Правото на платен годишен одмор е уставно загарантирано право. Уставот на Република С. Македонија става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже.
Ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор или од обештетувањето за годишниот одмор !!!
Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја (со отказ од страна на работодавачот).
Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година.
Истиот може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.
Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.
Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.
Работникот кој работи во странство може во целост да го искористи годишниот одмор до крајот на идната календарска година, ако е така определено со колективниот договор на работодавачот.
Времетраење на годишен одмор
Работникот има право од платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, со тоа што со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи најмногу до 26 дена. Тоа значи дека иако во договорот за вработување не е внесена посебна клаузула за годишен одмор, според важечките Колективни договори и за приватниот и за јавниот сектор кои се однесуваат на сите компании, независно дали се или не се негови потписници законскиот минимум за годишен одмор е 20 работни дена, а максимумот е 26 работни дена.
Повозрасен работник, инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор.
Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.
Годишен одмор со скратено работно време
Работникот кој е пријавен со скратено работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни дена.
Во годишен одмор не се пресметуваат:
Како други случаи на оправдано отсуство од работа што не се пресметуваат во годишен одмор се и деновите на платено отсуство (поради смртен случај, полагање на стручен испит за потребите на работодавачот, елементарни несреќи и сл.), како и неплатено отсуство до три месеци во календарската година ( селидба и други приватни потреби).
Доколку се случи боледување за време на годишниот одмор работникот нема право да го продолжи одморот. Според ЗРО како ден на годишен одмор се смета секој ден на конкретниот работник одреден според распоредот на работното време кај работодавачот. Со други зборови ако во неделата работникот има 4 работни дена и три слободни во годишниот одмор се пресметуваат само 4 работни дена неделно.
Право на цел годишен одмор
Работникот кој за прв пат заснова работен однос (воопшто, не кај конкретниот работодавач) се стекнува со право на користење цел годишен одмор (од 20 до 26 работни дена) кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци, независно дали работи полно работно време или пократко. При тоа мора да се знае дека работниците, во случај на прво вработување, кои се пријавени на определено работно време кое е помало од 6 месеци формално правно немаат право на користење на цел годишен одмор, затоа што во тие 6 месеци биле пријавувани и одјавувани, без разлика што се работи за ист работодавач и помеѓу пријавувањето нема пауза. Тие имаат право на користење на пропорционален дел од годишниот одмор и тоа по два работни дена од секој месец работа.
Користење на годишен одмор во случај на склучување на договор за вработување со друг работодавач
Работникот го користи годишниот одмор кај работодавачот кај кого стекнал право на негово користење, освен ако со работодавачот поинаку не се договорил.
По престанувањето на работниот однос работодавачот е должен да му даде на работникот потврда за искористен годишен одмор, а неискористениот дел од одморот работникот има право да го корсти кај Работодавачот со кого склучил нов договор за вработување.
Префрлување на цел одмор
Доколку во календарска година работникот не бил во можност да го искористи одморот за таа година поради: боледување или повреда, породилно отсуство или нега и чување на дете – може неискористениот одмор целосно да го искористи во наредната година, но само до 30 јуни.
Платен одмор
Работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности (за склучување на брак, раѓање на дете (само за таткото) и/или смрт на близок роднина), до седум работни дена.
Согласно член 42 од ОПДПСОС точно се дефинирани лични и семејни околности и точно времетраење на платениот одмор и тоа:
– за склучување на брак……………………………… 3 дена
– за склучување брак на дете………………………. 2 дена
– за раѓање или посвојвуање дете………………… 2 дена
– за смрт на сопружник или дете…………………. 5 дена
– за смрт на родител, брат, сестра…………….….2 дена
– за смрт на родител на сопружник……………… 2 дена
– за смрт на дедо или баба……………………………. 1 ден
– за полагање на стручен или друг испит за потребите на работодавачот до.…………… 3 дена
– за елементарни непогоди до…………………….. 3 дена
Исто така доброволно дарување кев е дефинирано како платено отсуство од работа согласно член 150 од ЗРО каде е предвидено да Работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв.
За Авторот:
Адвокјат Марија Стојановска од адвокатското друштво Дракуловска -Стојановска
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.