Интервју со Теодора Гушкова Проданова сопственик на јога студиото Тао Тe

од 24HR
0 коментар
Успешна жена со успешна кариера во 2018 се охрабрува да отвори нешто свое, јога студио Тао Те. Која беше твојата инспирација за ваков потег и покрај вашето работно место кое е доста одговорно и бара посветеност?

Се согласувам дека не е вообичаено некој што со години има менаџерска позиција и успешна кариера во најуспешната банка во една држава, одеднаш да стане учител по јога и да отвори сопствено студио за јога. Ова прашање еднакво ги интригира и моите ученици по јога и моите соработници во областа на правото и банкарството. 

Можеби имав среќа пред повеќе од 35 години  да го одберам правото како професија која ја сакам бидејќи е поврзана со постојано учење и е доволно сложена за да ми биде интересна до ден денес.  Го водам секторот за правни работи во една од најголемите банки во нашата држава од 2007 година и сосема сте во право дека тоа работно место носи голема одговорност и бара голема посветеност бидејќи секојдневно се соочуваме со големи предизвици и одговорни одлуки. Од денешен аспект она што го знам е дека имате успешна кариера само доколку постојано станувате постручни во тоа што го работите. Може да бидете на било каква функција, но само знаењето и вашиот интегритет како личност може да ви дадат вистински авторитет во тоа што го работите.  И не е толку важно колку ќе се искачите во хиерархијата, важно е да станете експерт во својата работа, важно е колку се вложувате и усовршувате во тоа што го работите. Да бидам сосема искрена, никогаш не размислував дали имам успешна кариера од аспект на тоа на која функција сум стигнала, меѓутоа постојано сум свесна и благодарна што имам работа која сеуште ја работам со големо задоволство. 

Од тука логично е прашањето од каде и како произлезе идејата и што ме поттикна во 2018 година да го отворам студиото за јога.

Да се вратам малку наназад, практикувам јога повеќе од десет години. Јогата е една од најубавите и најважните работи кои се случиле во мојот живот. Се што ни се случува и се што правиме во животот не обликува да станеме онакви какви што сме, но нема да претерам ако кажам дека јогата ме дефинира како личност, и тоа онаква каква што сум денес. Можам многу прецизно и да објаснам зошто толку многу се приврзав кон практикување јога. Кога една личност која целиот свој живот, од своето најрано детство и  младост е исклучително дисциплинирана, исполнителна и морална, како што јас гледам на себе, постојано прави се што е потребно и се што се очекува од неа во сите сегменти од животот, професионални, приватни, семејни и социјални аспекти, тогаш и не е тешко да се разбере дека одреден период се ви функционира многу мазно и убаво. Го давате својот максимум како ученик и потоа како вработен, го давате својот максимум кон своите родители, пријатели, својот партнер, своите деца. Во вашата потсвест сметате дека секогаш ако давате максимум кон сите овие аспекти, ги држите нештата под контрола и се ќе функционира како што треба. Но, одеднаш се случуваат работи кои се надвор од вашата контрола, кои со ништо не сте ги предизвикале и со ништо не сте виновни за да се случат. И тогаш се соочувате со една нова состојба во која ја не ја губите само контролата, туку добивате чувство како да го губите тлото под нозете, особено доколку пред очи ви исчезнуваат цели вредности на кои ги темелите своите животни убедувања. Доколку сте дисциплинирана личност која секогаш го носи товарот да биде на својот максимум, и натаму ќе останете не само исправени, туку и насмеани пред средината која ве опкружува. Но во таква ситуација неминовно се вртите кон она што чувствувате дека најмногу ви помага да останете смирени, силни и стабилни. Ако до тогаш ја сметав јогата како активност која ми помага да бидам пофлексибилна, тогаш почнав многу појасно да го чувствувам целокупното позитивно влијание на јогата врз мојата ментална стабилност. Како што бев посветена во се друго, така почнав со голема ангажираност да ги проучувам асаните во јогата, што значат и како тие правилно се изведуваат. Не посетував ниту едно студио за јога, туку целокупните мои познавања ги стекнав преку интернет, учев од најдобрите јога учители кои се достапни. Не велам дека е предност да станете јога учител кој немал свој конкретен јога учител, но кога до некои сознанија ќе дојдете внатрешно и од сопствено искуство, мислам дека можете навистина убаво да ги пренесете на своите ученици. Немав свој профил на социјалните мрежи во тој период и се сеќавам дека мојата ќерка случајно ми испрати објава за обука за јога инструктори. Ја поминав обуката и добив сертификат да бидам јога инструктор. Најважниот дел од таа обука не беше знаењето кое го стекнав во теоретскиот дел на јогата, туку јасно сознание дека сакам да бидам учител по јога. Обуката завршува со практичен дел, односно со тоа што треба да одржите еден час по јога. Јас сум личност која не сака да се обраќа пред поширок круг луѓе, ниту на било кој начин да биде во јавност (впрочем ова е второ интервју на кое се согласив, само затоа што и во првиот и во вториот случај тоа е побарано од наши ученици, а моја јасна определба е да ги поддржуваме нашите ученици). Никогаш нема да го заборавам своето чувство кое го понесов од часот, тоа беше моментот кога беше донесена несвесна одлука дека ќе станам учител по јога. Се почувствував своја, смирена, како тоа да е нешто што го правам секој ден и сакам уште долго да го правам. Обуката заврши во април, а веќе на 1-ви Мај 2018 година го одржав официјално својот прв час во свое студио за јога, основано како Тао Те ДООЕЛ Скопје. 

