„Успехот на организацијата зависи од успехот на секој поединец во истата таа организација. Доколку имаме успешни вработени кои заедно работат за да ги постигнат организациските цели тогаш успехот за организацијата е неизбежен“, пишува Ана Салтирова Давидовски – Менаџер за човечки ресурси во АМСМ и NLP Тренер и Коуч.
Секоја организација ја сочинуваат влезни ресурси кои во процесот на производство се трансформираат во производи/услуги т.е. излезни ресурси. Излезните ресурси се продаваат на пазарот и на тој начин организацијата остварува приход. Од влезните ресурси: луѓето, опрема, материјали, енергија, информации, пари, луѓето се елементот во организацискиот процес што ја придвижува целата работа. Кога не би биле тие тогаш нема кој да ги активира ресурсите, со ова не се сака да се каже дека другите елементи не се значајни туку дека компонентата човечки ресурси е компонента која што ги придвижува работите од нулта точката.
Успехот на организацијата зависи од успехот на секој поединец во истата таа организација. Доколку имаме успешни вработени кои заедно работат за да ги постигнат организациските цели тогаш успехот за организацијата е неизбежен. Тоа е и една од задачите на HR секторот во насока на поддршка и поттик на вработениот за постигнување на успех т.е. поставување и постигнување на цели кои се во насока на поддршка за постигнување на организациските цели/визија. Но доколку оваа значајна задача се остави само на вработените во HR секторот тогаш уште од самиот почеток е осудена на неуспех и „гола“ администрација. За оваа значајна активност суштинско е вклучување на сите вработените кои имаат и најмали менаџерски задолженија и имаат под себе субординирани вработени. Секторот за HR се очекува да ги иницира, координира, организира и да дава поддршка во целиот процес, додека одговорноста за спроведување е кај сите вработени со менаџерски задолженија независно каков е називот на нивното работно место. Одрекувањето од одговорноста за исполнување на оваа значајна задача директно значи и одрекување од моќта да се движи кон посакуваниот успех. Оној момент кога некому ќе му ја препишеме одговорноста за некоја задача во истиот тој момент се одрекуваме и од моќта ние да ја направиме промената, а таа моќ ја предаваме во рацете на оној на кој што сме му ја предале одговорноста. Одрекувањето од одговорноста за грижа за вработените е потпишување на договор за долгорочен неуспех.
Следната приказна е јасен приказ за значењето на луѓето во организацијата.
~ Извесен англиски свештеник, човек кој се интересирал за науката, решил дека навистина мора да се консултира со Чарлс Дарвин и со Томас Хенри Хаксли – најголемите поборници на теоријата за еволуцијата – кои, за жал со децении биле мртви. Незаприлив, свештеникот добил дозвола да го посети небото. Арно ама, ниту по темелната проверка на Свети Петар не можел да ги најде имињата на овие двајца великани во списокот на Рајот. Без волја го испратил свештеникот надолу по патот да го посети „другото место“. Кога стасал таму, свештеникот се изненадил кога открил дека Пеколот има поимпресивен влез од бисерните врати на Рајот – овој бил покриен со накити од скапоцени камења. Кога заѕвонил на ѕвончето и вратата се отворила, се покажал голем тревник со фонтани, цвеќиња и дрвја. Елени шетале низ паркот, а птиците слатко пееле. Збунет, свештеникот прашал дали Дарвин и Хаксли се тука. Вратарот покажал на двајца. „Тоа се оние кои што садат цвеќиња онаму покрај подножјето на калливиот базен“, рекол тој. „Добродојден сте да ги посетите“ но, пред да тргне свештеникот му рекол на вратарот. „Знаете“ рекол, „таму од каде што доаѓам јас, на Земјата, Пеколот ужива репутација дека е сосема ужасен – неподносливо жежок, грд и полн со болка“. „Ох, да“, рекол вратарот. „Па, требаше да го видите местово пред да дојдат Дарвин и Хаксли!“ ~
Организациското мото би можело да биде „Сите сме во иста каша“, како да се има потреба да се докаже дека одговорноста е секогаш на друго место. Колективното ниво на анонимните „тие“, кои нормално за сè се одговорни, а тоа „тие“ никаде не го вклучува „ние“. Таквиот систем навидум како да е полесен кога нешто ќе тргне наопаку да се бара кој да се обвини, на сметка да се бара решение за проблемот. Кој е вистинскиот избор а не полесниот.
За авторот:
Ана Салтирова Давидовски е Менаџер за човечки ресурси во АМСМ и NLP Тренер и Коуч. Таа е член на Управниот одбор на Македонската асоцијација за човечки ресурси, член на Техничкиот комитет ТК 42 за HR стандарди под Институтот за стандардизација на Република Македонија и активна е на повеќе проекти за развој на човечките ресурси во Македонија и промоција на професијата. Автор е на детската интерактивна книга „Благодарам“ преку која методологијата на NLP ја доближи до најмалите.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.