Приказната на Дејвид Рафн Кристјансон, извршен директор на Swapp Agency не започнува со venture капитал, гламурозен pitch deck или масовен маркетинг. Започнува со идеја, неколку луѓе и одлучност да се создаде компанија што ќе ја олесни работата со луѓе, и тоа глобално. Осум години подоцна, Swapp е EoR (Employer of Record) компанија што им помага на компании да вработуваат тимови во над 150 земји, без потреба од локално присуство.
Кристјансон зад себе има меѓународно искуство од Исланд до Кина, Камбоџа, Германија и САД, и тоа се чувствува во начинот на кој ја води компанијата – со стабилен раст, силна организациска култура и големо внимание на вредностите.
Во разговорот за 24hr.mk, тој споделува како се гради компанија со долгорочна визија, зошто бавниот раст понекогаш е предност, и како се одржува автентична култура во тим што е целосно remote и глобален.
Како дојде до идејата за Swapp Agency и зошто токму EoR како услуга? Дали беше решавање на проблем што лично си го почувствувал?
Кога имав 22 години заминав од Исланд и поминав седум години во САД, Пекинг и Југоисточна Азија. Тогаш remote работа беше реткост, но јас постојано сретнував луѓе, вистински пионери кои кодираа на плажа во Тајланд и примаа американска плата. Помислив: ова е само за малкумина.
Потоа дојде ковид, и одеднаш „секој и баба му“ работеше од дома. Тој пресврт ме фасцинира, слободата да работиш од каде сакаш и начинот на кој компаниите почнаа да гледаат на талентот. Се чувствуваше како револуција.
Кога се вратив во Исланд во 2017, знаев дека сакам да создадам нешто во HR што ќе биде дел од таа глобална промена. EoR всушност дојде речиси случајно, клиент побара услуга, ние истраживме и сфативме дека тоа е точниот модел што им овозможува на луѓето да работат каде и да сакаат, со сигурност и усогласеност со законите. Совршен спој меѓу мојата пасија и потребата на пазарот.
Swapp Agency денес работи со клиенти од целиот свет. Како изгледа да се менаџира глобален тим и да се биде „работодавач од доверба“ на над 150 пазари?
Кога ќе кажеш „150 земји“ звучи огромно, и навистина е, но тоа не се случи преку ноќ. Девет години внимателно градевме мрежа на партнери: експерти за плати, правници, сметководители, имиграциски специјалисти, сè што е потребно за да работи системот правилно.
Нашата филозофија отсекогаш била „партнерство на прво место“. Наместо брзо да обележуваме земји на мапа, вложувавме време во стабилни и усогласени структури. Затоа денес, кога клиент вработува преку нас, може да биде сигурен дека платите во Бразил ќе се исплатат на време, дозволите во Германија ќе бидат регулирани, а во Јапонија нема да има правни изненадувања.

Во една твоја објава на LinkedIn сподели дека не сте скалирале „како ракета, туку како желка“. Што научи од тој побавен и поодржлив раст?
Желката ни беше добар учител. EoR е комплексен бизнис, секоја земја има свои закони за вработување, правила за плати и безброј детали што мора да се почитуваат. Ако растеш пребрзо, ризикуваш да ги изложиш клиентите и вработените на проблеми.
Со побавното темпо можевме внимателно да градиме земја по земја, партнер по партнер. Бидејќи сме целосно bootstrapped, без инвеститори, моравме да бидеме паметни и селективни каде и како растеме.
Науката е едноставна: понекогаш „бавната брзина“ е всушност најбрзиот пат, затоа што не мораш постојано да се враќаш за да поправиш грешки направени набрзина.
Како градиш култура во компанија која работи 100% remote и има луѓе од различни земји и контексти?
Секогаш ми е интересно кога некој ќе каже дека remote компаниите „немаат култура“. Верувајте, ако сте 100% remote мора да имате култура, инаку системот ќе се распадне.
Кај нас таа култура се гради на универзални човечки вредности: добрина, меѓусебна помош, доверба. Не казнуваме грешки, велиме „следниот пат подобро“. Тоа создава средина каде луѓето се чувствуваат безбедно да експериментираат и да растат.