Поврзано со вашето прашање што ме поттикна да отворам нешто свое, сакам да бидам јасна дека во тој момент немав намера да основам свој бизнис, само и единствено сакав да станам учител по јога, да го пренесувам сопственото искуство со јогата првенствено на оние кои им е потребно и оние кои ги сакам. Доколку во тој момент постоеше одредено студио кое ги задоволува моите замислени стандардни во какви услови јас како ученик би сакала да практикувам јога, поверојатно е дека мојата одлука ќе беше да држам часови во некое постојно студио, отколку да отворам свое сопствено. Но работите, најчесто се случуваат онака како што треба да се случат, па така се случи и Тао Те студио за јога. Името на студиото значи “пат кон доблеста” или “пат кон подоброто”, за мене има силна симболика и ја изразува мојата основна максима и моето разбирање за еден најсуштински принцип, а тоа е каде и да се најдеме во животот, да останеме на патот кон подоброто. Секоја личност треба да се стреми во секој момент да биде на пат кон подоброто и доблеста, при тоа не мислам на ништо материјално, туку секојдневно да стануваме посилни, подобри, посвесни и посочувствителни. И кога ни оди добро, треба континуирано да вложуваме во себе да станеме подобри личности за себе и општеството.  И кога животот ќе не фрли или некогаш дури ќе не тресне на под, да се исправиме и да тргнеме на патот кон подоброто. Уште поважно е кога ќе немаме можеби сила ни да се исправиме, со ползење да тргнеме на тој пат кон подоброто. Зашто од секое дно, дури и од најтемната точка има пат кој не води кон подобро. 

Кога денес ме прашуваат што работам, велам дека сум правник и учител по јога, бидејќи тоа е суштината на она што го правам. Колку и да изгледаат од страна некомпатибилни, овие две сосема спротивни професии за мене излегоа совршен спој. Го сакам правото и банкарството и сакам да ги учам своите ученици. Ги сакам и своите ученици зашто постојано од нив учам нешто ново. Благодарна сум што ми се отвори еден цел нов свет во кој запознав толку прекрасни и различни личности, кои мислам никогаш не би имала прилика да ги сретнам или запознаам на некој друг начин. 

Кои се предизвиците со кои се соочивте на почетокот на отварањето на студиото и како поминавте преку препреките?

