Вработените во некои од најголемите и најпознати компании во САД велат дека би одбрале работа од дома наместо дебело покачување на платите. Ова е најновиот доказ за популарноста на придобивките на работата од дома што има големи импликации врз идните политики на професионалците за човечки ресурси.
Истражувањето спроведено на 3.000 вработени во гигантски компании, вклучувајќи ги „Гугл“, „Амазон“ и „Мајкрософт“ од страна на професионалната мрежа „Блинд“, покажа дека 64% од нив се за трајна опција за работа од дома, наместо покачување на платата од 30.000 долари годишно.
Тој процент е уште поголем во некои компании: 71% од вработените во „Ербнб“, 81% од „Лифт“ и 89% од „Твитер“ претпочитаат постојана работа од дома отколку зголемување на паричната компензација. Во една компанија, како на пример „Зилоу Груп“, дури 100% од вработените изјавиле дека се за работа од дома.
Од околу 45 компании застапени во анализата на „Блинд“, само во две од нив бројот на вработени кои избрале повисока плата за 30.000 американски долари наместо да работат од дома е поголем: 53% од вработените во „ЏП Морган Чејс“ би ги избрале парите (наспроти 47% кои би ја одбрале опцијата работа од дома ), а 58% од вработените во „Куалком“ би ги зеле парите (наспроти 42% кои рекле дека ќе изберат опција за далечинско работење).
Овие резултати доаѓаат кога голем број истражувања укажуваат на вознемиреност и неподготвеност на вработените да се вратат на работното место скоро 18 месеци откако мнозинството канцелариски работници беа приморани да работат од далечина заради Ковид-19.
Од експеримент до функционален модел за работа
Истражувањата откриле дека освен загриженоста од изложеност на Ковид-19, вработените во голема мера не сакаат да се вратат во канцеларијата поради конечно воспоставениот баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.
Понатаму, вработените се желни сами да го одредат својот распоред за работа и да го намалат времето за патување. Всушност, едно неодамнешно истражување од FlexJobs оди дотаму што вели дека 58% од вработените сметаат дека „апсолутно“ би барале нова работа ако не им биде дозволено да продолжат да работат од далечина како што го прават тоа во моментов.
Иако работењето од далечина беше посакувана придобивка за вработените пред пандемија, масовното усвојување на далечинска работа поради Ковид-19 докажа дека експериментот во голема мера функционира добро и за работодавците и за вработените. Како резултат на тоа, иако голем број работодавци размислуваат за враќање на своите работници во канцеларијата, голем број вработени не сакаат да се вратат.
„Работодавците треба апсолутно да ја проценат нивната работна сила во периодот по пандемијата и да размислат што би можело да претставува ефективен бизнис модел за нив“, вели Кети Гарднер, експерт за далечинско работење во FlexJobs, веб-страница за кариера. „Во текот на минатата година, компаниите искусија што може да направи далечинска работа за нивната деловна стратегија, за нивното работење и за нивните вработени“, додава таа.
„САП“ ќе им обезбеди флексибилност на 100.000 вработени
Во последниве недели, некои работодавци објавија дека ќе прифат флексибилни распореди за своите вработени. Еден од нив е и софтверскиот гигант „САП“ кој најави флексибилна политика за работа која ќе важи за сите 100.000 работници. Со ова, вработените во „САП“ ќе можат да работат од дома, канцеларија или од кое било друго место и ќе можат да постават флексибилен распоред. Други компании покажуваат симпатии кон хибридните модели на работа, каде вработените можат да доаѓаат во канцеларијата само неколку дена во неделата.
Но, 100% далечинска работа продолжува да биде најбараниот вид на флексибилност на работното место за вработените поради нејзините далекусежни придобивки, вели Гарднер.
„Далечните работници уживаат подобра рамнотежа помеѓу животот и работата, намален стрес и подобрувања во личните врски, како и заштеда на трошоци и време“, вели таа. „Далечинската и флексибилна работа има огромни придобивки за работодавците кога се ќе се организира добро. Компаниите со флексибилни и далечински работни програми регистрираат зголемено задржување на вработени и намален обрт на работна сила, подобрена продуктивност и ефикасност, поголем и поразновиден обем на кандидати, намалени трошоци за работење и изнајмување на простор и намален импакт врз животната средина “, смета Гарднер.
Со сите овие заклучоци, едно е сигурно – вработените во човечки ресурси ќе се соочат со сериозен предизвик кога ќе се обидат да ги вратат вработените во канцеларија, а тоа ќе ги натера да ги променат и прилагодат своите политики во завиност од преференциите на вработените бидејќи во спротивност се соочуваат со опасност да ги загубат истите.
Гарднер смета дека компаниите што ќе одбијат да се прилагодат на желбата за далечинска или хибридна работна сила апсолутно ќе се соочат со заминување на вработени.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.