КОГА СВЕТСКОТО ИСКУСТВО СЕ ВРАЌА ДОМА: ИНТЕРВЈУ СО МОНИКА ТОМАШЕВСКА ОД KMT SOLUTIONS

од 24HR

Кога зборуваме за успешни професионалци кои ја напуштиле Македонија за да стекнат искуство во странство, приказните најчесто завршуваат со тоа што тие остануваат да градат кариера надвор. Но, приказната на Моника Томашевска е поинаква.

По повеќе од една деценија работа во различни индустрии и пазари ширум Европа, САД, Блискиот Исток и Азија, таа не само што го изгради своето место во Холандија, туку одлучи дел од својата експертиза и енергија да ја насочи и кон македонскиот пазар. Со основањето на KMT Solutions, компанија што за само неколку години соработува со гиганти како Shell, ABN Amro и Varta, Моника успеа да го спои најдоброто од два света: балканската упорност и западната структурираност.

Во разговорот за нашиот портал открива како изгледа да се гради интернационална компанија, зошто е важно искуството да се враќа дома и кои се нејзините визии за иднината на лидерството и регрутацијата.

Вие сте ко-основач на KMT Solutions, компанија која денес е препознаена на повеќе пазари. Сепак, секоја успешна приказна почнува со идеја и визија. Што ве инспирираше да ја основате KMT Solutions и каква беше вашата иницијална замисла за улогата што ќе ја има на пазарот?

Во Холандија се преселивме за да ја усовршам гранката на Executive Recruitment и Executive Coaching, за која, во тоа време, во Македонија не можев да најдам соодветен ментор. Кога се преселивме таму, сфатив дека оваа услуга е достапна само за големите корпорации, и е клучна за нивно беспрекорно функционирање. Но малите компании, и компаниите во развој, често немаа буџет, а со тоа ни храброст, да пристапат кон барање на вакви услуги. Па така, заедно со мојот сопруг, Кристиан, одлучивме да ги споиме нашите експертизи, неговата во менаџмент и мојата во регрутација и развој, и да направиме компанија која за целна група ќе ги има компаниите во развој. Улогата на нашата фирма, на европскиот, а сега и на локалниот пазар, е едноставна а моќна – од една страна, да ја охрабриме стартап заедницата, и малите и средни компании да размислат стратешки во однос на поставувањето на лидерскиот тим, како и да им помогнеме да го лоцираат, а од друга страна, да ги издигнеме лидерските потенцијали преку истакнување на автентичноста на секоја личност. Секоја компанија има потреба од автентичен лидер, и често не можат да се најдат поради фактот дека нашите лидери, пробуваат да бидат допадливи наместо да бидат свои. А токму во тоа лежи магичниот трик.

KMT Solutions работи во силна конкуренција на агенции за регрутација и консалтинг. Но вие успеавте да изградите бренд што се издвојува. Што е тоа што KMT Solutions го прави поразличен и препознатлив од другите?

Она што нѐ издвојува од другите е тоа дека клиентите чувствуваат дека кога одлучуваме да работиме заедно, веќе нивната компанија ја гледаме како своја. Услугите кои ги нудиме се интегративни, и опфаќаат повеќе аспекти. На првата средба,

зборуваме стратегија, која има сеопфатен пристап, временска рамка, и конкретни чекори. И често додаваме и ставка на – што ако ги надминеме сите очекувања (а тоа може да се постигне секогаш, ако со клиентот работиме заедно, како еден тим), па во стратегијата впишуваме и заеднички ручек за славење или што и да е што ќе го додаде елементот на партнерство и гледање на сиот проект како нешто повеќе од трансакциски бизнис. И тоа нѐ води. Покрај тоа, она што Холандија нѐ научи е цврста бизнис етика, примери и искуства од врвни компании кои го пробиваат маркетот во сите фази на експанзии и падови, па несебично дома го споделуваме тоа. Компаниите препознаваат како некои, и најмали совети и искуства, ја прават целата разлика и ги прават нивните компании рамни на светските.

Ваши клиенти се интернационални корпорации како Shell, ABN Amro и Varta, компании што имаат високи стандарди. Како успеавте да изградите доверба кај вакви глобални играчи и што тие најмногу ценат во вашата работа?

Во Холандија, големите бизниси често знаат да дадат шанса на новите играчи на пазарот, поради потребата од нова перспектива. Она што нас како Македонци нѐ двоеше од секогаш од Европјаните, е трудољубивоста и одговорноста. За нас, не постои предизвик кој нема да го прифатиме, и за кој нема да спиеме со денови само да го решиме. Нешто што мене најмногу лично ме изненади, е односот на врвниот менаџмент во овие компании. Без разлика што тоа се врвни експерти со многу години искуство и навистина одговорни позиции (водат компании со обрти од над 4 билиони евра), на секој иницијален состанок поминуваа значајно време да нѐ запознаат, да прашаат збор или два за Македонија, и да ни кажат дека би сакале да ја посетат. Па се случуваше и да  им подготвуваме план за посета на Македонија. Тоа, може да кажам дека нѐ донесе на иста маса со нив, но она што нѐ задржа е професионалноста, отворената комуникација, и, се разбира, посветеноста на нашата работа.

