Како практикувањето на Mindfulness(свесноста преку медитација) влијае на работното место?!

од 24HR

Колумна на Јагода Србиновска, работи и живее во Нов Зеланд. Со повеќе од 15 години искуство во различни области на  администрација, во моментот го истражува и искусува пазарот во Нов Зеланд во областа на човечките ресурси и администрација.

Неодамна се сертифицирав за Mindfulness Practitioner, и тоа беше многу повеќе од само ново достигнување за мене. Практикувањето Mindfulness стана основа за личен пат кој ми помогна да се справам со хроничниот стрес кој го искусував, а значително беше предизвикан од селидба во нова држава, прилагодување на нова култура, работно место кое беше динамично и одговорно, па обврските стануваа сé потешки. Стресот беше постојан придружник, а секој ден се чувствував како да барам начини да издржам, наместо да уживам во процесот. Овој стрес не беше само психички товар, туку почна да има и физички ефекти: главоболки, тензии во мускулите и постојано чувство на исцрпеност. Како што минуваше времето, почнав да чувствувам дека мојот фитиљ на толеранција станува сé пократок и дека не можам да се носам со сите обврски како порано. Работата престана да ми донесува задоволство а постана само нешто што морам да го издржам.

Во една таква фаза во животот, случајно наидов на курс за Mindfulness. Иако тогаш мислев дека медитацијата делува само кај одредени луѓе, само кај луѓе кои имаат можност да се опуштат. Мојот ум беше постојано зафатен и брз, секојдневно натрупуван со нови задачи и обврски. Сепак, како што започнав со редовна практика на Mindfulness, почнав да забележувам мали но значајни промени. Свесноста ми покажа дека можам да ги отпишам лошите мисли и да се фокусирам на сегашниот миг. Ова ми донесе чувство на мир и самодоверба. Најголемото откритие беше дека овие мали промени постепено прераснаа во поголеми трансформации. Наместо да се чувствувам вознемирено и преоптоварено, почнав да се чувствувам попозитивно и попродуктивно.

Овој процес не само што ми ја промени перспективата кон работата, туку и ми помогна да откријам начини како да се справувам со животот во целина, додека ги минимизирам негативните ефекти на стресот. Се чувствувам инспирирано да го споделам ова искуство со цел да ги поттикнам и другите да истражат како Mindfulness може да ја промени динамиката на работното место. Оваа практика не само што може да ги подобри личните животни аспекти, туку и да донесе значајни позитивни промени на работното место.

Што е Mindfulness?

Mindfulness или свесност е метод кој вклучува целосно фокусирање на моменталниот миг, без да се дозволи влијание на стари грижи или идни стресови. Тоа значи да се биде потполно присутен во секој момент, и да се прифатат мислите и чувствата без да се реагира автоматски на нив. Практикувањето на свесност може да вклучува длабоко дишење, медитација или едноставни вежби за релаксација, што може да се интегрира во секојдневниот живот. Немам намера да го преведам терминот “Mindfulness” на македонски какo ‘’ свесност ‘’, туку ќе го оставам во оригиналната форма низ текстот, бидејќи сметам дека со превод се губи неговото вистинско значење.

Потеклото на Mindfulness практиката

Негувањето на mindfulness не е ништо ново и неговото потекло може да се најде во будистичките практики кои се стари над 2.500 години. Во 1979 година, mindfulness почна да се користи терапевтски од д-р Џон Кабат – Зин и неговите колеги од Клиниката за намалување на стресот во болницата на Универзитетот во Масачусетс, САД. Кабат – Зин ја разви 8 – неделната  програма Mindfulness Based Stress Reduction (MBSR) како начин да им се помогне на луѓето да научат да живеат со хронични медицински состојби. Програмата MBSR користи и формални практики (пример седење, скенирање и практики на движење) и неформални практики на медитација и им помага на учесниците да негуваат квалитети како што се трпение, прифаќање и смиреност.

Бенефити од практикување на Mindfulness

Mindfulness не е само популарна техника за релаксација; тоа е начин на живот кој носи многу бенефити, од психички и емоционални до физички продобивки. Преку редовно практикување, можете да ја зголемите својата благосостојба, да намалите стрес и анксиозност и да развиете побалансиран начин на живот. Освен тоа, станувате посвесни за своите мисли, чувства и реакции. На работното место, ова значи дека станувате поефективни во справувањето со стресот. Наместо да се преплавите со сите задачи, започнувате да ги решавате еден по еден, со целосен фокус и присутност. Mindfulness е всушност пат кој ни помага да се фокусираме на моментот, да ги прекинеме негативните циклуси на размислување и да изградиме подобри односи со себе и со другите.

