Пласманот на Стефан Стојановиќ на првата позиција на Светската младинска лига во Венеција е јубилеј за карате клубот „Макпетрол“. За скопската екипа ова е успех од особено значење затоа што е 50 одличје освоено на најсилните натпреварувања организирани од Светската карате федерација (WKF). Овие медали се од највисоко рангирани натпревари: светски златни лиги, светски премиер карате лиги, светски купови за млади и светски премиер лиги, серија А. натпревари.
Во витрините на карате клубот „Макпетрол“ досега има 11 златни, 13 сребрени и 26 бронзени медали. Импозантните статистики со право го ставаат овој спортски колектив како историски најтрофеен и најуспешен македонски карате-клуб. Ако на тоа се додадат седум освоени медали од официјални светски шампионати и 18 медали од Светските универзитетски првенства, тогаш скопската екипа има вкупно 75 одличја со префиксот „светски“.
Натпреварувачката 2024 година за „Макпетрол“ беше успешна. Круна е освоениот златен медал на каратистот Стефан Стојановиќ, на Светската карате лига во Венеција. Претходно тој во Пореч на Светската младинска лига беше финалист и освои сребрен медал, а на Официјалното Светско првенство во Венеција, освои бронзен медал. Континуитетот на освојување медали на светски натпревари придонесоа тој да биде најуспешен млад спортист на Македонија за 2024 година. Во сениорска конкуренција Петар Заборски освои бронзен медал во Атина, на Светската 1 Премиер карате лига серија А, а тоа придонесе бројот на освоени медали од овој тип на натпревари оваа година да се заокружи и да стане историски.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.