Еден од фокусите на вашата компанија е поддршката на стартапи и скејлапи. Тие често се борат со ограничени ресурси, но имаат големи амбиции. Кои се најчестите предизвици што ги гледате кај овие организации во регрутацијата и развојот на тимови?

Нешто на што најмногу работиме при иницијалните средби со овие компании е дефинирањето што навистина им треба. Често, кога веќе ќе дојдат до нас, постои некој предизвик, и природно е влегувањето во стресна фаза и размислување повеќе реактивно отколку стратешки. Затоа сме ние тука. Да им помогнеме, заедно да излеземе од барањето на брзи решенија, и да размислиме стратешки, кон барањето на ефикасни и ефективни долготрајни решенија. Потоа, во регрутацијата работиме на обучување на менаџментот и тимовите на дефинирање на кандидатот, не само од аспект на искуство туку и од аспект на личност, и за тоа користиме професионални алатки кои се еминентни на европскиот пазар. Од таму, полесно пристапуваме кон подготовка за интервјуа и селекција, во кои сме активно вклучени низ целиот процес. Со компаниите сме заедно и во процесот на преговори на понудите и договорите, сѐ до првиот работен ден на кандидатот, кој секогаш го славиме со торта! (Омилениот дел на нашите клиенти 🙂 )

Во развојот на тимови, им помагаме повторно стратешки, искуствено и практично. Нашиот пристап е, пред сѐ, аналитичен – не можеш да воведеш промени пред да дознаеш кои промени се потребни. Откако ќе детектираме што е потребно, акцискиот план е подготвен и е секогаш во насока на истакнување на автентичноста. Не постои

ништо посовршено од организација која им дозволува на луѓето да бидат свои, и ја наоѓа вредноста во тоа.

Покрај регрутацијата, вие сте и лидерски коуч. Денес, лидерството се менува и бара многу повеќе од класична авторитетна улога. Според вас, кои се трите најважни квалитети што треба да ги има еден современ лидер?

Најтешкото прашање со најлесниот одговор – смиреност, отвореност, и професионалност. Смиреност, бидејќи лидерите не се само нашите водачи во работен контекст.

Добриот лидер те менува и лично. Те води низ кариерата. Што би рекле ние, те прави човек. Во динамичниот свет во кој живееме, смиреноста, и емоционалната интелигенција се луксуз на високо свесните луѓе, лидерите мора да бидат тоа за нивните вработени.

Отвореност, бидејќи светот се менува, а со тоа и организациите, па лидерот мора да ги стави во функција своите вработени да ја водат таа промена. Нешто што најмногу го работевме во лидерскиот коучинг во Холандија е ситуациското лидерство – како да го доведеш секој вработен до неговата силна страна. Истото, и на вработениот му дава можност за автентичен развој, а и на тебе како лидер ти дава нова перспектива. И на крајот, професионалност – лидерството, во својата основа, нуди можност за учење. Луѓето сакаат да имаат некој до себе од кого ќе можат да учат, на кој ќе можат да се восхитуваат. Тоа лежи во самата основа на човештвото. Под професионалност подразбирам и работна етика, одвојување на професионалното од приватното, почитување на вредностите на вработените. Со тоа, преку пример, ги учиме како професионално да растат.

Во вашите јавни настапи често зборувате дека регрутацијата не е само пополнување на работно место, туку градење организациска култура. Колку е важно компаниите паралелно со регрутацијата да инвестираат и во култура и развој на луѓето?

Исклучително важно. Регрутацијата не е возможна без добар брендинг. А сите кои учеле менаџмент на човечки ресурси, знаат дека најдобар бренд на компанијата, се луѓето. Градењето на организациска култура не е инвестиција. Тоа е основен, природен процес, кој се гради преку поставување на вредности и гаење на тие вредности. Секоја здрава организациска култура во себе опфаќа и развој на луѓето. Генерациите кои се вклучени во денешниот пазар на труд сакаат да растат, сакаат да се развиваат, сакаат да се движат. Па ако сакаме да го изградиме брендот, да ги задржиме квалитетните вработени, и со тоа да го олесниме регрутирањето на нови кадри, мора да градиме култура која во својот срж ќе има вредности, кои и да се кои нѐ дефинираат нас како лидери и сметаме дека се вредни во денешниот свет. Верувајте ми, во тој процес на регрутација, ние ја имаме најлесната улога – да избираме помеѓу високо мотивирани кандидати кои едвај чекаат да бидат дел од таа приказна.

