На организациите им се потребни жени лидери

од 24HR

Интервју со Ирена Јакимова – сертифициран коуч и тренер за возрасни и предавач на првиот Меѓународен Коучинг Форум кој ќе се одржи на 4ти и 5ти јуни во организација на МАЧР.

Ирена Јакимова е сертифициран коуч и тренер за возрасни, како и еден од говорниците на првиот Коучинг Форум на Македонската асоцијација за човечки ресурси кој се одржува на 4ти и 5ти јуни 2021 година. Таа во интервју за 24HR ќе каже нешто повеќе за своето досегашно искуство и нејзината презентација на тема „Женски коучинг – зајакнување на жените лидери преку коучинг“.

Веќе долго време се занимавате со коучинг, кажете ни како Вие го доживувате тој процес? Зошто толку многу го сакате? Како се решивте од кариера на еден успешен професионалец во маркетинг, комуникации и односи со јавноста, да поминете во друга кариера, да работите како професионален тренер (коуч) за успех на поединци и тимови?

Многу ми е драго што сум дел од првиот Коучинг Форум на МАЧР и што можам да споделам мои искуства и видувања од оваа област. Така давам придонес.

Коучингот како најсовремен пристап (методологија) за развој на луѓето, го обожувам и ми ја дава истата возбуда и смисла како и маркетингот J

Зошто е тоа така: и кај двете има креативност, комуникација и сведочење на нови резултати, подобри релации, поголемо задоволство. Сфатив дека од секогаш ме восхитувал и ме правел среќна кога го гледам, го поттикнувам и учествувам во развојот на другите. Затоа и се посветив, прво да се обучам, учејќи од најдобрите меѓународни тренери, што и сега го правам, а потоа и низ својата пракса да го развијам тоа искуство. Со коучингот ние пристапуваме на лицата или на тимовите како нивни тренери, инспиратори, мотиватори и ги насочуваме да дојдат до резултатите што ги посакуваат, а од некоја причина не ги постигнале до тогаш.

Какви резултати до сега најмногу сте виделе кај Вашите клиенти?

Низ работата со многу лица и тимови, преку коучинг пристапот, сме дошле заедно до нова енергија, до научени нови начини на комуникација, до нови начини на однос со себе, со другите, до охрабрување на себе, до преземање чекори што се одложувале, до креирање нови продукти, нови проекти, до поголема продажба и напредок на фирмата, до намален стрес, до лично задоволство.

На Форумот ќе зборувате за Женскиот коучинг. Што е специфично за женскиот принцип во коучингот? Како е поразличен од коучингот на мажи, на машки клиенти?

Пристапот на работа се темели на истите принципи, разликата е во нијансите и во некои теми што се специфични повеќе за жените. Кај жените повеќе работиме на будење и користење на женската енергија, женскиот принцип на дејствување, ослободување од внатрешните процеси на сомнеж, намалување на преголемата строгост кон себе и сл. Кај жените уште повеќе додавам и еден вид менторство, согласно темата и потребите на клиентката. На излагањето ќе споделам и некои корисни алатки.

Кои се најчестите пречки, бариери за успех кај жените?

Покрај културата, историското наследство на патријархатот, се’ поголемите барања и очекувања од жените, најчести пречки лоцираме во нас самите. Тоа се сомневањето, непознавањето на сопствената вредност, барањето дозвола и прифаќање од надворешниот свет, расплинатоста на нашето внимание и на нашата енергија. Исто така, и што подразбираме под лидерство, каков е начинот на кој секоја жена треба да се води прво себеси, па потоа и другите.

Сепак, според мене и моите искуства, клучни се 2 работи:

а) како ние го дефинираме успехот, што е успех за секоја од нас различно и

б) сознанието дека сме сите уникатни, па според тоа, нема потреба од споредба со други, туку секоја  да осети и да си дозволи да го оди својот пат. Така ќе дадеме најголем придонес на светот.

Ве познаваме и како обучувач и промотер на методата и алатките Points of You, имаше голем интерес за вашите работилници. Како тоа се вклопува во вашата работа?

Благодарам што вака го поставивте ова прашање. Многу ме познаваат по таа метода, бидејќи ја користам веќе 5 години и обучувам други како да ги применуваат алатките во својата работа.
Тоа е една алатка, метода, пристап што комбинира фотографија, збор, музика и креативни коучинг процеси, но, не се ограничува само на себе. Се комбинира со други методи, се применува во секоја можна прилика, со групи, со поединци и со самите себе.

Ако ја споредиме коучинг професијата со уметност, на пример, овие алатки се како еден вид бои или некој материјал за скулптура. Уметноста и слободата се во тоа како ќе ги примените во својата работа и што сакате да видите на белото платно. Што треба да излезе преку вас во реалниот свет, каков придонес.

Агендата за дводневниот настан можете да ја погледнете на следниов линк.

За учество на форумот можете да се регистрирате на следниов линк.

Доколку веднаш сакате да набавите Early Bird влезница за форумот, Ве замолуваме да го следите следниов линк.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...