Психолошки и физички придобивки:

Mindfulness ми помогна да научам како да се ослободам од стресот и негативните емоции кои постојано беа присутни во мојот живот. Наместо да ги потиснувам своите чувства, научив да ги препознавам, да се соочувам со нив и да ги пуштам да поминат. Ова ми овозможи да се фокусирам на решенија, а не на проблеми.

Психолошките придобивки вклучуваат подобрена самодоверба, поголема емпатија и поефикасно донесување на одлуки. Кога започнав да се чувствувам попозитивно и поприсутно во секој момент, така почнав да донесувам подобри одлуки во мојот професионален и личен живот.

Mindfulness на работното место: Поголема продуктивност и задоволство

Mindfulness не само што ми помогна да се справам со стресот, туку ми овозможи да го обновам своето задоволство и страст за работата. Научив да се фокусирам на процесот на работа, а не само на резултатите. Почнав да го ценам времето поминато на работа и да се опуштам во обврските, без да се чувствувам притиснето од роковите. Зашто, кога се чувствуваме добро, нашата продуктивност и креативност се зголемувааат. Практикувањето на Mindfulness ми овозможи да ги намалам грешките, да се фокусирам на една задача и истовремено да донесувам одлуки поддржани од свесност и внимание.

Невронаучниците исто така покажаа дека практикувањето свесност може да предизвика промена на активноста од десниот кон левиот префронтален кортекс, што е поврзано со повеќе позитивни емоции и способност за справување со тешки емоции. Тие, исто така, открија разлики во мозокот на практичарите во областите поврзани со донесување одлуки, внимание и свесност.

                   Постои и докажана корелација помеѓу свесноста и емоционалната интелигенција. Емоционалната интелигенција е поврзана со добри социјални вештини и способност да соработувате со другите и да ја видите пошироката слика. Најуспешни бизнис лидери се оние со висок степен на емоционална интелигенција

Докажани бенефиции на практикувањето на Mindfulness :
  • зголемена способност за фокусирање и концентрација
  • подобри односи со другите
  • повисока лична ефикасност и продуктивност
  • подобрена способност за управување со стресот
  • подобра способност да слушате и сослушувате
  • повисока креативност во размислувањето и давањето на одговори
  • поздрав животи подобар баланс меѓу работата и животот
  • подобрена способност за менаџирање на обврските
  • попромислени донесени одлуки
  • подобрено ментално и физичко здравје
  • поголема свесност за социјалните динамики
  • подобрена емпатија
  • подобрена меморија (особено во стресни опкружувања)
  • подобрена способност за ненаметливо мислење
  • способност да видите поширока перспектива
  • подобрена емоционална стабилност
  • намалување на гневот
  • подобрена способност за справување со тешки емоции
  • намалена анксиозност и депресија
  • повеќе енергичност
  • повеќе ангажман на работното место.

                         (Mental Health Foundation Mindfulness Report 2010)

Да се остане смирен со Mindfulness

                   Животот е исполнет со стрес, особено на работното место каде многу фактори се надвор од нашата контрола. Во текот на животот, секогаш ќе се соочуваме со предизвици и тешки моменти. Ние постојано учиме, растеме и се развиваме – и тоа е сосема природно. Една корисна слика за тоа како функционира Mindfulness е да замислиме топка што се тркала по ридот и сé повеќе  забрзува со секој нов импулс. Mindfulness е како рака која ја сопира топката во тој момент. Иако топката може повторно да почне да се тркала, запирањето на почетокот ја успорува. Бидувајќи свесни и внимателни ние создаваме моменти кои можат да спречат работите да избегаат од контрола. Овие моменти ни овозможуваат да направиме мали промени кои на подолг рок можат и да имаат многу поголеми ефекти.

               Иако никогаш не е доцна да започнеме да работиме на управувањето со стресот, многу е полесно да ја зголемиме нашата отпорност на стрес во периоди кога не сме подложни на хроничен стрес. Не само што е полесно да научиме нови вештини и да изградиме здрави навики кога се чувствуваме добро, туку и овие вештини ни помагаат да ги препознаеме предупредувачките знаци на стрес многу порано, што нé прави подобро подготвени да се справиме со него кога ќе се појави. Како што често вели Џон Кабат – Зин, важно е да го подготвиме падобранот пред да ни биде потребен.

