Автор на текстот е Тања Ѓорѓиева Ванчова , правник во Сава пензиско друштво а.д. Скопје
Мобингот се дефинира како појава на психичко малтретирање на работно место, кое се повторува низ повеќе активности, со цел да се деградира работникот по различни основи.
Мобингот најчесто започнува со обичен конфликт, се развива бавно и прикриено. Жртвите на мобинг се изложени на малтретирање кое е често повторливо и се случува во долг временски период.
Воопшто не е лесно да се идентификува однесување кое претставува мобинг. Затоа е важно да се знае како да се препознае, доколку не може да се избегне. Личноста која го мобира својот колега во многу случаи не сфаќа дека прави нешто погрешно. Вработениот кој е жртвата на мобинг, пред да почне да ја решава ситуацијата со претпоставениот, треба да е сигурен дека е жртва на мобинг на работно место. Има ситуации на работното место кои може да ги сметаме за несоодветни, непријатни, но тоа не значи дека е мобинг. На пример, ако вработениот ги прекрши интерните процедури за работа, нормално е да настанат тензии и да бидат изречени санкции од претпоставените, но тоа не е мобинг. Исто така, не можеме да очекуваме луѓето секој ден да бидат добро расположени. Ако колегите повремено покажуваат некоја иритација, која е прилично уникатна и вообичаена, тоа исто така не е манифестација на мобинг. Мобингот не е конфликт, но е конфликт кој доколку не се решава може да прерасне и резултира со малтретирање и мобинг.
Затоа, на прашањето за мобинг на работното место поголемо внимание треба да посветат и големите и малите компании, бидејќи мобингот штети на физичкото и менталното здравје и негативно влијае на професионалното напредување на вработениот, кој е жртва на мобинг.
Совети за препознавање на мобинг на работно место
Фактори кои би можеле да предизвикаат мобинг се себичност, лични проблеми кои често произлегуваат од проблемите дома, комплекси, љубомора, постигнување успех во кариера и психолошки терор на сметка на друг, настојување за неуспех да се обвинат други.
Однесување кое претставува мобинг:
Соодветната комуникација е нарушена
Жртвата на мобинг се прекинува во текот на говорот, се ограничуваат нејзините можностите за изразување. Во текот на разговорот со жртвата на мобинг, таа се прекинува, и се обраќаат со висок тон, се критикува. Со прекумерната и постојана критика се фрустрира жртвата која почнува да се сомнева во своите способности и ја намалува самодовербата. Во работата и се даваат нецелосни упатства, се задржуваат важни информации за извршување на работните задачи.
Можностите за одржување на социјални односи се нарушени
Се однесуваат како да не постои вработениот кој е жртва на мобингот, се игнорира, не се приметува, се забрануваат контакти со вработениот, се изолира.
Репутацијата на вработениот се загрозува
Вработениот кој е жртва на мобингот е предмет на озборување, исмејување, се шират невистини за него, се имитираат неговите движења, предмет е на подбивни шеги и сл.
Квалитетот на работата, работните резултати и професионалноста на вработениот се оспоруваат
Вработениот кој е жртва на мобингот постојано се критикува, претерано се контролира, му се даваат ниски оценки за работа, му се доделуваат задачи кои се под или над неговите можности.
Здравјето на вработениот се загрозува
Жртвата се присилува да работи работни задачи кои се штетни по нејзиното здравје, без соодветна заштита. Може да се случи да не и се одобри годишен одмор и слободни денови. Можни се и физички закани, сексуална злоупотреба, намерно предизвикување на стрес. Физички напад на жртвата на работното место може да се случи, но поретко поради можноста од кривични казни.
Сајбер мобинг
Се почесто се сретнува во денешно време поради експанзија на интернет комуникацијата и технолошката писменост и е многу подмолен начин на мобинг. Жртвата може да се исмева со поставување на обични видеа или фотографии на социјалните мрежи, независно дали е тоа направено по пат на е-пошта, социјални мрежи, преку мобилен телефон или друг електронски медиум. Овој вид на мобинг често има страшни последици на само за жртвата на мобинг, туку и за членовите на нејзиното семејството.
За жал, вработените најчесто сами изнаоѓаат начин за надминување на интерперсоналните проблеми, поради страв да не го изгубат работното место. Затоа вработените, треба добро да ги запаметат следните знаци кои упатуваат на мобинг, доколку имаат колега за кој мислат дека ги мобира (им врши мобинг):
- постојано се сомнева во Вашите одлуки и ги преиспитува вашите решенија;
- Ви доделува работа што е штетна по Вашето здравје;
- Ви доделува работа под Вашето ниво или работа што ја намалува Вашата самопочит;
- шири гласови и полувистини за Вас;
- Ве озборува со цел да Ви ја наруши репутација и да добие подобра позиција;
- Ве гледа од високо;
- ги имитира Вашите мимики, движења и одење;
- Ве омаловажува и Ви дава навредливи прекари;
- се однесува како да не постоите;
- измислува најразлични приказни, шири невистини за Вашиот приватен живот, Ве исмејува. Мета на исмејување може да биде Вашата фризура, начинот на облека, личниот карактер и физичкиот изглед (дебелина итн.).
- Ве навредува дека не знаете да работите, Ве тера да извршува понижувачки работи, Ве казнува без оправдани причини.
Неколку препораки за вработените:
- Немојте сами да изнаоѓате начин за надминување на интерперсоналните проблеми кои настануваат, поради несигурноста и стравот да не го изгубите работното место и привилегиите. Обратете се до претпоставените во компанијата, кадровските служби, до судските органи;
- грижете се за здравјето. Како последица на психички притисок на работно место и лошите работни услови кои влијаат врз Вашето здравје, се јавуваат кардиоваскуларни заболувања или хипертензија, главоболка, стомачни нарушувања, и завршуваат во посериозни ментални нарушувања.
- не престанувајте да верувате во себе, и не дозволувајте да се сметате себеси за неспособни да ги решите дури и едноставните задачи.
Неколку препораки за претпоставените: Потребна е поголема ангажираност и упатеност на раководителите и менаџерите на ова поле. Вашата улога како претпоставени е клучна, одлучувачка. Темата мобинг на работно место не треба да Ви е непозната и не треба поради некомпетентност и необјективност да го поддржувате мобингот.
„Текстот е објавен на официјалната Блог страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје www.nikogassami.mk “
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Напомена: Последнава реченица задолжително треба да биде објавена, доколку не се објавува сликата која е во прилог на меилот во која е содржана истата реченица.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.