Човечките ресурси се двигателот на секоја успешна организација, а нивната улога е особено значајна во комплексната банкарска индустрија-Интервју со Дејан Маџоски НЛБ Банка АД Скопје

од 24HR

НЛБ Банка АД Скопје, како дел од реномираната НЛБ Групација, успешно балансира помеѓу строгите регулативи на индустријата и грижата за своите вработени.

Со Дејан Маџоски, директор за човечки ресурси, разговараме за различни аспекти од управувањето со луѓето: од иницијативите за мотивација и задржување на таленти, преку предизвиците на дигиталната трансформација, до градењето организациска култура која инспирира и обединува.

Преку ова интервју ќе дознаеме како НЛБ Банка гради успешна приказна преку вложување во луѓето, создавање средина која поттикнува иновации и воведување на практики кои ги рефлектираат вредностите на банката – и кон вработените, и кон заедницата.

Како би ја оцениле изминатата година за НЛБ Банка од перспектива на човечките ресурси? Кои беа најголемите успеси и што научивте од предизвиците?

НЛБ Банка континуирано продолжува со трендовите на раст и развој на бизнисот и резултатите, а секако, нашите вработени се клучниот елемент во овој успех. Всушност, за нас, успехот на НЛБ Банка е пред сè успех на нашите луѓе, а потоа сè останато. Оттука и нашиот постојан фокус e кон градење на позитивна околина, тимски дух и услови за работа кои ги следат современите пракси и трендови.

Изминатава година беше година на позитивни трендови до кои дојдовме преку отворен дијалог со вработените, заживување на позитивни вредности во работењето, воведување на неколку нови пракси, програми за развој и поволности.

Но, секако не застануваме тука, затоа што живееме во време на постојани промени кои носат нови предизвици и можности, а кои ние како организација треба да бидеме доволно мудри да ги препознаеме и навреме да ги адресираме.

Банкарскиот сектор се чини е пред прагот на стратегиска трансформација. Како човечките ресурси придонесуваат кон трансформација на банката?

Во време на брзи и структурни промени, токму луѓето се тие што ја прават разликата. Затоа секторот за човечки ресурси е клучен партнер во трансформацијата како еден од главните двигатели на промените којшто го поврзува човечкиот потенцијал со бизнис целите. Ова го правиме преку организациски развој, развој на вештини и компетенции за иднината, развој на лидерски капацитети, управување со промените и градење на агилна култура.

Во време на брзи промени и дигитализација, што според вас останува непроменета вредност во односот кон вработените?

Во време на брзи промени и дигитализација, верувам дека основните вредности што остануваат непроменети се меѓусебната почит, довербата и искрениот однос кон вработените. Тие секогаш ќе бидат најголемата сила на компанијата, а токму ваквиот пристап придонесува за создавање силен и стабилен тим. Луѓето се клучниот елемент за градење на позитивна работна култура и за постигнување на долгорочен успех, независно од технолошките промени и иновации.

Во НЛБ Банка интензивно работиме на воведување на нови технологии и нови дигитални алатки во работењето и веруваме дека тоа ќе доведе до поголема ефикасност и продуктивност. Сепак работиме и на тоа да го задржиме и човечкиот допир, затоа што веруваме дека највредната константа е човечкиот пристап. Без разлика колку технологии користиме, луѓето сакаат и треба да бидат слушнати, вреднувани и поддржани, да знаат дека нивниот труд има значење, и дека зад секоја политика стои разбирање, а не само алгоритам. Вистинската грижа, транспарентната комуникација и почитта кон индивидуалноста остануваат темел на секој здрав однос – и тоа е нешто што не се менува.

Кои технологии или алатки најмногу го трансформираа Секторот за човечки ресурси во НЛБ Банка во последните години?

Како и останатиот дел од банката, и ние сме силно фокусирани на воведување нови дигитални решенија и технологии. На почетокот на оваа година успешно ја завршивме имплементација на современо софтверско решение од областа на менаџментот на човечките ресурси, кое ги опфаќа клучните процеси како што се управување со перформансите и талентите, регрутација и селекција, воведување на нови вработени итн. Активно работиме на идентификување на можности за понатамошна автоматизација на процесите, но и на изнаоѓање на најсоодветните решенија базирани на вештачка интелигенција, кои дополнително ќе ни помогнат да ја зголемиме продуктивноста.

