Измина речиси една година од третото издание на DisruptHR Skopje. Настанот се одржа на 22 мај 2025. Доволно време да се слегнат впечатоците, но недоволно да стивне енергијата што ја разбуди настанот. И со третото издание, DisruptHR не беше само уште еден HR собир туку беше платформа за гласови кои ретко се слушаат, но заслужуваат внимание!
Со својата смелост, кратка и ударна форма и теми што честопати се избегнуваат во „коректни“ корпоративни разговори, DisruptHR го продолжи својот курс и да ја предизвика HR заедницата да биде похрабра и поавтентична.
Во ова интервју разговараме со организаторките на настанот Викторија Дамчевска, Татјана Манојловска и Милка Јованова, за тоа што остана после ова издание, кои лекции ги понесе, и – што следува?
Помина речиси една година од DisruptHR Skopje 3.0. Кога денес ќе се навратиш на настанот, што е она што најсилно одекнува во тебе?
Викторија: Минатогодишното издание беше првпат да го подигнеме настанот на едно сосема ново ниво – од самата локација и организацијата, до гостите од странство и говорниците кои, како и секогаш, донесоа навистина инспиративни идеи.
Правејќи рефлексија , најсилно ми одекнува позитивната возбуда и чувство на неверување. Додека сме во процесот на планирање, искрено, никогаш немаш целосна претстава како сè ќе испадне. Но кога настанот конечно се случи, разговарајќи и со Вики и Милка, сите некако бевме во позитивно изненадени – од квалитетот на говорниците што ги избравме, од енергијата во салата и од бројот на луѓе кои дојдоа да бидат дел од приказната.
И денес ми изгледа малку нереално дека ние три, со поддршка од неколку блиски пријатели, успеавме да организираме настан кој веќе станува препознатлив на пазарот. Искрено, минатогодишното издание ни остави и едно убаво „наследство“ – сега the bar is set higher за оваа година, и искрено нетрпеливо го чекам и овогодинешниот DisruptHR 4.0.
Татјана: Сѐуште можам да го почувствувам адреналинот од толку позитивна енергија и возбуда кога ќе се присетам на минатогодишното издание. Ако сум искрена, малку бев во грч пред самиот почеток, затоа што сакавме да го подигнеме настанот на повисоко ниво во однос на претходните две години, но тоа значеше и огромна одговорност пред се’ кон сите кои дојдоа да го следат настанот, потоа кон говорниците кои енергично се подготвуваа и на крај, се разбира, кон спонзорите и поддржувачите кои ни ја дадоа довербата и одлучија да поддржат настанот.
Додека ја подготвуваме салата за настанот, се обидував да направам некаква визуелизација за она што требаше да се случува допрва, но ни од далеку не можев да ја доловам позитивната енергија што ја донесоа луѓето кои дојдоа во толкав број, од инспиративните говорници, од спонтаните моменти…
Се сеќавам дека некој од учесниците ми пријде и ми рече „поставивте многу високи стандарди“. Тоа ни е мотив на сите три оваа година да го задржиме тој стандард, но и да го издигнеме на повиско ниво, зошто да не.

DisruptHR е познат по говори што провоцираат размислување. Од сите презентации на 3.0, кои моменти или пораки ги доживеа како вистински „disrupt“ точки?
Викторија: На наша радост, темите секоја година стануваат сè похрабри. Не затоа што луѓето одеднаш станале покреативни, туку затоа што полека се ослободуваат од она „што ако кажам нешто што не е популарно“. А баш таму почнува вистинскиот разговор и раст, со храброст и ранливост.
Имаше теми за припадност, за автентичност, за водење тешки разговори, за водење тешки луѓе, за улогите што ги играме на работа и во животот. И иако како организатори ги знаевме говорите однапред, јас како публика си заминав дома со обновена љубов кон мојата работа.
Не е поентата која презентација била „најдобра“, туку дека луѓето се осмелија да зборуваат за работи за кои обично молчиме. Ако DisruptHR прави нешто, тогаш прави токму тоа, им дава храброст на луѓето да кажат нешто што инаку не би го кажале.
