со насилство, обесправување и злоупотреба поради расата, сексуалната ориентација, религијата, миграцискиот статус или физичката и менталната способност. Луѓето се поделени како никогаш претходно.

Пандемијата на Ковид-19 помогна да се донесат во прв план некои од овие реалности и поделби. Како резултат на тоа, насекаде се појавија повици за поголемо разбирање на животот и искуствата на другите. Имаше силен и јасен повик за емпатија во сите аспекти на нашите животи.

Емпатијата е од суштинско значење

Во својата основа, емпатијата не е нешто што е „убаво да се поседува“ или мека вештина. Тоа е основна особина на човекот и истата е од фундаментално значење за тоа кои сме и кои ќе бидеме. Според психолозите, таа е неопходна како за социјалниот, така и за моралниот развој. Како што се движиме низ нашите животи, емпатијата ни помага соодветно и позитивно да комуницираме едни со други. Ова е основно за успех на нашите односи, нашите заедници и нашите животи како граѓани.

Со оглед на тоа што поголемиот дел од денот додека сме будни го посветуваме на работа, постоењето на емпатија на работното место е од суштинско значење. Емпатијата ја поставува основата за поинклузивна социјална реалност и таа може да биде во сржта на решавањето на некои прашања со кои во моментов се соочуваме како општество или на нашите работни места.

Преку едно истражување кое го спроведувавме во последните пет години, научивме колку е само витална емпатијата на работното место каде што постојано комуницираме едни со други, а тие интеракции треба да бидат конструктивни. Откривме дека тоа е основен атрибут на успешните организации.

Огромно мнозинство од сите вработени (93%), професионалците за човечки ресурси (97%) и извршните директори (90%) сметаат дека е важно за организациите да демонстрираат емпатија. Осумдесет и два проценти од извршните директори сметаат дека финансиските перформанси на компанијата се поврзани со емпатија, додека 76% од вработените гледаат силна врска помеѓу организациската емпатија и попродуктивна и поангажирана работна сила.

Вработените ја вреднуваат емпатијата толку високо на нивното работно место до мера што таа ги обликува односите кои тие ги имаат со својот работодавач и одлуките за сопствената кариера:

  • 92% од вработените е поверојатно да останат кај работодавач кој сочувствувал со нивните потреби
  • 74% би биле подготвени да работат екстра часови за емпатичен работодавач
  • 80% би ја смениле компанијата за да работат за поемпатичен работодавач, а 57% би го направиле тоа дури и за пониска плата

Ограничен поглед на емпатијата

Емпатијата помеѓу луѓето на работното место се изразува во нивните меѓусебни односи – помеѓу колегите и со менаџерите. Ова е начинот на кој размислуваме и ја дефинираме емпатијата, како начин на кој комуницираме едни со други, и можеби тоа е причината зошто емпатијата понекогаш ја перцепираме како мека вештина.

Сепак, емпатијата е многу повеќе од збирот на вработените кои едноставно се слушаат, почитуваат и се пријатни едни кон други. Таа е специфична, може да се спроведе и може да се научи. На работното место, организациската емпатија се демонстрира преку одредени мерливи и опипливи начини со помош на програмите и политиките на компанијата.

Организациска емпатија

Како изгледа емпатијата од организациска перспектива? Кои се специфичните начини на кои вработените ја доживуваат емпатијата на нивните работни места?

Начините на кои се поддржани вработените, заедно со структурата на организациајта на работодавачот, се обележја на емпатијата. Вработените ги гледаат следните специфични активности и програми како обележја на емпатичната организација за која сакаат да работат:

  • Обезбедување придобивки кои се усогласуваат со вредностите, вклучувајќи ја флексибилноста и разбирањето на потребата за рамнотежа помеѓу работата и животот (92%)
  • Фокусирање на силна поддршка и развој на кариерата на вработените (89%)
  • Наградување и давање признанија на вработените за нивниот придонес (91%)
  • Исполнување на потребите на вработените поврзани со холистичката благосостојба, вклучувајќи го и нивното физичко, ментално и финансиско здравје (92%)
  • Поседување разновидност во лидерството и фокус на инклузија (85%)

Дури и повеќе од вработените, професионалците за човечки ресурси ги гледаат истите овие работи како емпатични, што е многу важно бидејќи развојот, распоредувањето и управувањето со програмите за емпатија се генерално во нивна надлежност. Покрај тоа, комуницирање и засилувањето на признанијата, благосостојбата, диверзитетот и другите програми поврзани со емпатијата се барем делумно во рамките на функциите на човечките ресурси, во партнерство со организациското раководство. HR професионалците и лидерите за човечки ресурси треба да разберат колку е важно вработените да знаат дека навистина постојат вакви програми со цел тие да постигнат максимална вредност.

На пример, 86% од извршните директори сметаат дека нивната организација отворено разговара со вработените за важноста на менталното здравје. Спротивно на тоа, само 71% од HR професионалците веруваат во тоа, а само 58% од сите вработени се согласуваат со нив. Таквата неповрзаност помеѓу перцепциите може да ги поткопа целите кои организациите се обидуваат да ги постигнат со своите придобивки и програми.

Надминување на емпатијата како мека вештина

Лидерите и професионалците за човечки ресурси со големо мнозинство се сложуваат дека организациската емпатија е важна. Сепак, надминувањето на јазот помеѓу тоа да се третира како мека вештина и да се примени во пракса може да биде вистински предизвик. Тоа е така бидејќи повеќето извршни директори и HR професионалци не седнуваат да размислат: „Како можеме да им демонстрираме емпатија на нашите вработени?“. Наместо тоа, тие се соодветно фокусирани на тоа како можат да бидат успешни истовремено балансирајќи ги потребите на вработените со тие на организацијата.

Кога работодавците ги земаат предвид вработените, тие де факто се сочувствителни. Тие се надоврзуваат на критичниот човечки атрибут кој го поткрепува начинот на кој комуницираме едни со други. Разликата е во тоа што односот помеѓу работодавачот и работникот не е личен – тој е организациски. Значи, емпатијата на работното место се изразува на специфични, мерливи и програмски начини.

Вработените ја доживуваат емпатијата преку нивните меѓучовечки односи со соработниците и преку различните програми во нивните организациски односи со работодавачот. На овој начин, емпатијата го храни успехот во организацијата, без разлика дали тоа е експлицитно наведено како почетна точка за тоа како компанијата се однесува со своите луѓе.

Дури и пред да се соочиме со реалноста на глобалната пандемија, емпатијата беше важна – како во нашите индивидуални животи, така и на нашите работни места. Нашата сегашна реалност фрла светлина на тоа како се однесуваме едни кон други како индивидуи и како институциите и организациите – вклучително и работодавците – ги решаваат потребите на луѓето кои зависат или се дел од нив. Најуспешните лидери и компании се оние кои ја прифаќаат емпатијата, без разлика дали тоа го прават експлицитно или интуитивно. Можеби е време и другите институции да го следат примерот.

Автор на статијата е Џон Шенахан – поранешен HR професионалец кој има работено во IBM и основач на Businessolver.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...