Пандемијата на Ковид-19 направи длабоки промени во светот на човечките ресурси. Ова се 8-те клучни прашања кои треба да им ги поставите на вашите потенцијални вработени за време на интервјуто за работа со цел да го изберете најдобриот кандидат.
Да се живее и работи во време на Ковид-19 е силен предизвик за секој од нас. Во HR индустријата, особено погодени се регрутерите кои беа приморани преку ноќ да се адаптираат на новите услови кои ги наложи пандемијата и рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот.
Од друга страна, адаптацијата на новите услови не е само од аспект на технологија. Се променија очекувањата на кандидатите, нивната перцепција за сигурно и добро работно место, а исто така се промени и начинот на работа во самите компании. Токму затоа е важно да ги прилагодите и вашите прашања за интервјуирање на кандидатите.
Еве некои од нив кои можеби треба да ги додадете на вашата листа:
1. Што би направиле доколку постои некој технолошки проблем кој не може да се реши веднаш од далечина и тоа би ве спречило да продолжите понатака со вашиот проект?
Работејќи во оддалечена средина или во време на општа неизвесност, важно е да знаете дали интервјуирате кандидат кој има способност за брзо реагирање и решавање на проблеми, без да се чувствува изгубено поради привремените пречки.
Побарајте одговор кој покажува дека лицето со кое разговарате ќе го задржи својот фокус и ќе продолжи да работи на некоја следна итна задача, се додека не се реши проблемот.
2. Кажете ни како реагирате кога вашиот интернет е слаб или имате технички проблем за да комуницирате или да се вклучите на некој виртуелен состанок?
Покрај тоа што ќе дознаете како вашиот кандидат се справува и останува смирен во несекојдневни ситуации, ќе откриете и детали за неговиот стил на комуникација.
Дали тој или таа ќе ви каже дека ќе испрати мејл до сите кои ќе присуствуваат на состанокот? Или пак директно ќе стапи во контакт со организаторот на состанокот? Иако не постои погрешна одлука, нивната реакција ќе ви даде увид во тоа како и колку успешно тие ќе се интегрираат во поголемиот тим.
Прочитајте > Ново интервју-прашање: Што правеше за време на пандемијата?
3. Кој е вашиот најчест начин за справување со прекини кога работите од далечина? Како одлучувате дали да комуницирате отворено со вашиот тим за вашата достапност?
Почнувајќи од мали дистракции како што се снабдување со намирници па се до некои поголеми како деца во домот поради неможноста да одат на училиште, честите прекини поради приватни обврски се голема реалност во ерата на Ковид-19.
Она што е важно е колегите и соработниците да управуваат со нив колку што е можно подобро и ненаметливо, со цел колаборацијата да се одвива според планираното темпо. Одговорот на ова прашање ќе ви открие за достапноста на самиот кандидат и начинот на комуникација во случај на било какво отсуство или неможност за работа.
4. Кажете ни како се чувствувате со оглед на неизвесноста во овие времиња. Како се справувате со стресот што го чувствуваме сите? И каде можете да се подобрите?
Не е срамно да чувствувате стрес со оглед на глобалната пандемија. Со прифаќањето на стресот како нешто што ни се случува на сите, поставувајќи го ова прашање вие го охрабрувате кандидатот да ви открие како се справува со таа реалност.
И додека некои луѓе навистина се чувствуваат посилно од други, секој од нас мора да развие механизам за справување со стресот. Да се има искрен разговор околу овие чувства ќе ви каже многу за тоа како вашите кандидати се справуваат со стресот. Дали се методични и дисциплинирани во врска со контролирање на стресот? Или пак ќе дозволат да се создаде па потоа ќе се ослободат од него?
Повторно, не постои точен или погрешен одговор, туку само откривање на начинот на кој тие се справуваат со стресот.
5. Какви се вашите можности за работа од дома? Дали постои нешто што ќе ви биде потребно за во вашата домашна канцеларија?
Ако станува збор за работа од дома, важно е да го поставите ова прашање. Потенцијалните работодавци имаат право да знаат за домашната работна средина на кандидатот. Покрај вообичаените средства за работа како што се лаптоп, телефон и слично, постојат и други неопходни работи како што е интернетот кои се врзани со самата локација и зависат од кандидатот.
Се разбира, повеќето кандидати кои ќе ги запознаете нема да имаат совршена домашна канцеларија, но поставувајќи го ова прашање ќе откриете дали кандидатите ги имаат неопходните елементи кои ќе им овозможат функционално и ефикасно да ја извршуваат својата работа.
Прочитајте > 10 интервју прашања за кандидати кои ќе работат од дома
6. Како се чувствувате сега во однос на патувањата со авион или локално во вашата област?
Ова прашање поставете го доколку работното место подразбира чести патувања. Доколку во описот на работното место стои дека од кандидатите се очекува дел од работното време да го поминуваат во патување, бидете сигурни дека ќе пронајдете кандидати на кои тоа не им претставува проблем.
Разговарајте конкретно за потребите на вашиот кандидат со цел тој или таа да се чувствуваат удобно и сигурно на своето работно место, особено сега кога условите за патување се менуваат од ден во ден.
7. Кои работи сметате дека се важни за одржување на позитивен работен однос со колегите? Како ги негувате тие односи од далечина?
Со поставување на ова прашање имате шанса да процените дали вашиот кандидат има добро развиена емоционална интелигенција. Одговорот ќе ви открие колку е калибриран вашиот кандидат за работна позиција која подразбира високо ниво на меѓусебна соработка. Исто така, ќе знаете дали вашиот кандидат ќе биде подобар за индивидуална или тимска улога.
Прочитајте > 8 интервју прашања за препознавање на емоционално интелигентни кандидати
Додавањето на конкретното прашање за одржувањето на односите на далечина ќе ви помогне да дознаете дали личноста ќе може добро да се прилагоди во случај да работи од дома.
8. Како се „исклучувате“ на крајот од секој работен ден за да избегнете работна исцрпеност или burnout?
Со толку многу луѓе низ светот кои во моментов работат од дома, сите ние мораме да научиме како да менуваме брзини помеѓу времето за работа и времето за одмор. Исклучително важно е вашите кандидати да останат мотивирани, ангажирани и продуктивни на долг рок. Нивното здравје и среќа е многу важно во нивниот приватен живот, а доколку се успешни во тоа, бидете сигурни дека секој работен ден ќе го започнуваат исполнети и подготвени за нови предизвици.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.