Вашата кариера ве однела низ различни пазари и различни континенти: Европа, САД, Блискиот Исток и Азија. Секоја култура има различен пристап кон работата и лидерството. Што научивте од работата во толку разновидни средини и како тоа искуство го користите денес?

Од почетокот на мојата кариера бев изложена на регрутации во и од неконвенционални места, без многу буџет, и без некое посебно менторство. И ден денес се смеам кога ќе се сетам дека имав проект во кој вработив цел Еxecutive Chef’s

team од Кореа кој требаше да работи на проект на Hуundai во Кувајт, без буџет, без платен LinkedIn профил, на 22 години. 🙂 Од денешна перспектива, мислам дека токму неискуството и отворениот креативен ум ми овозможи да успеам во тоа.

Научив, несомнено, како да функционирам креативно, бидејќи пристапот е многу различен. Научив како да комуницирам со различни култури, како да проаѓам низ процесот на учење на интерпретациите кои се најтешки, за да ги разберам луѓето и да не ги судам преку моите однапред поставени когнитивни процеси. Научив да го прилагодувам англискиот секогаш кога е потребно, во интерес на исходот од интервјуата, да се ослободам од предрасуди, и научив дека границите ни се само во умот. Но, јас во основа сум психолог, па сиот овој процес ми беше повеќе задоволство отколку предизвик.

Особено интересно е што одлучивте да соработувате и со компании во Македонија. Тоа често не е вообичаен пат бидејќи повеќето луѓе ја бараат кариерата само во странство. Што ве мотивираше да се вратите со својата експертиза и да работите и со македонскиот бизнис сектор?

Едно од моите поомилени прашања на кое секогаш со задоволство одговарам. Кога го увидовме начинот на функционирање на светските компании во Холандија увидовме многу важно нешто – ние, во Македонија, па и на Балканот, имаме во себе неизмерен потенцијал за работа, трудољубивост, посветеност, и професионалност, која ги надминува европските стандарди! Она што ни недостига, е можеби самодоверба да истапиме и да го прикажеме тоа на светот. Токму тоа н\ мотивираше мене и Кристиан да, дополнително, го отвориме својот бизнис и за домашните компании, и да направиме промена која ќе доведе до приближување на македонската бизнис фела кон светот. За нас, тоа е повеќе од работа – тоа е лична мисија!

Се забележува дека во вашата работа има многу страст и посветеност. Што е тоа што вас лично ве движи напред и ви дава енергија да продолжите да градите компании и луѓе?

Јас и Кристиан многу често одвојуваме време да имаме неформални средби со професионалци, сопственици на компании, менаџери, но и луѓе кои се во кариерен транзит и сакаат да се видат со нас за да им дадеме некој совет. Ние не дозволуваме општеството да ни постави граници (јас често велам дека сме романтичари во душа), па на сите им пренесуваме ентузијазам за промена, за одење напред, за развој на нови идеи, за заедничко дејствување и успех без граници, и овој ентузијазам е заразен. 🙂 Она што ни дава енергија се луѓето кои ни дозволуваат да им го пренесеме овој ентузијазам и ни се јавуваат со успеси, идеи и благодарност што сме ги вратиле од состојба на чувство на безизлезност. Тие засекогаш ќе бидат наша мотивација.

Компанијата веќе четири години расте и бележи успех. Сепак, секој претприемач секогаш гледа напред. Какви се идните планови за KMT Solutions, дали размислувате за нови пазари, нови услуги или можеби проширување на тимот?

Се разбира. По периодот на адаптација поради огромната промена која ја доживеавме годинава, водена од преселбата, веќе ги коваме плановите за следната година. Нашиот тим допрва ќе се развива, на неколку локации, а услугите, иако ги имаме како бизнис дефинирано, ќе ги промовираме во одреден след, за да можеме веднаш да стапиме во акција. Услугите ќе ги опфаќаат не само компаниите, но и самите

професионалци, бидејќи сметаме дека во равенката компанија и професионалци мораме да работиме со развојот на двете страни за да постигнеме успех. Пристапот кој е неконвенционален на нашиот пазар, но кој ние го предложивме, а беше топло пречекан, е дека многу од иницијативите кон кои ќе пристапиме следната година, ќе бидат преку стратешки партнерства со комплементарни компании, кои во следниот период  ќе бидат објавени на нашите социјални мрежи.

Заедно, ќе отвораме маркети кои не биле отворени од страна на македонски компании претходно, ќе нудиме услуги кои ќе ја подигнат играта на нашиот пазар, и ќе направиме промена која полесно и побрзо ќе нѐ донесе до светот! А тогаш, како што е и нашата традиционална практика, ќе славиме сите заедно!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...