Културата не доаѓа од пинг-понг маса во канцеларија, туку од тоа како луѓето се однесуваат едни со други секој ден без разлика дали се во Скопје, Рејкјавик или Сао Паоло.
Core values за тебе не се само „зборови на слајд“. Како се родија вредностите на Swapp и како ги одржуваш живи во секојдневната работа?
Додека студирав право во Кина, еден професор ни даде четиричасовен психолошки тест за да ја откриеме нашата главна вредност. Кај мене резултатот беше „слобода “.
Подоцна, кога ја основав Swapp Agency, сфатив дека токму тоа го градиме. Слобода нашите вработени да работат како сакаат. Слобода компаниите да вработуваат каде било. И во нашиот тим, фактот дека сме 100% remote ни дава слобода да ја организираме работата на начини што најмногу ни одговараат.
Останатите вредности не сме ги измислиле на состанок. Тие органски се појавија. Девет години ги живеевме, па потоа ги запишавме: доверба, добрина, одговорност и слобода. Тоа не се пароли, туку начинот на кој функционираме.

Твојот професионален профил е мешавина од бизнис, литература и интернационално искуство. Како тоа влијае на начинот на кој водиш луѓе и компанија?
Како млад заминав во странство и тоа ме обликуваше повеќе од било што. Студирањето право, работата во различни земји и самото истражување на тоа кој сум и што сакам да правам ми донесе перспектива што дома немаше да ја стекнам.
Среќавајќи луѓе од целиот свет сфатив дека и покрај разликите, светот сè повеќе личи на мало село. Тоа ме научи на љубопитност и почитување на различни начини на размислување.
Затоа кога се вратив во Исланд и ја започнав Swapp Agency, веќе имав глобален начин на размислување. Знаев дека ако сакаш да градиш компанија, не гледаш само во локалното, гледаш кон целиот свет.
Како гледаш на различноста во глобалните тимови, не само културна, туку и во начинот на работа, регулации, па дури и лични вредности? И колку е важно HR да го прифати тоа, наместо да се обидува да го стандардизира?
За мене, различноста е клучот за силен тим. Во Swapp имаме дури и непишано правило: не мора секогаш да се согласуваш со CEO или COO. Сакаме луѓето да оспоруваат одлуки, така доаѓаме до подобри решенија.
Кога ќе обединиш различни култури, образование, стилови на работа и искуства, секој човек носи уникатна перспектива. Нашата задача како лидери е да слушаме и да го цениме тоа.
Затоа HR не треба да се труди да стандардизира сè, туку уште во процесот на вработување да ja гледа различноста како предност. Така тимовите остануваат динамични и отпорни.
Што би му рекол на некој од Македонија или Исланд кој сака да стартува EoR или people-first компанија, од каде да почне и што да избегне?
Прво – не започнувај бизнис само затоа што изгледа „паметно“ во моментот. Прашај се: што навистина ме движи? Ако тоа не е поврзано со твојата пасија и верувања, тешко е да издржиш на долг рок.
Второ – најди ниша. Не мораш да правиш сè одеднаш. Кај нас има изрека: „не се јаде слон во еден залак“. Секако, не јадеме слонови, но поентата е дека мораш да почнеш малку по малку. Освои го првиот клиент, затвори ја првата зделка. Дури потоа размислуваш за 100 или 1.000. Без првата зделка, нема ништо. Трпението, фокусот и страста ќе те однесат многу подалеку од бркање трендови.
Имаш ли некоја анегдота од работењето со различни земји што те изненади, насмеа или те натера поинаку да гледаш на луѓето и културата?
Имало многу моменти за смеење, ние Исланѓаните имаме свој начин на работа, кој знае да изгледа чудно во други култури. Но искрено, ништо не ме изненадува веќе.
Годините патувања ме научија на една важна лекција: не можеш да очекуваш „исландскиот начин“ да биде светски стандард. Кога работиш со клиенти во САД, Дубаи или Хонг Конг, мораш ти да се прилагодиш.
Колку повеќе слушаш и се отвораш кон различностите, толку полесно е да се насмеете заедно на тие разлики, наместо тие да станат проблем.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.