За некои луѓе работата во угостителството може да биде доживотна кариерна патека. Благодарение на големите можности и правци за развој, оваа индустрија може да биде отворена буквално за секого.
Сепак, за други луѓе тоа може да биде само кратка авантура или отскочна штица за во некоја друга индустрија. На крајот на краиштата, работните места во угостителството во голема мера овозможуваат развој на широк спектар на вештини и инстинкти, кои освен во секојдневниот живот се применливи и во многу други професии.
Но и покрај тоа, кога составуваат кратка биографија, голем број луѓе одбираат да го прескокнат делот кога работеле во угостителство. Ова најчесто се случува поради тоа што сметаат дека ова работно искуство не е значајно за индустријата кон која целат. Има и такви кои се срамат од нивната некогашна професија.
Иако некои индустрии може да бидат потесно поврзани со угостителството од други, сепак, постојат одредени преносливи вештини кои можат да ви бидат од корист без оглед на областа кон која се движите. Тоа значи дека изоставувањето на едно вакво искуство од вашето CV може да биде голема грешка.
Но кои се тие вештини и како истите можете да ги „продадете“ пред вашиот иден работодавач?
Тимска работа
Без оглед на работата која ја посакувате, многу веројатно е дека на крајот ќе работите со други луѓе. Способноста да ги читате луѓето, да комуницирате со нив и да градите односи е бесценета.
Работата во угостителството, без разлика на тоа дали сте работеле во некој ресторан, хотел или кафуле, ќе ве научи да се справувате со различни луѓе и да фунцкионирате како тим.
Тимската работа е клучна вештина на денешното работно место, а работата во угостителскиот сектор дефинитивно ќе ви помогне успешно да ја совладате.
Флексибилност
Во угостителството нема фиксно работно време. Некои смени можат да завршат порано, а некои можат да потраат и подолго од планираното. Угостителските работници добро знаат дека прилагодувањето и флексибилноста се неопходни елементи во нивната работа.
Можеби нема да ви се допадне кога во последен момент вашиот менаџер ќе ве повика на работа или кога ќе мора да одработите смена наместо некој ваш колега, но верувајте, флексибилноста и подготвеноста за помош се енормно ценети од страна на секој работодавач.
Менаџирањето на вработени кои се секогаш спремни да се прилагодат на ситуацијата е сон за секој менаџер, а ваквите моменти се забележуваат и ценат без оглед дали работите во угостителство или некоја друга индустрија.
Услуга на клиенти
Станува збор за вештина која е толку потценета во некои други индустрии, а сепак е толку многу вредна. Најдобриот дел од работата во угостителството е што ве учи на трпеливост и учтивост.
Кога работите со гости, често мора да го балансирате вашиот личен став и да се водите од мислата дека „клиентот е секогаш во право“. Ова значи дека дипломатијата станува вашиот најдобар пријател.
Во исто време, суптилно учите да се продавате себеси и услугите на брендот за кој работите, а целото тоа знаење е многу корисно и применливо во низа ситуации во текот на вашата кариера.
Управување со кризи
Во такво брзо темпо на работа, кризата е нешто што не можете да го избегнете, а знаењето како да се справите во секоја различна ситуација е фантастична вештина.
Работата во угостителството веднаш ве учи да размислувате брзо, на нозе и да ги решавате проблемите навремено, креативно и до крај.
Мултитаскинг
Примањето нарачки, носењето на храна и одговарањето на секакви случајни прашања; целото ваше социјално функционирање додека сте фокусирани на одредена задача е непобитна вештина. И не дозволувајте некој да ви каже дека тоа не е така.
Додека некои смени можат да бидат поприлично мирни, други може да ве излудат. Но затоа, работејќи во угостителството стекнувате вештина да го поделите вашето внимание, да ставате приоритети и да ги завршувате работите. Колку сте подобри во мултитаскинг, толку помирно ќе пристапувате во сите идни стресни ситуации.
Издржливост
Тој што не работел во угостителство не знае како е да се работат по 10, 12 па и повеќе часови дневно. Иако тоа искуство со текот на времето станува забавно и дружељубиво, ваквата работа може да биде апсолутно исцрпувачка. Постојаната физичка работа и седењето на нозе дефинитивно ве учи на издржливост.
Исто така, тоа го зајакнува вашиот имунитет да преживеете некој потежок ден на вашето идно работно место.
Посветеност на детали
Добро знаеме дека поставувањето на маса за некој настан е вистинска уметност, исто како што е на пример сликањето на некое ремек дело – секој мал детал е важен. Постојат многу работни места, без оглед на тоа дали се канцелариски или теренски, на кои од вас ќе се бара да внимавате на деталите.
Работата во угостителството ве учи дека конкуренцијата за совршенство е толку голема што некогаш се потребни мали детали за да ги придобиете вашите клиенти. Запоменте, ѓаволот е секогаш во деталите.
Управување со времето
Круцијална вештина во 21-то век. Кога толку многу луѓе зависат од вашата работа, секоја секунда е важна. Поради ова, доцнењето не е прифатливо за повеќето работодавци во угостителството.
И токму затоа, оваа вештина можеби ќе ви биде од најголема корист кога ќе се одлучите за нова работа.
И за крај, но не и најмалку важно…
Почитување
Угостителството ве учи на почит. Луѓето кои работеле во угостителството имаат поинакво чувство за разбирање, трпеливост и напорна работа. Мали се шансите да наидете на рецепционер или келнер кој нема да направи сè што е во негова моќ за да ви помогне во ситуацијата во која се наоѓате.
После ова и самите може да заклучите зошто искуството како келнер треба да се најде во вашето CV. Угостителската работа е тешка, но е крајно наградувана. Доколку се посветите доволно на вашата работа можете да ги развиете сите овие важни вештини кои ќе ви служат до крајот на животот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.