Генерацијата на 21виот век Генерација Z или ЏенЗи-ЗУМЕРИ

од 24HR

Колумна на Билјана Чкламовска – Legal / HR / Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија.

Дечки од ЧР – Внимание! Овој месец вработив две лица, едното 2001-во другиот 2002-ро годиште, што ме поттикна да ја истражам генерацијата родена во овој век, но се надевам, интересно ќе ви биде  да споделам, што има да ни понуди оваа многу специјална генерација, со вас.

Последен рок е да се спремиме за прием на млади работници од Z-генерацијата, или ЏенЗи, или Зумери, како ви е драго да ги нарекувате, но ова е најновата работна сила, луѓе родени по 1996 година, чиј заштитен знак е технологијата. Во 2020 година, повеќето млади луѓе од оваа генерација веќе зачекорија во светот на работата, но од оваа година оние кои завршиле високо образование, целосно ќе го преплават пазарот на трудот.  Интернетот го измени светот драстично во текот на последните 20 години, така што овие деца сигурно ќе бидат одличнa работна сила, неопходна за понатамошното функционирање на секоја компанија, но треба да сме спремни да предложиме неопходни промени и прилагодувања што работодавачите ќе треба да ги прифатат, доколку сакаат во своите редови да имаат високоталентиран,  дигитално писмен кадар.

 Генерацијата Z е првата глобална генерација. Нивните норми се сосема различни од нормите на претходните генерации, бидејќи, ќе признаете, тие израснаа во неизвесна и сложена средина што влијаеше врз нивниот поглед кон учењето, работата и светот воопшто. Ним технолошкиот напредок им е во крвта,  знаат да ја искористат достапноста на информации што ја нуди дигиталната ера, секогаш се онлајн, на сите технички уреди, скоро 24 часа на ден, животот им е незамислив без нивниот паметен телефон. Тие се свесни за предностите од неформалното образование и користат онлајн курсеви преку Интернет, кои се подостапни, поевтини и поприспособливи на нивното време и интереси отколку традиционалните школи за високо образование.

Тие се разликуваат од другите генерации по тоа што се доста практични, понестрпливи се и поагилни од нивните претходници, можеби дури и малку поинтелигентни и поамбициозни и постојано бараат нови предизвици. Тие имаат способност за мултитаскинг и скенирање текст во потрага по посакуваните информации, заради што не се плашат од промени, бидејќи големата количина на информации на интернет им нуди и можности за изнаоѓање решенија и заради тоа што немаат јазични или било какви други бариери.

Зумерите комуницираат меѓусебно воглавно виртуелно. За разлика од милениумците кои комуницираат преку писмени пораки, тие претпочитаат визуализации наместо текст, преку слики, видеа, GIF-ови, емотикони, или преку пораки од краток тип, со слаба содржина, употребувајќи многубројни кратенки затоа што се навикнати на брза размена на информации со цел да се забавуваат, а не меѓусебно да се проникнуваат.  Трпението не им е јака страна и постојано се под стрес дека ќе пропуштат нешто. Важно е да се истакне дека членовите на оваа интересна генерација не консумираат само онлајн медиуми, туку тие и самите учествуваат во создавањето на дигитална содржина, со што ја изразуваат својата креативност и ги преземаат првите претприемачки чекори. 

Припадниците на Генерацијата Z се навикнати на постојан пристап до информации, собирање и користење на повеќе извори на информации во исто време што ги прави прагматични и аналитички, подготвени да ги преиспитаат универзалните вистини, за разлика од претходните генерации што се збунети од контрадикторните информации што се пласираат по социјалните медиуми и не знаат да препознаат што е вистина, а што лажна вест.  

Припадниците на оваа генерацијата се еколошки најосвестени, бидејќи ги согледуваат  веќе присутните последици од климатските промени и дека тие ќе бидат оние чии животи ќе бидат најпогодени во иднина, заради што, тие се стремат позитивно да влијаат врз светот во кој живеат преку својата работа, пронаоѓаат алтернативни извори на енергија, размислуваат за намалување на загадувањето и отпадот, зачувување на природната средина, рециклирање и влијанието на производите што ги купуваат врз животната средина. Нив им е важно да работат во општетвено одговорна компанија која води грижа за зачувување на животната средина.

Тие исто така, немаат проблем со прифаќање на лицата кои се со поинаква родова, сексуална, етничка или каква било идентификација, напротив, начелото на недискриминација по ниеден основ, унапредување на човковите права и инклузивноста за нив претставува норматив.

Зумерите се многу поотворени за разновидност и социјална вклученост, а сакаат да се вклучат и во општествените активности, каде што исто така се поактивни и поамбицозни од претходните генерации, пасионирани љубители се на социјалната правда исакаат да обезбедат подобра иднина не само за себе, туку во светот, и затоа ќе се стремат да го преземат водството, бидејќи се самоуверени и похрабри по природа,  но се и свесни дека ќе треба напорно да работат за да ги постигнат своите цели и најверојатно, со оглед на компјутерската писменост, постепено ќе ги преземат најважните позиции.

Во споредба со генерацијата милениумци, луѓето од генерацијата Z  се попретпазливи, прагматични и понесигурни со оглед на времето во кое растат, заради што претпочитаат да заштедат пари отколку да ги трошат. Тие покажуваат поголем интерес за претприемништво од претходната генерација и се надеваат дека еден ден ќе отворат сопствен бизнис или ќе заработат за живот со своето хоби.

На оваа генерација исклучително и е важно задоволството од работата и социјалната средина, си ја ценат независноста и  автономијата, и потешко прифаќаат авторитети. Нивната прекумерна самодоверба, сигурно ќе предизвика конфликти во меѓугенерациската комуникација, особено со авторитетите од претходните генерации кои не толерираат критики и противење. Но Зумерите нема да трпат монотонија и ако не се задоволни, ќе ја напуштат компанијата и ќе побараат работа во друга компанија со стимулирачка организациска клима.

Иако  се комуникативни и имаат голем број пријатели и познаници на социјалните мрежи што ги користат како заедничка форма на изразување,  иако се секогаш во тек со најновите вести и трендови, ова е најосамената генерација бидеќи нејзините припадници се поинтровертни, поиндивидуални и повеќе склони кон депресија, помалку склони да бидат дел од колективот и ова е нивна лоша страна, но со добро менаџирање тоа може да се надмине.

Џен Зи феноменот стана реалност. Влезот на оваа нова генерација работници неминовно ќе предизвика не само меѓугенерациски конфликти, туку и позитивни промени во секоја компанија, доколку секторите за човечки ресурси навреме преземат чекори за вклучување на новата генерација во организацијата. Сега, повеќе од секогаш е неопходно да се развива корпоративната култура што ќе обезбеди релаксирани односи во организацијата и пријатна работна клима со:

– промовирање на меѓугенерациска комуникација соработка помеѓу различни генерации вработени и споделување информации меѓусебно;

 – отворена комуникација, трпеливост, разбирање и емпатија,

–  поголема толеранција на слободата и независноста;

– итни промени во начинот на работа (работни места од далечина, мобилни центри, отворени простори, зелени површини);

–  мотивација;

–  поголеми можности за развој, дополнително образование;

– тим билдинзи насочени кон зачувување на животната средина (чистење на природата од смет, садење дрвца  и сл.).

Само во таква средина, член на новата генерација  ќе може добро да се прилагоди и да работи проактивно, ефикасно и продуктивно.

За авторот:

Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...