Колумна на Александар Тасев сертифициран професионалец во човечки ресурси со повеќе од 6 години интензивно работно искуство.
Последниве неколку годнини кога пазарот на труд се соочува со енормен недостаток на талентиран кадар, а конкуренцијата за привлекување на таленти е поинтензивна од кога било, компаниите се почесто си го поставуваат прашањето: што навистина ги задржува луѓето и што привлекува нови таленти?
Платата како клучен и неминовен фактор останува и има егзистенцијално значење, додека бенефициите претставуваат дополнителен мотиватор. Сепак веќе се поголемо значење добива физичката работна средина односно просторот во кој вработените поминуваат најмалку осум часа дневно, а во одредени организации и значително повеќе.
Ергономијата не е прашање на естетика туку стратегија на продуктивност и долгорочна благосостојба на вработените. Работната средина има директно влијание врз перформансите, концентрацијата и нивото на стрес кај вработените, па се до енергијата во текот на денот, креативноста и квалитетот на тимската соработка. Природната светлина и функционалниот распоред создаваат чувство на стабилност и фокус, а додека пак пренатрупаните, бучни и нефункционални простори креираат континуиран „микро-стрес“, кој постепено ја намалува ефикасноста и ефективноста на вработените.
Ергономијата е здравствена политика а не трошок на компанијата
Несоодветна столица, неправилна висина на бирото и неприспособен монитор не претставува само „мала непријатност“, туку сериозен ризик за здравјето на вработените. Сите овие фактори директно придонесуваат за појава на болки во грбот и вратот, хроничен замор, намалена концентрација, зголемен број на боледувања и нарушувања на видот на вработените.
Инвестирањето во ергономски решенија како што се вработување на БЗР координатор, прилагодливи столици, функционални бироа и правилно позиционирана опрема, претставува долгорочна стратегија за намалување на трошоците поврзани со отсуства и здравствени проблеми. Истовремено ваквите инвестиции директно влијаат и врз зголемување на продуктивноста и општото задоволство на вработените.
Пораката кон нашите вработени мора да биде јасна дека здравјето на вработените е приоритет. Бидејќи без здрав и функционален тим, не може да се очекува одржлива продуктивност и долгорочен организациски успех.
Убавата канцеларија гради култура
Просторното уредување претставува директен одраз на вистинските вредности на една компанија. Модерен, чист и функционално организиран работен амбиент испраќа јасна порака за професионалност, грижа, стабилност и почит кон луѓето. Кога компанијата инвестира во условите за работа, вработените се чувствуваат ценети и препознаени, што значително придонесува за зајакнување на организациската култура и чувството на припадност. Исто така самите канцелариски простории играат клучна улога и во брендирањето на компанијата. Изборот на бои во просторот, присуството на растенија и внимателно селектираната музика го формираат првиот впечаток кај кандидатите уште при самото влегување на интервју и токму тука започнува првото и најважното искуство со брендот на компанијата.
Малите подобрувања прават голема разлика
Не секоја компанија може да направи целосен редизајн, но може да започне со мали промени како ергономска проценка на работните позиции ,подобрување на осветлувањето, додавање зелени растенија, простор за кратки паузи и одмор, и тивки зони. Најголемата промена не е во буџетот, туку во свесноста кај раководството, доклку едно раководство се грижи повеќе за буџетот него за ергономијата тоа не е здраво опкружување..
Како менаџери многу често сме фокусирани на резултати и бројки. Но зад тие бројки стојат луѓе кои и те како ни ја движат компанијата напред. Луѓето функционираат подобро кога се чувствуваат удобно, безбедно и почитувано на работното место. Инвестирањето во ергономија на работно место не е луксуз тоа е дел од одговорното лидерство и долгорочната стратегија за благосостојба.
Сите ние созадваме бренд но брендот не е само што зборуваме. Брендот е и каде ги сместуваме луѓето кои го градат.