Милка: Минатата година имавме навистина разновидни теми кои се изнесоа на бината. Сите отворија врата или оставија простор да продолжиш да размислуваш за она што секој говорник во своите 5 минути го изнесе како идеја, како размислување, како поглед од друга перспектива на веќе познати теми.
Динамичното време во кое живееме отвора прашања од типот, што ги задржува и развива луѓето и дали вештачката интелигенција и другите НЛП алатки помагаат или одмагаат. Се зборуваше и за „скокотливи“ теми како скратување на работната недела, за тоа како се избегнуваат тешки разговори на работното место, како и за опасноста од тоа “ghotstingot” да стане ново „нормално“. Се опфатија и теми поврзани со коучинг и умешноста кризата да се претвори во можност која може да се искористи во позитивен правец. Се изнесоа идеи кои отворија нови перспективи дека наместо да градиме култура на вклопување, треба да ја насочиме енергијата кон градење на чувството припадност и отклучување на човековиот потенцијал. А како да го постигнеме сето тоа? Така што ќе почнеме од себе.

Понекогаш најискрените фидбеци доаѓаат неколку дена подоцна. Кој коментар од публиката ви остана најмногу во сеќавање и зошто?
Татјана: Имавме навистина многу позитивни коментари, и искрено – токму тие нè одржуваат со оваа пасија да продолжиме да го организираме настанот. Фидбек добивавме и на самиот настан, а и подоцна преку социјалните мрежи, особено околу организацијата, што многу ни значеше.
Но, она што мене лично најмногу ми остава впечаток е кога и говорниците и публиката ќе направат референца на некој од говорите од претходната година. Во тие моменти навистина чувствуваш дека пораките од сцената не завршиле со аплаузот.
Тоа е најубавата потврда дека говорниците кои сме ги имале на нашата сцена дошле со храбри идеи – идеи кои не само што инспирирале во моментот, туку поттикнале разговори и размислувања и многу подоцна. За нас како организатори, тоа е веројатно најголемиот комплимент.
Викторија: Минатата година искрено бевме во мал шок од бројот на позитивни коментари, ни требаа денови да се соземеме. Вложивме огромен труд со месеци и кога слушаш дека „настанот изгледа светски“ или дека „секое издание е неколку нивоа над претходното“, тоа ти дава и огромно задоволство, но и огромна одговорност.
Но, најмногу ќе се сеќавам на еден момент кога еден од говорниците, гледајќи како салата се полни, во трема рече: „Не очекував дека ова е олку големо“. Тогаш сфатив, да, ова веќе не е мал настан. Ова станува нешто што расте, и се надеваме дека ќе расте уште повеќе.
Од позиција на публиката сè изгледа лесно и спонтано, но сите што имаат искуство со организација на настани знаат дека зад сцената е друга приказна. Кои беа најголемите организациски предизвици на 3.0 и што научивте како тим?
Татјана: Зад сцената, особено пред настанот има доста предизвици и динамика. Една од најважните работи што мене лично ме научи овој процес е да побарам помош кога е потребно. Така, на самиот ден од настанот, во организацијата се вклучија и неколку наши блиски луѓе кои ни помогнаа сè да функционира непречено.
Но, можеби најголемата лекција за нас како тим беше довербата. Кога работиш во мал организациски тим, едноставно немаш простор постојано да се препроверувате. Потребно е да си верувате еден на друг дека задачата што некој ја презел ќе ја заврши квалитетно и навреме дека секој ќе го донесе својот дел од мозаикот. Можеби еден ден треба и ние да направиме еден Disrupt говор на темава. 🙂
Милка: Трето издание беше сериозен проект кој си го поставивме. Знаевме дека нема да е мал залак и затоа уште од самиот почеток направивме план со јасно подели задачи и обврски.
За мене, а мислам дека и Тања и Вики ќе се сложат, веројатно најголемата поука беше дека во време на кратки рокови и тесни избори, треба да се прави компромис.
Многу е интересно што сите три сме различни по карактер и веројатно токму тоа е нашиот рецепт за успешно завршена работа.
DisruptHR со текот на времето создава своја заедница. Дали чувствувате дека околу настанот се гради јадро на луѓе кои се враќаат секоја година?
