Автор на статијата е Ребека Вељанова – Регрутер за човечки ресурси во CO LINES INC.
Кога регрутираш за компанија каде ти се потребни многу нови вработувања за компанијата да ја достигне својата цел мораш да поседуваш некои клучни особини со кои ќе се разликуваш од конкуренцијата со тоа што ќе имаш свој уникатен начин на регрутирање.
Лично јас ќе го споделам мојот начин на регрутирање и нови вработувања што можеби ќе придонесе за други регрутери да размислат на некои други поопширни аспекти малку надвор од редовниот шаблон. Секогаш пред да го остварам првиот контакт со потенцијалниот вработен прво гледам дали е добро време да се оствари телефонски контакт т.е да не е премногу рано и да не е премногу доцна. Кога ќе го добијам кандидатот секогаш прво културно се претставувам, му соопштувам дека го барам по негова примена апликација и задолжително прашувам дали е сега добро време за разговор и дали може да одвои некоја минута за разговор. Обично после овој дел од разговорот секогаш добивам општа слика за кандидатот по тоа како се водел и тој во овој разговор. Доколку кандидатот звучи незаинтресиранo постои голема веројатност да отпадне уште во овој дел од регрутирањето и да не дадам шанса за понатамошно вработување што е сосема во ред бидејќи така се остава простор за квалитетни работници кои вистински сакаат да придонесат за компанијата а со тоа и за самите себе и својата кариера. Кога веќе сум го остварила првиот телефонски контакт за интревју и потенцијалниот вработен е заинтресиран за нашата понуда и нашата компанија секогаш гледам да се поставам пријателски со него со што давам еден опуштен тек на разговорот. Како ќе го водам вториот дел од разговорот зависи од кандидатот бидејќи многу често и тие самите почнуваат веднаш со одредени прашања што даваат одма насока на разговорот. Вториот дел од интревјуто е објаснување на понудата. Најчесто веднаш започнувам со плата, колку денови ќе треба да работат и кои денови ќе се слободни, потоа кажувам повеќе детали за нашата компанија, за неговите бенифиции што ќе ги има како наш вработен и за опремата која ќе му биде на располагање. На пример можете да го прашате: Што е тоа што не ви се допаѓаше при вашите досегашни вработувања? Зошто мислите дека оваа работа е вистинската за вас? Што би издвоиле од нашата понуда за работа што највеќе ви се допадна?!
Кога ќе завршам со понудата секогаш го прашувам кандидатот кои се неговите очекувања и дали му се допаѓа нашата понуда. Овде ја правам втората селекција т.е со тие кандидати што сме со исти очекувања продлжувам со другите детали за вработувањето, додека со останатите секогаш се обидувам да им помогнам и да се усогласиме со нивните барања и нашите потреби се со цел за да заврши разговорот успешно и да се реализира вработувањето. Многу голем број на кандидати имаат одредени прашања за кои јас секогаш имам многу разбирање и со трпение ги одговарам детално, бидејќи комплетно разбирам колку овие одлуки за отпочнување на нова работна позиција се важни за нив.
Како заклучок би рекла дека е многу важно со секој кандидат за работа да се постави специфична конекција уште од самиот почеток со многу разбирање за се што има да каже. Со самото тоа секој еден вработен би се чувствувал ценето и би сфатил дека е од голема важност за нашата компанија со што сите добиваме самодоверба за започнување на процес на вработување заоснован на вистински вредности.
За авторот:
Ребека Вељанова е регрутер за човечки ресурси во CO LINES INC. Специјалист за човечки ресурси. Специјализирана на UACS на тема: Стратегии за мотивирање на вработени.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.