ДАЛИ „SECRET SANTA“ ГО ПОДИГА ПРАЗНИЧНИОТ ДУХ ИЛИ СОЗДАВА СТРЕС?

од 24HR

Празниците се време кога на работните места често се организираат активности за да ја подигнат атмосферата и да го поттикнат тимскиот дух, и вообичаено лицата кои работат во делокруг на човечки ресурси се вклучени во организација на ваквите активности. Една од најпопуларните новогодишни активности е „Secret Santa“.

Додека за едни „ Secret Santa “ е забавен начин за поврзување со колегите, за други е само уште една обврска што ги одвлекува од она што навистина им значи за време на празниците. Токму затоа, во овој текст се фокусираме на прашањето: дали е доволно да се организираат активности, или е време да се вложи во суштински иницијативи кои вистински ќе ја поддржат празничната атмосфера и благосостојбата на вработените?

Што сакаат вработените за празниците?

За многу вработени, празничните настани претставуваат можност за дружење и внесување на позитивна енергија на работното место. Сепак, истражувањата покажуваат дека многумина повеќе би ценеле активности кои се поедноставни и поврзани со нивните лични потреби – како донации во нивно име или дополнителен слободен ден за одмор. Она што вистински го вреднуваат е искреното признавање на нивниот труд, поддршката од менаџерите и можноста да поминат повеќе време со семејството и најблиските.

Добрите и лошите страни на „Secret Santa “

Истражувањето на Employer News покажува дека третина од вработените преферираат да не учествуваат во „Secret Santа“ активности, наведувајќи ги финансискиот и емотивниот стрес како главни причини. Дополнително, дискусиите на платформата Reddit истакнуваат дека некои луѓе чувствуваат притисок и обврска да учествуваат, што може да доведе до непријатност.

Добрите страни на „Secret Santа“ се во тоа што поттикнува тимска соработка, создава забава и придонесува за релаксирана и пријатна празнична атмосфера на работното место. Исто така, оваа активност може да ги зближи колегите и да внесе доза на изненадување и радост во секојдневието. Но, лошите вклучуваат непријатност за некои вработени, притисок да се избере добар подарок, а може да претставува и финансиски товар. Некои вработени го чувствуваат ова како притисок да се вклопат, додека други се насмевнуваат на секоја минута од настанот.

Препораки за ЧР одделите

Како што се наведува на Coppice HR, ЧР одделите играат клучна улога во избегнување на потенцијалните проблеми со „Secret Santа“. Со јасно дефинирани правила и доброволно учество, овие активности можат да се направат попријатни и поинклузивни за сите.

  1. Доброволно учество – Обезбедете сите активности се доброволни, без притисоци и очекувања.
  2. Разнолични активности – Внесете алтернативи како донации, признанија или заеднички настани без лични подароци.
  3. Креативни потфати – Организирајте настани со игри како „креативен избор“ каде секој учесник сам го креира својот подарок.

„Secret Santа“ е активност што може да биде радост за едни, но и извор на стрес за други. Празничните активности треба да бидат осмислени на начин што ќе ги задоволи различните потреби и очекувања на вработените. Клучно е ЧР тимовите да бидат свесни за разноликоста на нивната работна сила и да создадат инклузивна атмосфера која промовира заедништво, но истовремено почитува личните преференции.

Понекогаш, најдобриот подарок за вработените е времето за одмор, признанието за нивниот труд и вистинската поддршка. Со внимателно осмислени активности, празниците можат да бидат пријатно искуство за сите, без оглед на нивните различни преференции и очекувања.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...