Викторија: О да, и тоа на наша огромна гордост. Секоја година гледаме сè повеќе исти лица, но и многу нови. Луѓе ни пишуваат сами, прашуваат кога ќе биде следното издание, нудат помош, нудат идеи и тогаш сфаќаш дека ова веќе не е настанче што си го организираме, туку веќе сме оформиле заедница.
Искрено, градењето на таа заедница е главната причина зошто уште го организираме DisruptHR. Настани има многу, но заедница се гради многу тешко. А ние имаме чувство дека околу DisruptHR се гради токму тоа: заедница на луѓе кои сакаат да размислуваат поинаку.
Милка: Би рекла да. Забележуваме дека меѓу посетителите има луѓе кои се дел од настанот уште од првото издание. Тоа особено не’ радува, драго ни е што луѓето ја препознаваат и ја поддржуваат бунтовноста.
Оваа година DisruptHR Skopje ќе се одржи по четврти пат. Што можеме да очекуваме од DisruptHR Skopje 4.0 и како ќе се разликува од претходните изданија?
Викторија: Секоја година си ветуваме дека нема да си направиме животот потежок и секоја година сепак си поставуваме повисоки стандарди. Оваа година почнавме многу порано со организација, направивме навистина внимателна селекција на говорници и воведуваме неколку нови активности за публиката.
Најважно од сè, го слушнавме фидбекот од претходните години и се обидовме да го претвориме во конкретни подобрувања.
Без да откривам премногу, можам да кажам дека DisruptHR 4.0 ќе биде поенергичен, поинтерактивен и можеби најхрабар досега.
Татјана: Со самото тоа што оваа година почнавме многу порано со подготовките, веќе се чувствува возбудата околу настанот. Минатогодишното издание искрено ни ги подигна стандардите – прво во нашите сопствени очи – и сега и самите си поставуваме уште повисоки очекувања додека сме во креативниот процес како ова издание да биде уште повпечатливо.
Веќе ги имаме избрано говорниците и навистина сум многу горда на квалитетот на луѓето кои ќе застанат на сцената оваа година, како и на темите за кои ќе зборуваат. Станува збор за реални идеи и реални предизвици – теми кои верувам ќе нè натераат сите малку подлабоко да се замислиме.
Како што разговарам со говорниците околу нивните презентации и ја гледам страста со која ги подготвуваат, станувам сè понетрпелива да ги видам на сцената! Имаме само уште 30-тина дена.
Знаеме дека DisruptHR не е класична конференција. За некој што никогаш не присуствувал, како би му објасниле што го прави овој настан поразличен?
Милка: Да не велам по трет пат, дојдете да видите за што зборуваат луѓето од ЧР кога не се работа 😀 (ете пак реков, хахаха)
DisruptHR е место на слободен говор, на изнесување храбри ставови и споделување бунтовни идеи. Овде многу веројатно ќе ги слушнеш работите кои не се осмелуваш да изговориш гласно, а си ги помислил барем еднаш. Притоа имаме специфичен формат, 5 минутен говор, проследен со 20 слајдови кои се менуваат на 15 секунди. Кратко, прецизно и со поента.
Викторија: Јас често велам дека DisruptHR е HR анти-конференција. Форматот е таков што ги тера луѓето кои инаку сакаат да зборуваат долго, да кажат сè што имаат во 5 минути. Тоа значи: без филери, без корпоративен речник, без празни зборови : само идеја и став.
Овој настан ги тера луѓето да бидат храбри, малку бунтовни и да провоцираат размислување. И нешто што не се спомнува доволно: DisruptHR е и многу забавен настан. Луѓето доаѓаат да научат нешто, но остануваат затоа што атмосферата е поразлична од сè што се случува кај нас во HR светот.
Ако треба со една реченица да ја опишете атмосферата што сакате да ја почувствува публиката на DisruptHR Skopje 4.0, која би била таа?
Пред сѐ да уживаат и да им биде забавно, но и да се предизвикаат да размислуваат поинаку, да се мотивираат да дејствуваат.
За крај, ако некој сè уште се двоуми дали да дојде на DisruptHR Skopje 4.0, што би му рекле?
Доколку сакате да бидете дел од овој настан, набавете го вашиот билет тука, https://www.disrupthr-mk.net/
Ве очекуваме!