Кои иницијативи или активности ги преземате за да обезбедите баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на вашите вработени?

Балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот, како и благосостојбата на вработените, ги сфаќаме навистина сериозно. За нас тоа не е луксуз, туку потреба на секој поединец. Во таа насока, во изминативе неколку години воведовме низа на пракси и поволности со кои сакаме позитивно да влијаеме на балансот. Тука ќе споменам само неколку.

Прво е флексибилното работно време, со цел вработените да можат да си го организираат денот според личните обврски и потреби, при тоа запазувајќи ги тимските договори и потребата за континуитет во работните процеси. Дополнително, во петок, вработените имаат можност да го завршат работниот ден во 14:00 часот, што овозможува подобро планирање и подолг викенд.

Следно нешто на листата е хибридниот модел на работа и формално воспоставената работа од далечина. Во зависност од природата на работната позиција, голем број колеги имаат можност да работат од дома. Во моментов, околу 200 вработени ја користат оваа можност преку еден до неколкуте модели што ги имаме поставено. Овој начин на работа овозможи задржување на продуктивноста и професионалноста, а истовремено позитивно влијаеше врз благосостојбата на вработените, намалувањето на стресот и времето потребно за патување до работното место.

Покрај слободниот ден за роденден и други пригоди, оваа година воведовме и нови поволности: 10 дополнителни слободни денови за раѓање или посвојување на дете (татковство), како и 2 дополнителни платени слободни денови за лични причини.

Ја споменавте благосостојбата и надвор од балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот. Што друго правите со цел позитивно да влијаете на благосостојбата на вработените?

Кон благосостојбата на вработените сакаме да имаме холистички пристап, затоа што само така можеме да понудиме сеопфатен пакет од кој вработените ќе имаат корист. Затоа и во овој дел се трудиме постојано да воведуваме нови практики кои ќе одговорат на потребите на вработените. Тука би го споменал приватното здравствено осигурување кое НЛБ Банка веќе неколку години го обезбедува за своите вработени. На редовните здравствени прегледи додадовме и неколку дополнителни, по избор на вработените, а на дневна основа обезбедуваме овошје за вработените со цел да можат да го започнат денот со здрав оброк. Исто така, повеќепати во текот на годината организираме програми, настани и работилници со фокус на физичкото и менталното здравје. Од аспект на социјализација на вработените, создавање тимски дух и сплотеност, активни сме во учество и организација на спортски настани, на кои тимовите на НЛБ Банка редовно се меѓу најуспешните и освојуваат бројни награди.

Организираме и помали и поголеми настани каде што овозможуваме вработените да се соберат и дружат на едно место, вклучувајќи тимбилдинг активности, настани за одбележување посебни денови во годината, новогодишни забави и дружења, појадок за нови вработени со членовите на Управниот одбор и сл. Минатата година го организиравме нашиот прв „НЛБ Пикник под ѕвездите“, на кој присуствуваа околу 700 колешки и колеги, а овој септември и првиот „Ден на семејството на НЛБ Банка“, на кој присуствуваа повеќе од 1.400 наши вработени со нивните семејства.

Од финансиски аскпект, секогаш се трудиме да ги следиме потребите на вработените и движењата на пазарот на труд. Континуирано работиме на подобрување на условите преку годишни покачувања на платите и обезбедување на дополнителни додатоци и награди вклучувајќи годишни бонуси, новогодишни награди и К-15, чии што износи ги ревидираме од година в година. Грижејќи се за иднината, нашите вработени се вклучени во трет пензиски столб кој треба да им овозможи поголеми приходи во годините кога нема да можат активно да работат и заработуваат.

Банкарскиот сектор е познат по својата стабилност, но истовремено и по строги регулативи. Како ова влијае на креативноста и иновативноста во HR практиките имајќи ги предвид регулативите и тоа што НЛБ Банка е дел од голема групација?

