Колумна на Викторија Јордановска основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP)
За да напредуваме и да водиме исполнет живот, верувам дека треба да ја негуваме најважната релација во нашиот живот – онаа што ја имаме со самите себе. Затоа, мојата намера овде е да споделам со вас идеи за кои се надевам ќе ви бидат корисни на вашето патување да создадете здрава врска со себе и со другите и да креирате живот каков што посакувате.
Здраво април.
Здраво пролет. 🌼
Да започнеме…
Беше доста интересен месец март, гледајќи, слушајќи и чувствувајќи го бавниот премин на зимската тишина во будењето на пролетта.
Како што се менува сезоната, забележав промени и кај моите клиенти – многумина почнаа да се жалат дека имаат ниско ниво на енергија и зголемено ниво на анксиозност. Ова ме заинтересира, дали пролетната летаргија и анксиозноста се некако поврзани? Дали зборот „анксиозност“ стана толку популарен што почнавме да го користиме случајно за етикетирање на непријатни чувства? Ако е така, дали оваа ознака има само-хипнотизирачки ефект врз нас? Дали сме свесни што означуваме како „анксиозност“?
Така, почнав да прашувам: Како знаеш дека си анксиозен/анксиозна?
Во својата книга Анатомија на Анксиозноста, Ellen Vora MD пишува за два типа на анксиозност: лажна и намерна – и во двата случаи чувството е сигнал дека нешто е надвор од рамнотежа.
Лажната анксиозност е анксиозност базирана на физичкото тело, која се манифестира како резултат на дисбаланс во телото и може лесно да се излечи. Двата главни „физиолошки процеси кои предизвикуваат анксиозност се одговорот на стрес – реакцијата на нашиот нервен систем на некаква закана – и системско воспаление на стомакот“.
Кога нашето тело сфаќа дека нешто во нашата околина не е безбедно, ослободува хормони на стрес, што пак се манифестира како чувства или симптоми на анксиозност.
Ова може да биде вистинска закана, но многу често тоа се стресни фактори во нашиот секојдневен модерен живот, кои во нашето тело предизвикуваат реакции слични на стрес, како што се: шеќер, кофеин, несоница, хронично воспаление од јадење храна што не ја толерираме или делот за коментари на Facebook.
Подолу е листа за проверка на тригери која може да ви помогне да идентификувате дали доживуваат лажна анксиозност. За секој тригер има активности кои помагаат за само-регулација. Се надевам дека ќе ви биде корисна. Ellen им препорачува на своите клиенти да ја испечатат и да ја закачат на фрижидерот дома.
Јас ви предлагам да започнете и со именување на чувствата што ги чувствувате во вашето тело.
📍 Каде во вашето тело конкретно го чувствувате ова чувство што го опишувате како анксиозност?
📍 Како знаете дека е анксиозност?
📍 Овие сензации кои ги опишувате како анксиозност, во која насока се движат?
📍 Дали има одреден редослед на појава на сензациите? Што доаѓа прво, второ, следно?
📍 Штом ќе достигнат одреден интензитет, што се случува понатаму?
Станете навистина свесни за она што го означувате како „анксиозност“. Бидејќи штом ќе станеме свесни, лесно можеме да се промениме.
Забележете, што се случува внатре кога почнувате да користите различни зборови за чувствата што ги доживувате. Ако постојано повторувате „анксиозна/ен сум“, обично завршувате со само-хипнотизирање и го чувствувате токму тоа.
„Психијатријата нуди интервенции кои може да ви го спасат животот и дава корисна поддршка, но, искрено, личноста која знае најмногу за вашето ментално здравје сте вие. Ова е голема одговорност, но е и олеснување“.
Откако ќе се задоволат и решат потребите на телото, понекогаш остануваме со онаа вистинска или намерна анксиозност. Овој тип на анксиозност е сигнал дека нешто друго не е во рамнотежа внатре или надвор од нас – во нашите животи, врски или во светот околу нас. Обично тоа е чувството што го добиваме кога не сме усогласени со нашите вредности, кога не живееме конгруентно. Оваа внатрешна непријатност се обидува да ни каже нешто важно, но ние често ја игнорираме, се бориме и ја избегнуваме. Како би било да ја замолчиме внатрешната врева и да почнеме да слушаме што сака нашата вознемиреност да ни каже. Ова е нашиот внатрешен компас, дозволете сензациите да ве преплават и запрашајте се:
Што ми кажува мојата анксиозност?