Стресот често настанува поради чувството на недостаток на контрола. Практикувањето на Mindfulness ни помага да разбереме дека нашето искуство постојано се менува. Кога стануваме посвесни и и посигурни со овие промени, вклучително и со недостатокот на контрола што ги придружува, тоа ни овозможува да се чувствуваме поподготвени да се справуваме со ситуациите. Ако научиме да се прилагодуваме на промените, ќе бидеме подобро подготвени за да управуваме со стресот.

Да се учи од сопственото искуство

                   Кога редовно практикуваме Mindfulness, стануваме повеќе свесни за нашите вообичаени мисли и навики; се запознаваме со нашето дишење и како тоа се менува под влијание на стресот и како се чувствуваме во нашето тело, внимателни на физичките сензации што произлегуваат од него. Можеби ќе откриеме дека она што го сметавме за лутина всушност е страв и ќе научиме како точно се чувствува стравот во телото. Кога сме свесни за нешто, тоа престанува да биде толку заканувачко.

                   Редовното практикување на Mindfulness исто така ни помага да ги видиме пошироки контексти – како нашите предрасуди и навикнатите интерпретации што ги носиме во ситуациите можат да ја зголемат нашата анксиозност. Преку практикувањето Mindfulness, стануваме свесни за дупките во кои често паѓаме поради негативното размислување, и на тој начин се отвора можност да го препознаеме нашиот придонес во текот на случувањата.

                   Mindfulness создава блискост со нашето сопствено искуство, без разлика дали тоа е негативно, позитивно или неутрално. Toa ни помага да изградиме сопствен систем за рано предупредување, што значи дека со поголема веројатност ќе ги забележиме малите знаци на стрес во телото. Тоа може да биде забележување на одреден тон на размислување или станување свесен за физичката напнатост што ја носи анксиозноста или промени во нашето јадење или спиење – а свесноста за таквата промена ни сигнализира да преземеме мудра акција.

               Важно е да се напомене дека практикувањето на Mindfulness не нé спречува да чувствуваме емоции. Мојот личен опит ја потврдува теоријата дека оние кои медитираат често ги доживуваат негативните чувства и стрес посилно од оние што не медитираат. Сепак, тие побрзо се опоравуваат од тие чувства. Отпуштајќи ги тешките мисли и емоции, тие не се заглавуваат во истите негативни циклуси како што тоа го прават оние кои не практикуваат медитација.

Дајте си прегратка (Вежба)

Окситоцинот често се нарекува „хормон на гушкање“ бидејќи помага во зголемувањето на чувствата на оптимизам, доверба и самопочит. Тој активира смирувачки одговор во организмот, кој ја ублажува реакцијата на стрес и ги намалува нејзините негативни ефекти. Иако прегрнувањето со колега / колешка може да биде непримерно,  оваа вежба е нешто што можете да го направите кога ви е потребна прегратка. Може да ја направите на тивко место, далеку од другите.

                                         Пробајте го ова:

  • Фокусирајте го вашето внимание на дишењето. Обратете внимание на чувствата што се јавуваат кога дишете и како телото реагира.
  • Поставете ја едната рака на стомакот, непосредно под папокот, и вршете лесен притисок. Поставете ја спротивната рака над срцевиот простор на левата страна од градниот кош.
  • Задржете ги рацете на местото и продолжете да го фокусирате вниманието на дишењето. Концентрирајте се на движењето на воздухот низ вашето тело, како што воздухот влегува и излегува од градите и стомакот. Почувствувајте го подемот и падот, како и проширувањето и стеснувањето на телото при секој вдишен и издишен воздух.
  • Продолжете да ја правите вежбата колку што ви е потребно.
  • Нежниот притисок врз срцето и стомакот стимулира ослободување на окситоцин со сите негови позитивни ефекти.

Ослободете се од било какви очекувања или желби за брзо отклонување на непријатните чувства. Mindfulness подразбира учење како да бидете присутни со сé што се случува. Оваа вежба може да ви помогне да се поврзете со вашето тело и да го прифатите моменталното чувство. Признавањето дека ви треба малку љубезност и грижа за себе е важен и корисен чекор.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...