Точно е дека банкарскиот сектор е регулиран, и тоа е со добра причина – обезбедување стабилност на системот и градење доверба кај клиентите. Но, тоа не значи дека нема простор за креативност. Напротив, регулативата не ја гледаме како ограничување, туку како рамка во која иновативноста добива уште поголема вредност преку изнаоѓање соодветни решенија.

Како дел од НЛБ Групацијата, имаме јасни стандарди и процедури, но истовремено и можност да ги адаптираме практиките според локалниот контекст и потреби. Групациското знаење и искуство во многу наврати се покажале како клучни во дизајнот и имплементацијата на бројни практики и проекти во областа на човечките ресурси.

Како гледате на улогата на човечките ресурси во градењето доверба помеѓу раководството и вработените, особено во сложени и непредвидливи ситуации?

Секторот за човечки ресурси е мост на довербата кој овозможува спроведување на деловната стратегија притоа слушајќи го гласот на вработените. Во сложени ситуации и ситуации на промени, човечките ресурси треба да бидат стабилизирачки фактор кој ќе обезбеди транспарентна двонасочна комуникација, достапност, конзистентност и автентичност. Во таа насока, во НЛБ Банка се трудиме да изградиме култура на доверба која вработените ќе можат вистински да ја почувствуваат.

Што сметате дека е најважно за успехот на една организација – талентот на вработените, структурата или културата?

Овие три елементи, би рекол, се дел од клучните столбови на една стабилна организација и недостатокот на кој било од нив тешко може да се компензира со другите два. Талентот е важен затоа што без способни и мотивирани луѓе, тешко се постигнуваат резултати. Структурата дава јасност, насоки и овозможува ефикасност. Сепак, и најдобриот талент нема да блесне ако се чувствува ограничено, и најдобрата структура нема да функционира без доверба, отвореност и заедништво. Културата е она што ги држи сите три елементи заедно и ги дефинира сите други аспекти на успехот. Таа ги поврзува луѓето, ги инспирира, и ги мотивира да дадат повеќе од себе, не затоа што мораат, туку затоа што сакаат. Културата создава средина во која луѓето се охрабрени да учат, да грешат, да растат, и да се чувствуваат дел од нешто поголемо.

Што најмногу ве мотивира лично во вашата улога како директор за човечки ресурси, и како таа мотивација ја пренесувате на вашиот тим и вработените?

Она што ме мотивира е чувството дека секој ден имаме можност да направиме разлика во животите на луѓето преку воведување на нови практики или поволности, обезбедување можности за личен и професионален развој, создавање позитивна работна околина и сл. Дури и ако таа разлика е мала, ако креира дополнителна вредност за вработените, за мене тоа е доволна мотивација да продолжам понатаму во иста насока.

Мотивацијата ја пренесувам преку пример, отвореност и постојана поддршка. Кога тимот гледа дека си посветен и искрен, тоа ги инспирира и ги охрабрува да го дадат својот максимум. Мотивацијата создава енергија, а енергијата е заразна и се пренесува низ целиот тим.

Кој е највредниот совет што сте го добиле во вашата кариера, и како тој ве води во работата со луѓето денес?       

„Слушај со намера да разбереш, не само да одговориш.“ Овој совет ме научи на важноста на емпатијата и активното слушање. Во работата со луѓе, тоа е основа за градење доверба, решавање конфликти и создавање искрени и автентични врски. Секој човек има своја приказна, а секоја приказна има повеќе агли. Треба да бидеме отворени да слушаме пред да донесеме заклучок или да предложиме решение, затоа што само можеме да носиме вистински добри одлуки.

Кога би можеле да се вратите на почетокот на вашата кариера, што би си советувале себеси во однос на работата со луѓе?

Би ги нагласил најважните вредности во односите со луѓето: автентичност и интегритет, искрен пристап, емпатија и активно слушање. Секој човек е посебна личност, со свои карактерни особини, потреби, амбиции и желби, оттука работата со луѓето бара индивидуализиран пристап бидејќи не постојат универзални решенија. Понатаму, би ја посочил флексибилноста и отвореноста кон промени, затоа што работата со луѓе бара постојана адаптација – едноставно, она што функционира денес можеби нема да функционира утре. И на крајот, совршенството е илузија. Секогаш е подобро да се прават мали секојдневни чекори кон подобрување, отколку да се во потрага по совршено решение.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...