Со моите клиенти истражуваме вакви и слични прашања и методи кои им помагаат да се прилагодат и да се поврзат со себеси на подлабоко ниво. Неделните прашања за Себе-спознавање (the Self-Expedition) кои ги објавувам на социјалните мрежи помагаат да се истражите себеси и да научите за своите најдлабоки вредности, потреби, желби, копнежи…
Во продолжение…
Терапија наспроти Коучинг кога се чувствувате заглавени
Неодамна разговарав со личност која се чувствува заглавено во кариерата веќе некое време, па решила да оди на терапија. Познавам многу луѓе кои одат на терапија и ја ценам работата на терапевтите. На некои од моите клиенти им препорачувам терапија и имам обучено многу терапевти за НЛП. Верувам дека сите треба да ги залечиме раните од минатото. Терапијата работи на искуствата од минатото и нивните влијанија во сегашноста. Тука прашањето кое го поставуваме е: Зошто?
Кога ја прашав личноста дали терапијата и помага да се одглави и да се придвижи кон она што го посакува, одговорот не беше позитивен. Не бев изненадена од исходот, бидејќи е тешко да возите кон некоја дестинација и постојано да гледате во ретровизорот, нели? Вашиот фокус треба да биде напред пред вас и да го користите ретровизорот за да соберете информации. Ова е коучинг, а неговиот фокус е на сегашноста и градењето на иднината. Прашањето кое го поставуваме е: Како?
Да замислиме дека сакате да искачите некој планински врв. За вашата експедиција дали би ангажирале стручен водич (коуч) или доктор (терапевт)? Ако не се чувсвувате навистина витални и здрави, тогаш можеби сте во физичка опасност и ќе ви треба доктор кој ќе ви помогне да се вратите во форма пред да го преземете предизвикот, нели? Но, ако веќе сте здрави, ви треба некој друг. Коучот ќе ви помогне со стратегија за искачување, ќе го носи товарот со залихи и ќе ви помогне да најдете алтернативни правци и најдобра патека. Ќе ве бодри и навива на патот и ќе ви помогне да ги надминете ограничувачките верувања – зошто мислите дека не можете. Коучот ќе оди со вас.
Затоа, соопштение…
Од април имам отворени два слота за коучинг – дали сакате да се одглавите, да ја креирате и спроведете иднината што ја посакувате за себе?
Закажете иницијална сесија, да видиме дали си одговараме.
„Едноставно кажано и што е најважно, коучингот е алатка каде што работите со некој за да се поврзете со себе. Ја редизајнирате вашата околина, кариерата и/или вашиот живот, а потоа вашиот коуч ве поддржува и ве предизвикува додека преземате храбра акција за да го остварите тоа!” Emma-Louise Elsey
За крај,
Мојата порака за месец Април е:
Ре-креирајте се себеси и процветајте 🖤
Извори за инспирација и информација:
Читам:
- The Tipping Point: How Little Things Can Make a Big Difference, by Malcolm Gladwell
- Should a coach be part of a tech company? Insights from Estonian unicorn Pipedrive
За авторот:
Викторија Јордановска
Викторија е основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP). Како Бизнис Коуч и Тренер за „меки” вештини таа работи на создавање системи на извонредност преку развој на внатрешните ресурси. Нејзината експертиза вклучува извонредност во комуникација, лидерство, градење тимови со високи перформанси и системски интервенции.
Од 2014 година живее во Австрија и работи на меѓународно ниво фокусирајќи се на развивање на човечкиот потенцијал што е во секој од нас. Нејзиниот холистички пристап кон коучинг и обука вклучува НЛП техники, системско размислување, применета психологија, нов код и методологијата Points of You, во комбинација со нејзиното долгогодишно искуство во различни индустрии. Овој системски пристап го поддржува растот на поединецот и севкупната организациска виталност во сите видови системи, без разлика дали се приватни, јавни или глобални корпоративни системи.
LinkedIn профил: https://www.linkedin.com/in/viktoria-jordanovska-372885/
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.