CHATGPT ЈА БРИШЕ РАЗЛИКАТА МЕЃУ РАБОТА И ПРИВАТЕН ЖИВОТ: НАЈГОЛЕМАТА СТУДИЈА ДОСЕГА ОТКРИВА КАКО ЛУЃЕТО ЈА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

од 24HR

Кога ChatGPT беше објавен во ноември 2022 година, многумина го гледаа како уште еден краткотраен технолошки тренд. Но три години подоцна, оваа алатка стана дел од секојдневната рутина на милиони луѓе. Според најновата и најголема студија досега, ChatGPT денес го користат околу 700 милиони луѓе секоја недела што претставува речиси 10% од светската возрасна популација и заедно испраќаат над 2,5 милијарди пораки дневно.

Истражувањето спроведено од тимот за економски истражувања на компанијата сопственик на ChatGPT – OpenAI и Националното биро за економски истражувања (NBER), анализира повеќе од 1,5 милиони анонимизирани разговори. Целта е да се разбере како точно луѓето го користат ChatGPT, кој го користи, и каква економска вредност се создава од оваа технологија.

Кој го користи ChatGPT?

Еден од најважните наоди е драматичното затворање на родовиот јаз. Во првите месеци од лансирањето, околу 80% од активните корисници имале машки имиња, но до 2025 година овој процент паднал под половина и денес жените дури малку доминираат меѓу активните корисници. Ова покажува дека ChatGPT излезе од фазата на „техно-ентузијасти“ меѓу кои повеќето се мажи и стана навистина масовен и инклузивен производ.

Возрастa исто така игра улога, па речиси половина од сите пораки ги испраќаат корисници под 26 години. Сепак, трендот покажува дека со тек на време разликите меѓу возрасните групи се намалуваат, а користењето расте во сите возрасни сегменти, вклучувајќи ги и повозрасните категории.

Интересно е што растот е особено брз во земјите со понизок и среден. Тоа значи дека ChatGPT се позиционира како глобална алатка и помага во намалување на дигиталната нееднаквост.

Што прават луѓето со ChatGPT?

Наодите откриваат дека ChatGPT најчесто се користи за т.н. „секојадневни задачи“. Околу 70% од разговорите се за приватни потреби како учење, добивање совети и идеи, до пишување текстови и рецепти. Најчестите категории се:

  • Практични совети – околу 29% од разговорите се токму за ова.
  • Барање информации – расте брзо и сега е околу 24% од сите разговори.
  • Пишување – иако малку опаднало, сепак претставува четвртина од вкупната употреба.

Кога станува збор за работа, ChatGPT најмногу се користи за пишување и уредување текстови како мејлови, извештаи, формални документи, преводи и кратки резимеа. Дури две третини од сите „пишувачки“ разговори се всушност уредување или подобрување на веќе постоечки текст, а не создавање на нов.

Програмерските барања поточно кодирање се многу помал дел од вкупната слика и учествуваат со само околу 4% од сите пораки, што укажува дека ChatGPT не е алатка резервирана само за технолошките професионалци.

Три начина на користење

Истражувачите го класифицирале секој разговор во три категории:

  • Прашува (49%) – корисниците бараат совети, објаснувања или информации за да донесат подобри одлуки.
  • Прави (40%) – корисниците бараат ChatGPT да изврши конкретна задача, на пример да напише е-меил или да состави табела.
  • Изразува (11%) – пораки со личен тон, рефлексија или било која друга форма за испраќање пораки.

Економската вредност и на работа и дома

Студијата заклучува дека околу 30% од употребата е поврзана со работа, но неформалната употреба расте побрзо. Ова покажува дека ChatGPT е еднакво важен и во приватниот живот од организација на домашни задачи, до учење нови вештини или донесување лични одлуки.

Истражувачите истакнуваат дека ChatGPT создава вредност на начин што класичните економски мерки како БДП тешко ја „фаќаат“. Имено, станува збор за директно влијание врз подобрување на одлуките, зголемување на продуктивноста и ослободување време за креативни и стратешки задачи.

Што значи ова за HR професионалците?

За HR тимовите оваа студија е сигнал дека генеративната вештачка интелигенција веќе е присутна во секоја организација, дури и ако официјално не е воведена. Вработените веќе ја користат за пишување комуникации, подготвување документи, учење и развој на нови вештини, како и за совети за прашања од приватниот и професионалниот живот.

Оттука, за HR професионалците ова истражување не треба да претставува само интересни статистики туку јасен повик за акција. Оваа нова реалност бара внимателно осмислен пристап и преземање акции, како на пример:

  • HR тимовите најпрво треба да постават јасни правила за етичка и безбедна употреба на АИ на работното место, за да се заштити приватноста на податоците и да се избегнат потенцијални ризици.
  • Потребно е да се вложи во обука затоа што не сите вработени знаат како да добијат најдобри резултати од ChatGPT, а токму HR може да им помогне преку организирање на обука (со внатрешни или надворешни предавачи) за тоа како да го користат на продуктивен и одговорен начин.
  • Вреди да се размисли како оваа технологија може да се вгради во секојдневните процеси на самите HR професионалци и како може да им помогне во пишување огласи за работа и подобрување на описите на позиции, до анализа на анкети за ангажираност и поддршка во развој на вработените.

Студијата јасно покажува дека ChatGPT станува дел од секојдневниот живот и создава вредност и во работата и дома. За HR ова е повик да реагира и да постави јасни правила за користење, да ги обучи тимовите и да ја интегрира технологијата во процесите. Така ChatGPT ќе стане сојузник за поефикасна работа, подобра комуникација и посилна организациска култура.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...