Нејзиниот работен стаж во Маркарт е исто толку долг како и приказната на Маркарт во Македонија. Почнувајќи пред пет години како Специјалист за човечки ресурси, време кога објектот на компанијата сè уште се градеше, денес таа е Менаџер за човечки ресурси во една од најголемите германски компании во Македонија која брои над 700 вработени.
Успешните приказни се тука да нè мотивираат и инспирираат, а позади секоја таква приказна се кријат низа моменти кои малку по малку го градат тој успех на кој треба да се гордееме. Една таква приказна ни доаѓа денес од географскиот центар на Македонија, градот Велес, и тоа од германскиот автомобилски гигант Маркарт кој брои над 700 вработени, а една од нив е и Тања Филиповска Пенкова која во улога на Менаџер за човечки ресурси ни раскажува за своите лични и професионални достигнувања во изминате неколку години.
Како започна твојата приказна во Маркарт?
Кога и да се сетам на почетоците во Маркарт, се сеќавам на едно убаво чувство на возбуда, неизвесност, враќање дома, градење на нешто големо и убаво, едноставно, градење на Маркарт семејството. Имено, пред точно 7 години, во време кога бев доста навлезена во професијата Управување со човечки ресурси и работев во странска компанија, притоа не размислувајќи за промена на работата, беше најавено отворањето на новата фабрика во Велес. После кратко истражување, знаев дека се работи за врвна компанија во секоја смисла на зборот и дека мојата желба е да бидам дел од тимот на Маркарт, но пред се, активно да учествувам во негово градење, кој денес брои ни помалку ни повеќе, туку 700 вработени.
Интервјуто беше во несекојдневно опкружување, во еден ресторан во Скопје, во присуство на Потпретседателот за човечки ресурси на Маркарт Групацијата, Генералниот директор и претставничка од Интернационалниот тим за човечки ресурси во Германија, второ интервју, па тестирање, па трето интервју и најпосле, понуда за работа.
Започнав како Специјалист за човечки ресурси, кога вкупниот број на вработени беше 2, фабриката во Каласлари беше во изградба, а работевме во изнајмени простории во градот Велес. Неколку дена по моето вработување го организиравме отворениот ден на Маркарт во Гимназијата во Велес, импресивен настан кој секој што го посетил го памети, особено по огромниот интерес на граѓаните од Велес и од околните места, присуството на 20-тина претставници на различни оддели од Германија итн.
Кој ти е омилен дел во твојата работа?
Откривањето, привлекувањето, развојот и задржувањето на таленти како есенцијален дел на Менаџментот со човечки ресурси ми се еден од омилените аспекти на мојата работа. Задоволството е огромно кога ќе се свртам назад и ќе забележам дека во нашата компанија имаме повеќе врвни професионалци кои ја започнале својата кариера во Маркарт, а денес се експерти, ментори, двигатели на значајни процеси. Понекогаш со истите тие колеги се навраќаме на нивните први интервјуа, првата средба со компанијата и сето тоа им е во убаво сеќавање.
Од друга страна, да се биде лидер, значи да се јакне и охрабрува тимот за постигнување на што поголеми успеси, насочувајќи ги членовите на тимот како да ги надминуваат препреките на кои наидуваат на патот кон нивниот успех, a патот често е трнлив. Кога ќе го видам задоволството на лицето на моите колеги после успешно завршен проект, кој изгледал невозможен и полн со предизвици, а притоа јас сум помогнала во негово успешно завршување, тоа за мене е успех.
Ние во Маркарт негуваме култура на отворени врати, можност за директен пристап до сите вработени, насочени сме кон промоција, препознавање и вреднување на нашите вработени, притоа практикувајќи флексибилен и модерен HR Менаџмент.
Едноставно, горда сум што ја работам мојата омилена професија.
Визија, мисија или корпоративни вредности, што е тоа што ќе го издвоиш како најважно?
Во една глобална корпорација е особено важно да бидат дефинирани мисијата, визијата и корпоративните вредности. За Маркарт тие претставуваат ДНК на нашата компанија.
Визијата, мисијата и корпоративните вредности се неделив спој, тие и даваат белег на една организација, ја прават единствена и допринесуваат членовите на таа организација да чувствуваат припадност кон неа.
Токму вредностите се оние кои ние ги живееме, спонтано ги пренесуваме од еден на друг, од генерација на генерација. Дефинирани и стандардизирани вредности осигуруваат успех на една глобална корпорација.
Која е животната филозофија или лична мантра на Тања?
Биди одмерен, праведен и посветен кон работата и семејството, притоа дај си време и простор и на самиот себе, успехот дели го несебично, а неуспехот претвори го во знаење и растење.
Доколку не си Менаџер за човечки ресурси, која професија би ја одбрала?
Готвач на слатки 😊. Уживам да ги правам и да ги радувам другите со некоја нова креација. Сепак, би избрала Менаџер на човечки ресурси, кој (понекогаш) приготвува некое слатко изненадување 😊.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.