5 бесмислени прашања на кои не им е местото на интервју за работа

од 24HR

Првото интервју за работа е направено во 1921 година кога Томас Едисон изработил пишан тест за да го процени знаењето на кандидатите. Оттогаш, многу работи се променија, но едно нешто остана исто – тоа се бесмислените прашања кои редовно им се поставуваат на кандидатите од страна на регрутерите.

Работодавците со децении наназад го користат истиот пакет на застарени прашања во интервјуто за работа. Интервјуата станаа помалку за пронаоѓање на вистинскиот кандидат за позицијата и повеќе за тестирање како кандидатот ќе успее да даде серија на повторливи и веќе слушнати одговори.

Прашањата од типот „Зошто да ве вработиме?“ не се дизајнирани за да го извлечат најдоброто од кандидатот – ниту пак се направени да му дадат на работодавачот некаква длабинска информација која подоцна ќе му помогне да го вработи вистинскиот човек.

Зарем не е најважно да ги тестираме вештините на кандидатот, неговите технички квалификации и способноста за вклопување во културата? Многумина ќе се сложат дека е време да ги оставиме 1920-тите позади нас и да се свртиме кон нов подобар начин на вработување.

Еве ги петте најбесмислени прашања за интервју за работа и нивна алтернатива која ќе ви помогне да ги регрутирате најдобрите таленти во вашата компанија:

1. Зошто да ве вработиме?

Како работодавач, ваша работа е да знаете какви вештини се потребни за позицијата. Прашањето „Зошто да ве вработиме?“ бара од кандидатот да оправда зошто токму тој е вистинската личност за вас – и тоа е проблем.

„Вие ја знаете работата одвнатре и однадвор или треба да го знаете тоа доколку интервјуирате кандидати за неа – а не тие. Вашата работа како лице што го прави интервјуто е да поставувате практични и реални прашања за работата што се извршува на позицијата со цел да се процени соодветноста на кандидатот за работното место“, вели еден експерт за регрутација.

Другиот проблем во врска со ова прашање е премисата дека кандидатот мора да ја докаже својата вредност пред компанијата.

Наместо тоа, прашајте ги кандидатите дали тоа ќе функционира за обете страни и како би изгледало кога компанијата и кандидатот би соработувале заедно. Запомнете дека интервјуто за работа е разговор во два правци.

2. Која е вашата најголема слабост?

Не секој кандидат (или вработен) е добар во сè – и тоа е добро. Никој не е совршен. Но, премногу често, кандидатите го испревртуваат ова прашање и се обидуваат да покажат некоја своја јака страна.

Ова прашање никогаш нема да резултира со автентичен и искрен одговор. Затоа, наместо тоа, користете тест за вештини кој ќе ви помогне да дознаете како кандидатот ќе успее да се вклопи во вашиот тим.

3. Каде се гледате себеси за пет години?

При поставувањето на ова прашање, работодавачот се чини како да сугерира каков одговор претпочита да добие од кандидатот: секако, во вашата компанија. Ова го принудува кандидатот да биде неискрен уште на самиот почеток.

Секој од присутните на интервјуто знае дека многу работи можат да се променат за пет години и дека кандидатот можеби нема да остане во компанијата целиот свој живот.

Секако, било каков одговор со помалку од 100% самоувереност дека ќе биде лојален на работата и компанијата, го прави кандидатот да изгледа како недоволно добар тимски играч.

Како и кај претходното прашање, обидете се амбицијата и потенцијалот на кандидатите да ги измерите со тест, а не со едно прашање чијшто одговор нема да ви открие ништо.

4. Кажете ни нешто за себе

Според еден регрутер, ова прашање е лошо од две причини. Прво, пренесува недостаток на интерес или подготовка од страна на работодавачот.

Штом кандидатот е во фаза на интервју, тој веќе ја доставил својата кратка биографија и мотивациско писмо до компанијата. Па ако е така, зарем не би требало работодавачот досега да знае нешто повеќе за кандидатот?

И второ, ова прашање е премногу општо и како резултат на тоа, постојат две вообичаени работи што можат да се случат кога кандидатот се обидува да одговори на ова прашање.

Кандидатот кој вежбал може да испорача сјаен и спакуван наратив кој ќе го истакне од другите. Или, кандидатот може да стане нервозен и да даде површен одговор кој ќе го дисквалификува во очите на интервјуерот.

Во секој случај, работодавачот нема да добие никаков увид во вештините на кандидатот или неговата способност да се вклопи во културата на компанијата.

5. Кажете ни за моментот кога сте направиле грешка

Исто како прашањето за „слабост“, ова прашање ќе покаже само колку добро кандидатот се подготвил за интервјуто со некоја добро испробана анегдота дизајнирана да истакне некоја негова позитивна карактеристика, наместо неуспех.

И, што ви кажува минатиот неуспех на една личност за нејзиниот потенцијал за иден успех? Ништо. Затоа избегнете го ова негативно прашање кое што може само да го вознемири кандидатот и да го натера да се чувствува уште понервозно.

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...