HR во пракса: Одговорности, овластувања и стандард за учинок

од 24HR

Колумна на Наташа Ивановска – HR консултант, тренер, кариерен и бизнис коуч и основач на консултантската компанија INSIGHT Group.

Дали вашата организација има описи на работни места? Секако дека има, бидејќи тие се дел од задолжителната документација која мора да ја има секоја организација.

Дали ВИЕ си гo знаете описот на работно место? Кога последен пат сте го виделе, за да ви е јасно ЗА ШТО СТЕ ОДГОВОРНИ? Зошто е ова важно? Затоа што кога не знаеме за што точно сме одговорни – најчесто не сме одговорни за ништо!

Одговорности, овластувања и стандард за учинок се основните елементи на секој ОПИС НА РАБОТНО МЕСТО-документ задолжителен во секоја Организациска структура.

Не да се напише колку да го има…Реално да се постави, за да се знае за кои области лицето на тоа работно место ОДГОВАРА дека ќе се извршени и оценети позитивно според Стандардите за учинок. За да се обезбеди извршувањето на активностите во рамките на таа одговорност.

Можете да замислите фудбалски тим во кој НЕМА ОДРЕДЕНИ ПОЗИЦИИ на теренот, со определени одговорности? Па, секој според свое видување, нека си ја разбере позицијата ГОЛМАН и нека си стои пред голот. Исто е во една компанија!

Да тргнеме со ред:

ОДГОВОРНОСТ е нешто што се носи како дел од позицијата секој ден-одговорност кон исходот, а не како казна кога нештата одат во лош правец. Колку позицијата е повисока (во смисла на управување со процеси и луѓе) – толку се определуваат ОБЛАСТИТЕ на одговорност. На пример – одговорен за пласирање на екипата на светско првенство. Или – Одговорен за привлекување нови таленти во тимот. Во рамките на таа одговорност, лицето планира АКТИВНОСТИ (во овој случај тренинзи на спортистите, начин на исхрана, режим на вежби итн). Колку е позицијата фокусирана на лично извршување сет на задачи, во описот се пишуваат АКТИВНОСТИ, за кои лицето има одговорност да ги извршува квалитетно и навремено, според определени стандарди. На пример, на лицето кои ја одржува тревата на стадионот, му стои во описот колку често треба да ја коси, кога ја наводнува итн.

ОВЛАСТУВАЊЕ е пропишано ниво на самостојност во носење одлуки и користење ресурси. Нивоата на одговорности и овластувања се како две лица од иста медаља – со повисокото ниво на одговорност за поголеми области во работењето, одат и повисоки овластувања. Може ли капитенот на една екипа да нема овластување да одлучи кој ќе игра во екипата? Користењето на овластувањата го надгледува и оценува тоа тело или лице кое има моќ да дава и одзема овластувања.

СТАНДАРД ЗА УЧИНОК се поставува преку ИНДИКАТОРИ за учинок (KEY PERFORMANCE INDICATORS) кои едноставно кажано формули според кои можеме да знаеме како некој работи. Индикатор може да биде број на дадени или одбранети голови во една сезона. Нивото на кое играчот се смета за успешен е на пример на 15 голови во сезона, 10 асистенции кои довеле до гол и 5 интервенции кои спречиле гол од спротивната екипа.Со ова, можеме да кажеме колку тоа лице го остварува тоа за што е ангажирано, како треба да е наградено итн. Ако нивото на реализаицја е под поставениот таргет, прашањето е што може да се направи, каква обука му треба на лицето и сл. Или, треба да се бара лице со компетенции кои ги бара работното место.

Сега погледнете какви Описи на работни места имате, и ревидирајте. Барајте да ви кажат кои се вашите одговорности, како се мери и оценува вашиот учинок. Поставете ги правилата на игра и поставете основа за успешна работа –  пред да дојде време да се бара ОДГОВОРНОСТ за лоши резултати, кои, без јасно поставени Описи на работни места, секој ќе ги избегнува. Барањето на одговорност по изгубениот меч нема да го промени резултатот. Работете денес на поставување на систем кој, во следните натпревари ќе го постави тимот сосема поинаку и ќе овозможи остварување на целите.

За авторот:

Наташа Ивановска е Консултант за човечки ресурси и маркетинг, сертифициран обучувач и бизнис коуч. Над дваесет години искуство на менаџерски позиции специјализирани за управување со човечки ресурси, маркетинг и односи со јавност. Формално образование на Технолошкиот факултет во Скопје и постдипломски студии на Sheffield University – City College of Thessaloniki. Од 2012, Ивановска има престижна специјализација за коучинг на програмата „Art and Science of Coaching“ (TASC) при Ериксон Коучинг Колеџот од Канада. Има државен сертификат за обучувач на возрасни и за обучувач на обучувачи за возрасни. Други поважни квалификации опфаќаат: сертификација за Мастер обучувач за методологијата на Core Strengths, DISC консултант, Сертифициран меѓународен фасилитатор за кариерен развој (Global Career Development Facilitator GCDF), Сертификат за Бизнис Коучинг на Нобл Менхентен Коучинг од Англија, Сертификација за KPI – Kлучни индикатори за учинок на KPI Institute, Австралија.Клучна експертиза има за организациски развој на компании преку воспоставување процеси и системи за работа со човечкиот капитал за постигнување на бизнис целите и овозможување одржлив развој. Од 2011 е основач на консултантската агенција INSIGHT Group, www.insight.mk чие водечко мото е: „Го развиваме вашиот внатрешен потенцијал“.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...