Студиото Тао Те почна да функционира како мало студио од затворен тип, пред се поради малиот простор кој овозможуваше максимален капацитет од 6 лица во група. Независно од големината на просторот, условите за јога уште од самиот почеток беа извонредни и според моите највисоки стандарди за хигиена, квалитет на матови, прекрасен поглед, свеќички во вечерните часови. Почнав само со двајца ученици и со оглед дека бев сосема нова и непозната во светот на јогата (при што навистина не е вообичаено да станете јога учител и да отворите студио за јога на возраст од 50 години) моите предвидувања беа дека би имала максимум до две групи ученици, кои претежно би биле од круговите во кои се движам. Она што ме изненади беше интерес над сите мои очекување. Без профил на социјални мрежи, без Instagram и Facebook, без никаква, ама баш никаква реклама, исклучиво со препорака од ученик на ученик, за многу кратко време значително се зголеми бројот на ученици, се наполнија многу групи. Првите години бев во ситуација, секој ден директно од мојата работа во банка да продолжам во студиото и во континуитет да држам едно по друго три часа дневно. Кога нешто правите со многу желба и ентузијазам и кога сте физички во добра кондиција, ништо не ви е тешко и не препознавате кога одите над сопствениот лимит. Меѓутоа кога тоа се случува на секојдневна основа во долг период, бидејќи и мојот стил на учење е таков што од почеток до ден денес вежбам заедно со учениците на сите часови, од преголема употреба на одредени  мускули се случуваат несакани повреди кои некогаш бараат и подолго време за опоравување. Многу е тешко да донесете одлука да запрете нешто што толку убаво само од себе се развива, а од друга страна кога сте премногу временски и физички ангажирани ви се губи вниманието од некои суштински работи и не ви останува време правилно да ги планирате и управувате работите во правец на вистински развој. Во тој смисол, за мене беше најголем предизвик правилно да го променам деловниот модел поради брзиот развој за краток период, односно да спречам рапидниот пораст да го попречи вистинскиот развој.  Се случи короната и во периодот на пандемијата држев само online часови, што ми даде доволно време да размислам како сакам понатаму и да се фокусирам на отворање на нов простор. Од октомври 2021 година функционираме во значително поголем простор, со проширен тим на инструктори и обезбедуваме највисоки  стандарди за практикување јога. 

И понатаму продолжив и самата секојдневно да држам часови, бидејќи тоа беше и мотивот за основање на студиото и сметам дека никогаш не треба да се отуѓите од суштината на она што го работите. 

Кои се вашите најголеми лекции кои сте ги научиле во текот на вашата кариера?

Работам од свои 18 години и тоа е долг период во кој може да се научат многу лекции, ќе пробам да одвојам неколку:

  • Едноставноста е врвна вештина која треба да ја достигнеме.

Наспроти генералните поимања, потребно е многу знаење и многу стручност за да бидете едноставни. Треба едноставно да го разберете она што треба да го направите за да може да го направите добро. Ако сте тим лидер или менаџер, треба едноставно да го поставите она што го барате од својот тим, за да биде направено добро, треба прво да биде добро разбрано. Мојата долга кариера ме научи дека компликувано се однесуваат и изразуваат не оние кои се попаметни, туку оние кои се несигурни и кои немаат јасна визија. Колку поголема самодоверба имате, толку можете да бидете поедноставни.  Се трудам да бидам што поедноставна и во деловната комункација  со своите соработници и при креирањето на правната документација. Едноставно ги водам и моите часови по јога, се трудам она што го кажувам да биде разбирливо и сосема блиско за моите ученици.

  • Одлучноста е клучен квалитет кој треба да го поседуваме или да го изградиме.

