Британски совет и европската организација Propulsion ги повикуваат HR професионалците да се пријават на бесплатни дводневни работилници посветени на развој на родово сензитивни HR политики во организации што се занимаваат со сајбер безбедност или имаат оддели посветени на оваа област.
Работилниците ќе се одржат на 24 и 25 ноември 2025 година во хотел „Солун“, Плоштад Македонија, Скопје, и се реализираат во рамките на регионалната програма CybHER. Пријавите се отворени на линкот: https://pr.fo/workshops
Целта на работилниците е преку интерактивна работа и размена на искуства да се унапредат практиките за вработување, задржување и напредување на вработените, како и да се создаде инклузивна и безбедна работна средина за жените во секторот на сајбер безбедноста. Програмата вклучува предавања, практични сесии и алатки за имплементација на родово сензитивни политики, со учество на домашни и меѓународни експерти.
„Воведувањето родово сензитивни HR политики не е само прашање на еднаквост, туку и стратешки чекор кон зајакнување на капацитетите на организациите во областа на сајбер безбедноста. Работилниците во Скопје нудат можност HR секторите да се зајакнат со знаење и алатки што ќе придонесат за создавање поправедна и поинклузивна работна средина“, изјави Искра Андреева Алексоска, менаџерка на програмата CybHER Северна Македонија.
Покрај на македонскиот пазар, работилниците се одржуваат и во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и на Косово. Претходно, програмата CybHER обезбеди обуки и сертификати за млади експертки во секторот на сајбер безбедност кои излегуваат на пазарот на труд, покрена сајбер клубови за девојчиња во училиштата низ Западен Балкан и во соработка со водечки регионални компании лансираше тримесечна програма за практикантска работа за над 60 млади жени, експертки во оваа област.
Проектот CybHER е финансиран од Владата на Обединетото Кралство и го спроведува Британскиот совет, со цел зајакнување на девојките и жените во областа на сајбер безбедноста.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.