Премногу сум благодарна што уште на самиот мој почеток, на моите први вработувања имав ментор од кој научив многу работи и кој ме поттикна да ја градам одлучноста како сопствен квалитет: „Најлошо од се е да не одлучуваш или да се плашиш да носиш одлуки. Сите понекогаш носиме погрешни одлуки, но една од најголемите слабости е недостигот на храброст да се донесе одлука.“  После 30 години поминати во бизнисот, правото и банкарството, она што со сигурност го знам е дека одлучноста не лежи во вашата лична природа и дека се гради со стручност и знаење.  Не зборувам за одлучност во смисол на брзоплето пресекување на работите, без  сериозно да размислите за ризиците и последиците.  Мудрото одлучување значи да направите добра анализа, да ги земете во предвид сите аргументи и еветуалните ризици и потоа врз основа на она што го знаете да донесете аргументирана одлука. Важно е да ја препознавате и својата внатрешна интуиција, која многу често правилно ќе ве упати. Се разбира дека  некогаш ќе донесете и погрешни одлуки, тоа им се случува и на најдобрите, најпаметните и најискусните.  Денес, моите соработници ме сметаат за одлучна личност која брзо и јасно може да изгради свој став. Но тоа не доаѓа од мојот карактер, туку од многу години искуство и вистинска посветеност во мојата работа. Во секоја моја одлука или мислење, не се само фактите кои моментално се пред мене,  туку и собрано знаење од стотици часови поминати во работа и учење и илјадници прочитани страници.

  • Еднакво работете на својата стручност и својот интегритет.

Станете експерт во тоа што го правите и правате го најдобро што можете. Немојте да се штедите себе или да очекувате дека нешто веднаш математички или финансиски треба да ви се врати.  Доколку вашата редовна работа не ве исполнува и не ве мотивира, најдете некое хоби кое ќе ве исполни. И никогаш не се знае каде ќе ве однесе. Нашата лична среќа во најголем дел зависи од тоа со колку задоволство го правиме она што секојдневно го правиме.

Изградете ги своите стандарди и своите вредности и држете се до нив секогаш кога можете. Интегритетот може да ве изложи на немилост на краток рок, но секогаш ќе ви донесе почит на долг рок. 

  • Научете најмногу да се потпирате на себе

Кога започнувате некој свој личен проект, не се ослонувајте премногу на никого и не очекувајте премногу од другите. Успешно завршените проекти ретко ви носат искрено признание, поверојатно е дека ќе ве изложат на удар на средината. Кога ќе се најдете во непосакувана ситуација, ќе ве изненади дека луѓето на кои ништо не сте им згрешиле или сте им помогнале, со колку задоволство го дочекуваат моментот кога мислат дека ќе паднете или кога очекуваат да покажете слабост.  Болно ја  учите лекцијата дека ниту за едното нити за другото не треба да ви биде многу грижа. 

  • Бидете си свои и во кариерата и во приватниот живот

И можеби најважното од се, бидете си свои и во кариерата исто како и во приватниот живот. Не треба да се чувствувате нелагодно да ја искажете својата природа, да бидете интровертна или емпатична личност, доколку тоа сте. Современиот свет не им дава предност на интровертните и ги смета за слаби чувствителните личности, но останете си такви, зашто ние,  интровертните и чувствителните, сме исклучително силни на вистински начин.  И можеме еднакво успешно да ги завршиме сите работи кои се поставени пред нас.

Да можете да го вратите времето, дали би направиле нешто поинаку?

Не. Понекогаш помислувам дека требало да направам нешто поинаку, пред се  порано да пресечам или да се ослободам од некои работи . Но веднаш ми станува јасно дека тогаш би ми недостигала и острината и мирот со кој може денес да се справувам со нештата.  Така што, кратко и јасно, одговорот е не. Би поминала низ сите убави моменти , можеби со поголема свесност дека нема да се вратат. Без исклучок, би поминала и низ сите непријатни работи, зашто од нив научив уште повеќе како да се изборам да бидам посреќна.

Што би им кажале на оние кои им треба малку храброст да си го исполнат сонот и да отворат нешто свое?

Не се чувствувам подобна да делам некакви совети, бидејќи не чувствувам дека посебно сум успеала во нешто. Ако погледнам наназад, вистината е дека сум потфрлила во многу работи, сум направила погрешни процени, сум вложила многу време и енергија во погрешни работи, односи и личности. Единствено нешто во кое што сметам дека вистински сум успеала е секогаш да останам добра личност, без оглед што се случува. Бидејќи сметам дека дека добрината  е најголемата вредност која можеме да ја дадеме на овој свет. 

Но, прашањето е конкретно и не се однесува на мојата спиритуалност туку на мојата кариера. Ако веќе треба да дадам некаков одговор, тоа е дека немам вистинска порака за оние кои само сонуваат и кои мислат дека соништата им се исполнуваат на оние кои имаат малку повеќе среќа од другите. И не значи дека сите се создадени да основаат нешто свое или дека тоа ќе им донесе исполнетост. Прво мора да го откриете она во што сте добри, што е тоа што го сакате и во што сте спремни да го вложите своето време. Се разбира, треба да го пресметате и финансикиот ризик и колку средства можете или е исплатливо да вложите.  Понатаму, не треба да очекувате дека нешто доаѓа преку ноќ и треба да бидете  подготвени на многу, многу напорна работа. Треба да бидете подготвени да работите повеќе од другите, да работите кога другите одмараат и да работите кога другите се забавуваат.  Доколку ве води само финансискиот мотив, а не уживате во тоа што го правите и не чувствувате радост и ентузијазам да креирате нешто свое, веројатно е дека ќе ви се види премногу тешко. Ако вистински се вложите во нешто, ако сте подготвени 100% да се посветите на нешто, голема е веројатноста дека ќе успеете. И да не се плашите од грешки, најсигурно од се е дека ќе направите многу грешки, но ако сте посветени и фокусирани на тоа што го правите, ќе имате можност да ги поправате грешките во од и многу да научите од нив. 

И бидејќи се повеќе разбирам колкава е поврзаноста на јогата со реалниот живот, ќе го кажам ова со зборовите со кои ги учам своите ученици да ги изведуваат балансирачките положби.  Во своите проекти и во своите животни цели, однесувајте се исто како и во положба „дрво“, тоа е онаа препознатлива иконична положба во јогата во која стоите на една нога со склопени дланки во молитва:

  • Почувствувајте се дека сте цврто прицврстени за тлото (или останете приземни).
  • Немојте да имате преголеми очекувања од себе, кога ќе изгубите баланс смирено пробајте повторно и вратете се во положба (нормално е да погрешите што и да правите, нормално е да изгубите рамнотежа, смирено се обидувате повторно и се враќате да го направите она што ви е цел да го направите).
  • Фокусирајте го погледот во една точка, не гледајте ни лево, ни десно, зашто сите движења од страна ви го земаат фокусот и ја губите рамнотежата (останете смирено фокусирани на својата цел, ако премногу гледате што се случува лево и десно од вас, ако се споредувате со другите, го губите фокусот од себе и целта која сакате да ја постигнете).
  • Често имаме потреба да се потпреме на нешто за да се почувствуваме стабилни, но вистински ја изведувате положбата „дрво“ дури кога ќе ги најдете своите внатрешни точки во кои треба да донесете силна енергија, да ги направите силни и цврсти, и на кои треба да се потпрете за да имате баланс и стабилност. Вистинското откритие е дека не ни треба стабилност од надвор, туку колку многу можеме да се потпреме на себе и своите внатрешни точки, за да бидеме цврсти и стабилни.

Како што рекол Архимед  (иако мислел на нешто сосема друго), “ дајте ми потпорна точка и јас ќе го кренам светот“,  и она што јас би сакала да го кажам на крајот, се сведува на истото: најдете ги во себе своите потпорни точки, направете ги силни и може да го кренете својот свет. 

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...